Home / Свет / Кога умре Јосип Броз Тито?

Кога умре Јосип Броз Тито?

„Почина другарот Тито!“, пред 37 години со солзи во очите на ТВ Дневникот изговори спикерот Миодраг Здравковиќ. Цела СФРЈ плачеше, загубата на другарот Тито беше вистинска трагедија иако се знаеше дека Јосип Броз Тито е тешко болен.
Години подоцна се испостави дека Државната безбедност, по налог на тогашната врхушка, со месеци криела што всушност се случува.

Дали Тито навистина умре на 4 мај? Дали, можеби, умре порано, во текот на празникот? Ако веќе многу години ја залажуваа јавноста за датумот на неговото раѓање, зошто не би лажеле и за датумот на неговата смрт?

При крајот на април членовите на лекарскиот конзилиум соопштуваа за мало стабилизирање на состојбата на претседателот. Мнозинството граѓани тогаш празничните денови ги преобразија во пократок “одмор” се до 5 мај. Дводневните првомајски празници се празнуваа во четврток и петок. Кога во неделата на 4 мај попладне луѓето се вратија дома, на телевизиските екрани ги видоа сериозните лица на спикерите со црни вратоврски, а на радио пуштаа камерна музика. Стигна веста која сите ја очекуваа со стравување: претседателот Јосип Броз Тито почина!

Дали Тито навистина умре на 4 мај? Дали, можеби, умре порано, во текот на празникот, а политичкото раководство не сакаше на граѓаните да им го скратува празникот? Ако веќе многу години ја залажуваа јавноста за датумот на неговото раѓање (роден е на 7 мај 1892 година, а официјално за негов роденден беше прогласен 25 мај, кој истовремено беше и Ден на младоста), зошто не би лажеле и за датумот на неговата смрт?

Постојат и други, сосема практични причини, поради кои привремено би се криел датумот на неговата смрт. Објавувањето на смртта на Тито подразбираше повеќето граѓани да бидат на своите работни места, како што неколку месеци порано беше планирано, да ја извршуваат својата работа и да се грижат за “безбедноста”. Ако смртта на Тито ги затекнеше на одмор, далеку од дома, би дошло до сообраќаен колапс и проблеми од техничка природа, зашто луѓето не би можеле да дојдат до своите работни места. Безбедносниот привид на масовни дежурства во претпријатијата траеше повеќе месеци и беше сосема непотребен. Никаде немаше демонстрации или какви било политички провокации од кои се плашеа властите.

Станислав Довган потврди дека Тито навистина умрел на 4 мај во 15,05 часот. Кризата траеше уште од утринските часови и се укажуваше на тоа дека југословенскиот претседател ги преживува последните часови. Довган тврди дека наутро на 4 мај бил покрај постелата на претседателот, додека се уште бил жив – барем тоа го покажувале инструментите за интензивна нега. Слично тврди и долгогодишниот готвач и собар Јожеф Осели, кој со сопругата Метка се грижел за личниот комфор на Тито во последните осум години се до смртта. Осели беше задолжен и за снабдувањето на “Синиот воз”, кој на 5 мај 1980 година го носеше ковчегот на Тито од Љубљана до Белград.

На 4 мај, по подолгата утринска криза, состојбата на Тито дополнително се влошила. Тогаш неговите придружници заминале дома, како и Довган, кој веста за смртта на претседателот ја слушнал на семејниот ручек. Не ни преостанува ништо друго, освен да му веруваме. Ако Тито навистина умрел тогаш, неволно на своите граѓани им ја направи и последната услуга.

Угледен словенечки лекар со повеќегодишна практика и искуство во лекувањето важни личности, кој во 1980 година стажирал во Клиничкиот центар и немал пристап на седмиот кат каде се лекуваше Тито, смета дека постојат повеќе можни датуми за смртта на Тито. Прв е тој дека Тито навистина умрел на 4 мај во 15,05 часот, како што и официјално беше објавено и како што ни потврдија Довган и Осели. Исто така, е можно, смета спомнатиот лекар, дека Тито умрел порано, но дека тоа не сакале да го објават од крајно практични причини, за да се избегне проблемот на масовното и неочекувано враќање на луѓето од одмор. Исто така, постои и можност во потесниот политички круг да се договориле на 4 мај, едноставно, да го исклучат од апаратите за интензивна нега, зашто на 24 април, како што е запишано во дневниот билтен, претседателот паднал во коматозна и состојба на шок, и, веројатно, дошло до “клиничка смрт”. Продолжувањето на агонијата веќе немало никаква смисла.

