Home / Економија / Дефектите во РЕК „Битола“ ја тресат политичката сцена во градот

Дефектите во РЕК „Битола“ ја тресат политичката сцена во градот

Рударско-енергетскиот комбинат „Битола“ повторно стана тема за локално политичко поткусурување меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ откако претставниците на опозицијата во градот под Пелистер обвинија дека поради несоодветно работење еден од блоковите во РЕК повторно испаднал од енергетската мрежа. Локалната власт и менаџментот на ЕЛЕМ одговорија дека станува збор за несериозни обвинувања.

rek bitola

– Со последното испаѓање на „Битола 2“ од мрежата се поставува прашањето што се случува со РЕК и дали овој најголем електроенергетски капацитет во државата е пред колапс. Деновиве од мрежата испадна „Битола 2“, пред тоа надвор од функција од 6 октомври до 11 јануари беше „Битола 1“ цели 105 дена. Потоа следуваше испад на „Битола 3“. Со вакви дефекти РЕК „Битола“ е како темпирана бомба и претставува голема опасност не само за електроенергетската стабилност на државата туку и за безбедноста на вработените – рече Васко Ковачевски, пратеник од СДСМ, кој наедно предупреди и на лошата состојба со количествата јаглен на депонија.

vasko kovacevski

  Васко Ковачевски од СДСМ

 
Тој додаде дека во бункерите за складирање има јаглен само за 3-4 дена работа на сите блокови заедно и дека квалитетот на доставениот јаглен е под минималните стандарди, се транспортираат земја и кал, а се надоместува со користење мазут.
– Ако во 2004, 2005 и 2006 година во просек се користеа 13.000 тони мазут на годишно ниво, лани ова количество неколкупати беше зголемено. Во 2013 година се потрошени 30.000 тони мазут, а во 2014 година се очекува пресметките да покажат зголемување. Комбинатот е во очајно катастрофална состојба, иако за реконструкцијата на блоковите се потрошени стотици милиони евра народни пари. Ова резултира со намалено домашно производство на струја и ја наметнува потребата од увоз на струја од странство. Бидејќи еден од столбовите на електроенергетскиот систем во Македонија е во постојани дефекти, а проблематично работат и другите енергетски капацитети на ЕЛЕМ, прашање е кога ќе слушнеме за ново покачување на цената на електрична енергија – предупреди Ковачевски.

 

Смешни обвинувања
Ваквите обвинувања владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги оцени како несериозни и како чиста шпекулација.

 

igor hadzievski

Игор Хаџиевски од ВМРО-ДПМНЕ 

 

– Кога опозициската СДСМ сака да покаже дека е жива во Битола и дека постои, обично држи прес-конференции пред РЕК „Битола“ и со години ја плаши не само битолската туку и македонската јавност со наводната нестабилност на комбинатот. Но времето покажа дека не само што РЕК не колабира туку тој и натаму останува најстабилен електроенергетски капацитет во државата, кој произведува електрична енергија според енергетските планови – вели секретарот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Хаџиевски.

 

Од своја страна, раководството на ЕЛЕМ ги нарече обвинувањата на СДСМ смешни и несериозни.
– Дека РЕК „Битола“ се наоѓа пред колапс, најблаго речено, е несериозна констатација од партија што себеси се смета за сериозна опозиција.

Поради регистрирано техничко отстапување од номиналните параметри во работењето на ТЕ „Битола 1“, во текот на октомври овој капацитет беше исклучен од електроенергетската мрежа и веднаш почнаа интензивни активности за нивно приспособување. Стручни и експертски екипи од термоцентралата интензивно работеа на целосно оспособување на термоблокот, тој во најкраток можен рок е оспособен и вклучен во ЕЕС на државата и произведува во согласност со потребите – велат во ЕЛЕМ.
Оттаму додаваат дека застојот на ТЕ „Битола 2“, кој бил предизвикан од екстремно ниските температури, траел само 10 часа, по што блокот бил вклучен во редовно производство.

 

Исклучувањето е неодминлив дел од работењето

 

– Што се однесува, пак, на најновото исклучување на „Битола 2“, тоа е направено плански, во насока на целосна оптимизација на параметрите на котелот по извршената реконструкција и модернизација, по што блокот повторно ќе влезе во редовно производство. Понатаму, наполно е неточно тврдењето дека на депонија, а не во бункерите, има резерви на јаглен за само 3- 4 дена работа на блоковите, бидејќи резервите на јаглен се многу поголеми. Резервите се на планираното ниво, а дневното производство на јаглен е поголемо од предвиденото за предметниот период. Во однос на мазутот, тој се користи во процесот на производство и очекувано е зголемена неговата употреба поради потребата од целосна оптимизација и приспособување на техничко-технолошката опрема – велат во ЕЛЕМ.
Во компанијата додаваат дека исклучувањето на блоковите во РЕК „Битола“ во изминатите 30 дена било неодминлив дел од работењето, бидејќи станува збор за сложен и комплексен процес на производство, во кој се обединети многу техничко-технолошки компоненти.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*