Home / Uncategorized / Министерот Сугаревски:Ќе продолжи изградбата на пругата Битола – Кременица

Министерот Сугаревски:Ќе продолжи изградбата на пругата Битола – Кременица

– Работевме на обезбедување средства за изградба на пругата од Битола до Кременица. Договорот со новиот подизведувач очекуваме да биде потпишан овој месец, рече Сугарески, додавајќи дека во делот на железницата Владата го решила и проблемот со намалените плати на машиновозачите.

Ова го изајви на прес конференција министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, кој притоа не објасни што ке стане со конзорциумот  Водострој  од Бугарија, која требаше да ја гради пругата и кој ги оштети подизведувачите без да им плати пари за извршените работи.

Инаку министерот Сугаревски изјави дека за само 100 дена Владата обезбеди 188,4 милиони евра грантови за подобрување на патната, железничката и комуналната инфраструктура, изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

На прес-конференцијата во Владата по повод сработеното во првите 100 дена, министерот Сугарески оцени дека Македонија станува дел од транспортната заедница составена од земјите од Западен Балкан и ЕУ.

– Го зголемивме обемот на воздушен простор преку воведување на три нови линии кон Рим, Малта и Шведска, го продолживме рокот за легализација на дивограбите од 1 јануари до 31 декември 2018 година и од 1 јануари до 30 јули 2018 година, до 50 проценти ги намалуваме сите цени на услуги што ги нуди Катасарот, изнајдовме законско решение за враќање на одземените овластувања на приватните геодети, сработивме и предложивме серија законски решенија со кои ја олеснивме работата на бизнис секторот, истакна Сугарески.

Тој посочи дека се обезбедени 131 милион евра неповратни средства од ЕУ за доизградба на пругата до Бугарија на Коридорот 8 и оти со меморандумот потпишан со бугарското Министерство за транспорт и комуникации, двете држави се обврзани најдоцна до 2027 година да се изгради комплетно нова пруга.

Во делот на патната инфраструктира преку Оперативната програма за транспорт 2014-2020 година обезбедени се вкупно 41 милион евра неповратни средства за изградба на нови патишта. – Потпишавме билатерален договор со ЕУ за финансирање на експресниот пат Градско-Дреново и договорот со изведувачот очекуваме да биде потпишан до крајот на овој месец. Обезбедени се средства и за третата фаза од експресниот пат Прилеп до Раец, истакна Сугарески.

На новинарско прашање за стопирањето на изградбата на автопатите, Сугарески нагласи дека нема стопирање и оти изградбата на автопатите ќе продолжи со посакуваната динамика на начин со кој ќе се заштитат државните интереси преку контролирано трошење на средствата, без притоа да посочи конкретна бројка за висината на дополнителните трошоци за изградба.

– За автопатот Демир Капија-Смоквица повеќе од година дена претходната власт не доставила документација за добивање на одобрение за градба за дислокација на 400 киловатен далновод и одобрение за градење на контролниот центар во Неготино. Очекуваме во најбрз можен рок тие две забелешки да се отстранат и автопатот да биде пуштен, рече Сугарески.

За автопатот Миладиновци-Штип, Министерството поднело предлог за анекс на договорот за продолжување на рокот за изградба по 1 мај 2017 година, што е прифатлив за „Синохидро“. Со тоа ќе се овозможи рок до 30 септември следната година овој патен правец да биде целосно завршен.

Во однос на автопатот Кичево – Охрид, министерот истакна дека веднаш по изборите е потребно да се подготви нов анекс на договор со цел да се продолжи рокот за изградба.

– Се работи на сите претходно изнесените проблеми. По информации што ги имам, буквално се грешени трасите и проектите се целосно погрешни. Криено е 4,5 години и направени се невидени проблеми. Нема клучки на патиштата. Договорот истекува на 31 јануари 2018 година за целосна изградба и тоа не е можно да се направи, затоа што во овој период изградбата е до 48 проценти. Потребно е веднаш по изборите да се спрема нов анекс договор со цел да се продолжи рокот, нагласи Сугарески.

Тој додаде дека еден од приоритетите на новата Влада е и изградбата на автопатот Скопје – Блаце. – Еден од приоритетите на Владата е и тој автопат. Тој ќе биде направен, меѓутоа мора да се направи сериозен план и проект, рече Сугарески.

За подобрување на водоснабдувањето на општините обезбедени се 12,5 милиони евра, од кои 9,5 милиони евра се неповратни средства.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*