“Не е можно”, тврди Довган, “кој било поединец или политичка група од тогашниот политички и државен врв да се осмелиле да ја прекинат таа мачна и безнадежна агонија со исклучување на апаратите кои го одржуваа Тито во живот. Во државата немаше авторитет кој би се осмелил да направи такво нешто. Кој би можел да го направи тоа? Доланц, Дороњски, Колишевски, Љубичиќ? Немаше таков јунак”, е убеден Довган. Иако во тој миг тоа би било хумано и разумно, бидејќи долготрајното умирање на Тито беше вистинско мачење за неговото семејство и неговите најблиски соработници. Неговата агонија, исто така, имаше и политичка цена и тежина, зашто животот во вонредни околности самиот по себе беше значително отежнат.
Никој не би се осмелил да го притисне копчето и така симболично да го “убие Тито”, упорен е Довган. Тито пред смртта беше приклучен на респиратор, на апарат што ги снабдува белите дробови со кислород. “Клиничката смрт” настапува кога ќе прекине мозочната активност. Фактички, тоа претставува крај, иако срцето се уште чука. Човек може да се одржува во живот со помош на апарати се додека срцевиот мускул издржува. Тоа им се случува на луѓе кои имале тешки сообраќајни несреќи, кога неповратно ќе го повредат мозокот. Како што ни кажа овој лекар, по клиничката смрт состојбата на организмот е безнадежна и нема никаква смисла да се одржува работата на срцето. Со исклучување на апаратите престанува работата на срцето и тоа е конечна смрт.

Обдукциониот наод потврдува дека на Титовата десна подлактица бил направен отвор низ кој во вената му била ставена сонда што достигала до левата страна на срцето и служела за електрична стимулација на срцевиот мускул. Тоа значи дека лекарите направиле се за вештачки да му го продолжат животот на Тито. Подоцна, при обдукцијата патолозите заклучија дека дошло до толку сложени дегенеративни промени какви што ретко се забележуваат во практиката. Во април 1981 година лекарите го дадоа последниот извештај за болеста и смртта на Тито; тогаш беа пофалени за успешното вештачко продолжување на животот на претседателот. Но, каква смисла имаше тоа?

Според сведочењето на Јожеф Осели, Тито непосредно пред смртта на 4 мај во негово присуство изговорил неколку зборови. Обдукциониот наод потврдува дека Тито немал ниеден заб; се разбира, протезата во текот на интензивното лекување му ја извадиле од устата. Во грлото имал метална сонда за довод на воздух, така што неговите зборови биле сосема неразбирливи. Исто така, е сигурно дека клиничка смрт дотогаш немал доживеано, зашто во тој случај ни за миг не би можел да се освести и да ги изговори тие неколку зборови што ги слушнал Осели. Што го мачело Тито во тој миг, што сакал да каже пред самиот крај? Дали тоа биле лични работи, спомен на најмилите, или во тој миг преовладувала обземеноста со политичките цели?
Југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во есента 1934 година кога заговорниците го убиле во Марсеј, наводно пред самата смрт на својот аѓутант му рекол: “Чувајте ми ја Југославија!”. Последните зборови на Тито останаа тајна.

Кога млади луѓе ќе паднат во кома, можат полесно да се изборат, зашто нивниот метаболизам е поефикасен; многумина се будат по повеќе месеци и продолжуваат да живеат нормално. Во овој случај се работеше за пациент на возраст од речиси 90 години, со тешка шеќерна болест. Како што подробно известуваа дневните билтени на лекарскиот конзилиум, Титовите органи откажувале еден по друг, а неговото здравје од ден на ден станувало се полошо. Отежнато му работеле бубрезите и белите дробови, а му откажувале и црниот дроб и срцето. Во таква состојба во организмот се натрупуваат отрови кои болниот веќе не може нормално да ги излачува, следуваат воспаленија и неизбежниот крај.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*