Home / Градска хроника / Комуналните такси поефикасни од багерите?

Комуналните такси поефикасни од багерите?

Голем број сопственици или ги издаваат или ги продаваат киосците, а оние што не можат да го направат тоа, за да ги избегнат давачките за комунални такси, кои за одредени зони во зависност од квадратурата изнесуваат и повеќе од 6.000 денари месечно, ги дислоцираат киосците во своите приватни дворови, или ги носат на село, а некои и ги демонтираат.

Повеќе од 20 години го одржував киоскот што го наследив од мојот татко. Иако „бизнисот” не одеше секогаш најдобро и често ја менував дејноста, сепак некако се крпевме, излегуваа пари колку да ги платам давачките и за една скромна плата. Иако објектот беше од привремен карактер, сметав дека со моето семејство трајно ќе живееме од него. За жал, откако го донесоа новиот ценовник за комуналните такси ми дојде решение да плаќам по околу 6.000 денари месечно за такси. Пробав, но не одеше и одлучив, по речиси повеќе од две децении, да го затворам киоскот. Иако ништо не работев и киоскот почесто беше затворен отколку отворен, продолжија да ми стигнуваат опомени од градот за плаќање на комуналните такси. Да не зборувам дека од инспекциите и од заканите за казни глава не можев да кренам. Откако видов дека нема ништо од „бизнисот” и кога не само што не можев да го издадам туку не можев ни да го продадам за смешни цени, одлучив да го отстранам киоскот и да го однесам на село. Сега не знам што ќе правам и како ќе се прехранеме јас и моето семејство. Изгледа дека заедно со киоскот и јас ќе морам да се преселам на село доколку сакам да извадам пари за егзистенција, ни ја објаснува својата мака П.К., сопственик на привремен објект кај битолски Баир.
Наместо општината, тој сам си повика кранови и го отстрани киоскот, кој го однесе во своето родно село.

Комуналните такси повисоки од закупнините

Иако не е иста, сепак за состојбата со привремените објекти во Битола уште поилустративна е приказната на пензионерот Ј.Б. од Нова Битола, само што тој, за разлика од П.К., не знае каде да го дислоцира својот привремен објект, кој повеќе од една година е затворен и плаќа комунални такси повисоки дури од закупците што во новиот пазар држат новоизградени дуќани.

vremeni objekti 2

– Долги години од објектот живеевме не само јас и моето семејство туку и семејствата на моите две деца. Беше добро сѐ додека во близината на нашиот киоск не го изградија „Веро” и не проработи новиот градски пазар. По нивната изградба падна прометот, а и јас остарев, па почнав да го издавам објектот под кирија. Се менуваа кираџии и сите по малку ме закрпуваа во трошоците. Но откако ги зголемија комуналните такси и откако си замина и последниот кираџија, јас навистина не знам што да правам со објектот. Да водам бизнис не можам, бидејќи веќе сум стар, под кирија не можам да го издадам, бидејќи барем во овој дел на Битола има празни дуќани колку ти душа сака, а ваму секој месец за комунална такса треба да плаќам најмалку по 6.000 денари. Веќе неколку месеци јас издвојувам од мојата пензија за да ги платам обврските спрема општината и затоа одлучив да го продадам објектот, но во оваа криза никој не го купува, а не можам ниту да го издадам за кирија со која барем би ги плаќал комуналните такси. Во таква ситуација навистина не знам што ќе правам со киоскот – ни вели Ј.Б.

Слична мака како двајцата наши соговорници имаат и голем број други сопственици на киосци во Битола. Ако се изземат неколкумина што се на добри локации и на кои навистина добро им оди бизнисот, најголемиот број сопственици на киосци во градот под Пелистер едноставно не знаат што да прават со привремените објекти.

Масовно затворање или продавање

Многумина од нив откако не се офајдија од бизнисот одлучија да ги издаваат или да ги продаваат привремените објекти. На удар се киосците дури и во самиот центар на градот, и тоа на локации што порано важеа за најпрофитабилни.

– Одлучив да го продадам киоскот. Веќе не оди. Од продажба на весници, мастики или цигари веќе не се живее. Сите весниците ги „читаат” на телефон, а падна и продажбата на цигарите, бидејќи сите што пушат купуваат цигари на црно, без бандероли – ни вели М.П., сопственик на киоскот во строгиот центар на градот.

И навистина, покрај економската криза што ги погоди сите, новите цени што ги усвои Советот на општината Битола за плаќање комунални такси, кажано со јазикот на иронијата, по сѐ изгледа трајно (ќе) го решат проблемот со привремените објекти во Битола. Голем број сопственици или ги издаваат или ги продаваат киосците, а оние што не можат да го направат тоа, за да ги избегнат давачките за комунални такси, кои за одредени зони во зависност од квадратурата изнесуваат и повеќе од 6.000 денари месечно, ги дислоцираат киосците во своите приватни дворови, или ги носат на село, а некои и ги демонтираат.
Во општината Битола тврдат дека новите цени за комунални такси ставија ред со привремените објекти, но цените се усвоени од Советот на општината и тие се различни, во зависност од зоната во која се наоѓаат во градот.

– Битола е поделена на една екстра-зона, која го опфаќа Широк сокак, и три други зони. Комуналната такса е највисока за привремените објекти што продаваат алкохол и храна во самиот центар на градот, поточно на Широк сокак, каде што изнесува 500 денари по квадрат месечно, а во центарот на градот за ваквиот тип објекти цената изнесува 300 денари. Додека во втората зона цената се движи до 150 денари, а во неурбанизираните делови на градот 50 денари за квадратен метар – објаснуваат надлежните во градот.

Во општината Битола тврдат дека цените за комунални такси што ги изгласаа советниците се реални и не се високи, но тие не можат да ги учат сопствениците како да ги менаџираат своите киосци и што ќе продаваат. Тие тврдат дека на некои сопственици на привремени објекти им оди многу добро и постојано се прошируваат.
– Ние им ги издаваме објектите за период од пет години. По пет години никој не им гарантира дека привремените објекти ќе ги зачуваат. Свесни сме за проблемите на некои сопственици што тешко се снаоѓаат во бизнисот, но тоа се цени што ги донесе советот и засега никој не мисли да ги менува – велат во комуналното одделение на општината Битола.

Затворени а плаќаат такса

Тоа што во овој момент најмногу ги мачи сопствениците на киосците или привремените објекти е што мораат да плаќаат комунални такси и во време кога нивните објекти се затворени и не работат. Во тој случај тие мораат обврските да ги плаќаат или од своите пензии или, доколку не сакаат да им бидат блокирани жиро-сметките на нивните фирми или трансакциски сметки, мораат да се зајмуваат, па дури и да подигнуваат кредити за да си ги платат давачките кон општината. Во таква ситуација во моментот најисплатливо решение е самите сопственици „привремено” или трајно да си ги отстранат своите привремени објекти за кои мислеа дека ќе бидат трајни.
Битолчани што ги следат работите од страна во врска со овој актуелен проблем коментираат дека токму поради таквата „свест” на сопствениците на привремените објекти градоначалникот на Битола, Владимир Талески, ја нема главоболката на својот колега од Струга, Зијадин Села, па со багери да им ги отстранува привремените објекти. Во Битола комуналните такси излегоа поефикасни од багерите и од крановите на Села во Струга.

М.Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*