Home / Колумни / Кога опозицијата би била власт

Кога опозицијата би била власт

Доколку Македонија сака да напредува кон Европа и да стане модерна и цивилизрана европска држава,  со државата треба да раководи опозицијата.

Ваков совет деновиве ми даде еден мој почитувач на моите писанија.

И навистина слушајќи го внимателно неговиот совет видов многу логика во таквиот негов  предлог.

Образложувајќи го својот предлог почитувачот на моите писанија ми вели дека кога политичарите се на власт исклучиво размислуваат како да си ги решат своите лични и приватни проблеми и  да ги остварат барањата и интересите на партијата и партиското раководство.

Тогаш,  интересот на народот и народните проблеми за нив се задна дупка на свиралото.

Но кога ќе паднат од власт и кога ќе се најдат во опозиција,  тогаш тие ја менуваат плочата и  размислуваат во интерес на народот и се залагаат за решавање на нивните народни  проблеми.

Дека има многу логика во ваквото мислење на мојот пријател во изминатиот период сум се уверил многу пати.

А најдобрата верификација на неговото тврдење го гледаме деновиве, кога  по смената на власта пратениците од опозицијата, кои до пред само нешто повеќе еден  месец беа власт, беспоштедно се борат против се што пред тоа тие го практикуваа.

Сега на  опозиционите паретници од ВМРО ДПМНЕ пена устата им фати од безбројните критики против Кабинетот на Заев за партиски реваншизам, политички мотивирани бркања од работа, политчки прогон, партизирано судство, енормно задолжување на државата со кредити, уништување на економијата, стопирање на безброј капитални проекти, погубните политики во здраството, образованието, економијата…па дури и пожарите  во депониите и земјотресите во Македонија.

Слушајки ги деновиве нивните прес конференци  си мислам каде беа овие луѓе до сега. Како да не се од Македонија.

Кога СДСМ како опозициона партија со ист речник и слични аргументи ги критикуваше  погубните политики на Груевски и неговата “фамилија “ за енормно задолжување на државата, за партиски вработувања, за чистка на кадрите на СДСМ, за политички прогон на неистомислениците, за партизирано судство,државен рекет и организиран криминал… тогаш пратениците од ВМРО ДПМНЕ го тврдеа тоа што сега го промовираат нивите колеги од СДСМ, дека нема ништо од тоа и дека таквите критики се неаргументирани и не се ништо друго, туку чист популизам.

Со слични, ако не и исти аргументи пратениците во зависност од тоа во каква улога се најдуваа(т) се напаѓаа(т) и бранат сите овие години.

Затоа можеби има логика во тврдењето на мојот соговорник дека кога опозицијата би ја водела државата  тогаш Македонија ќе стане вистински рај за живеење и Швајцарија на Балканите, демократска, правна и европска држава, во која судбината на  граѓаните наместо политичарите ќе им ја креираат институциите.

Но за жал, како што сега стојат работите ќе треба низ македонските реки да протечат уште многу води за да се случи тоа во Македонија и македонските  политичари  кога ќе станат власт да размислуваат со главата на народот, со чиј глас тие се нашле таму каде што сега се, да бидат креатори на нашата судбина.

Во таква ситуација сосема нормално е што  народните избраници во настојувањето да му укажат на својот политички противник кој е и што е, си реплицираат меѓу себе дека кога биле власт тие така се однесувале. На тој начин власта како да сака да си обезбеди алиби за своите постапки, па на критиките за сегашното ниво владеење возвраќаат дека тие од нив така научиле да владеат. И така во круг. Цели 26 години од нашата независност.

Кога кај нас политиката е се и кога луѓето се ценат исклучиво по политичката припадност,а не по својата способност и знаење, тешко може да се каже кој е во право, без да не бидеш веднаш обвинет дека тоа што го пишуваш или говориш го правиш политички побуди.

Ни најпедантните политички хроничари, не паметат кога некој народен избраник наместо партиските ги бранел народните интереси и кога  бил контра партискиот став.

Јас лично не паметам такво нешто. Или таквите ситуации ги има(ло) толку малку што не се сеќавам.

Напротив има многу примери кога народни избранци, дали тоа биле во Парламентот, или Советот, најчесто  сосема поинаку интимно мислеле но жестоко го бранеле ставот на партијата, или лидерот.

А кога наместо со својата се размислува со главата на лидерот и партијата тука нема разум. Тогаш зборува интересот, најчесто партискиот, преку кој многу класични анонимуси направиле таква политчика, или животна кариера, каква што не можеле ни тие самите во најубавите соништа  да си замислат.

Деновиве за време на мојата посета на Бигорскиот манастир, отецот Партениј, цитирајќи го Св. Апостол Павле ми рече.„Сѐ ми е позволено, но не ми е сѐ од полза”.

Но изгледа македонските политичари не го делат таквото мислење и мислат дека  се им е позволено за да дојдат до лична своја полза.

На крајот наместо заклучок. Добро е што во политиката има доаѓање и паѓање од власт, Белким токму тоа многумина ќе ги натера да го сменат своето поимање на политиката.

Но мислам дека како што одат работите тешко нешто ќе се промени.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*