Home / Колумни / Кванташки пазар или независно судство

Кванташки пазар или независно судство

Македонското (право)судство повторно е на обвинителна клупа.

Случаите со аболицијата на владиката  Јован Вранишковски,  по барање на директорот на затворот во Идризово,  одлагањето  од спроведување во затворот во Идризово на експремиерот и лидер на СДСМ, Владо Бучковски, на одлежување на казната затвор во траење од две години, како и експресното затворање на новинарот на “Нова Македонија“, Томислав  Кежаровски, уште еднаш го ставија македонското судство на обвинителна клупа.

Иако старо и непишано правило е судските одлуки да не се коментираат, сепак со овие три пресуди македонското (не)зависно судство си пресуди самото себе и доживеа тежок удар од кој прашање е дали некогаш ќе се опорави.

 

Иако секој од овие три судски случаи е засебен случај, сепак она што им дава право на обичните смртници да се сомневаат во независноста  на македонското (право)судство е што во овие три случаи  имаше селективен пристап.

 

Како инаку да се толкува случајот со единствениот и досега непознат  случај во македонското судство,  осудениот владика Јован, кој со правосилна пресуда е осуден за финансиски криминал, да биде ослободен по барање на управникот на Затворот!?

Треба да се биде премногу несериозен и наивен да се верува дека на управникот на Затворот во Идризово, Пејковски, така му текна, поради добро владеење да побара од Основниот суд во Скопје, Јован Вранишковски да биде условно ослободен од одлежување на казната затвор.

И на врапчињата на  гранките им е јасно како ден дека до ослободување на Јован дојде по посетата на руските великодостојници, кои, не само од државните  власти, туку и од црковните органи, побааа негово итно ослободување.

По таквата ненадејна и тајна посета се бараше само начин како сето тоа  “правно“ да се изведе.

Иако Основниот суд во Скопје имаше право да не го прифати барањето на управникот на Затворот, сепак тој експресно го прифати, а Обвинителството се откажа од жалба, со што се отвори патот до слободата на српскиот егзарх  Јован.

 

Колку што мене ми е познато и вториот случај, исто така, е непознат во македонското правосудство. Иако експремиерот, Владо Бучковски, ги исцрпи сите правни лекови за одлагање од служење на затворската казна, сепак тој и натаму е на слобода, бидејќи судот го прифати неговото барање за одлагање на одлежувањето на казната за да ја завршел студиската година.

Доколку добро се сеќавам ова е единствен  случај, осуденик, кој има правосилна судска пресуда за криминал, тежок милиони евра, да го одолговлекува одлежувањето на казната затвор, наводно, заради тоа што требало да ги заврши испитните сесии со студентите.

Ваквото објаснување не само што е смешно, туку е и крајно несериозно, ако се знае дека со правосилноста на пресудата од две години затвор експремиерот Владо Бучковски, автоматски го губи работното место.

Јас не знам, а верувам дека и на многумина тоа не им е јасно како еден осуденик, со правосилна  судска  пресуда од  две години ефективен  затвор, ќе ги воспитува студентите!

И додека македонската јавност се чудеше од пазарот што беше направен за одлагањето  од одење в затвор на Владо Бучковски, дека кај нас судските пресуди се донесуваат и спроведуваат по онаа маркетнишка реклама  на скопската пиварница “Скопско и се е можно“, најдобра потврда е експресното спроведување  во затворот во Шутка,  на новинарот Томислав Кежаровски.

Иако  Кежаровски се уште ја немаше добиено пресудата на Апелацио-ниот суд од страна на судските курири, само по еден ден,  нему истата му ја врачија вечерта полицајците и експресно му ги ставија лисиците за да го спроведат во скопскиот затвор.

Експресното спроведување на Кежаровски во Шутка, е само уште една потврда за селективното применување на правдата во македонското судство.

За разлика од  Бучковски,  Кежаровски, иако со делото за кое е осуден не на-правил никаков криминал и не може да добие третман на криминалец, ја немаше таа “среќа“ да бара одлагање за издржување на казната затвор, ниту пак честа сам доброволно да замине на долежување на затворската казна.

Со пресудата на Кежаровски, Македонија покрај Турција, Белорусија и Русија, е четвртата земја во Европа  во која новинар за напишан текст е осуден на казна затвор.

За Кежаровски не помогнаа сите апели на домашните и странските новинарски здруженија за поништување на пресудата. Македонското правосудство пресуди  во неговиот случај да оди до крај и да го осуди на затворска казна.

 

Иако судството во Македонија смета дека со ваквата пресуда тоа само уште еднаш ја потврди девизата дека сите граѓани во Македонија пред законот се еднакви и дека новинарите не можат да бидат во никој случај привилегирани, сепак, со оваа пресуда, Македонија си пресуди самата себе и се вброи во земјите каде е  заробена и загрозена  слободата на говорот и мислата.

“На Македонија и требаат сериозни луѓе за сериозни времиња“ милуваше во некое блиско минато да каже државникот Црвенковски и пред неколку години за да ја “спаси“ Македонија, одлучи да го ослободи и од затвор својот партиски другар Зоран Заев, осомничен за криминал вреден над 7 милиони евра.

Кога за слобода и демократија се борат политичарите знаеме какви се пресудите.

Ова е време за сериозни судии, бидејќи тие како независна власт треба да им ја гарантираат слободата и независноста на граѓаните.

Еден ден од ваквите судски пресуди ќе се срамиме сите, а најмногу судиите.

Но, се плашам дека за сите нас ќе биде премногу доцна.

 

Автор:  Менде Младеновски 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*