Home / Македонија / МВР распишува оглас за вработување 400 полицајци

МВР распишува оглас за вработување 400 полицајци

Од утре започнува јавниот конкурс на Министерството за внатрешни работи за прием на 400 извршители на работно место „Полицаец” за работа во организациските единици сместени во Скопје, најави денеска на прес-конференција министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Кандидатите кои ќе ги исполнат условите и кои ќе бидат избрани по направената селекција, ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи.
– Како и при распишувањето на претходните два конкурси за прием на полициски службеници, кандидатите треба да исполнуваат и општи услови. Да се државјани на Република Македонија, да се полнолетни, а да не наполниле 25 години, да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да се здравствено и психофизички способни и со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност – информира Јанкулоска.
Освен општите, кандидатите треба да ги исполнуваат и посебни услови, односно телесна висина од најмалку 175 сантиметри за мажи и 165 сантиметри за жени, како и висока лична физичка и психичка подготвеност за извршување на полициските задачи.
Селекција на кандидатите ќе се спроведува во пет фази од Комисија формирана за избор на кандидат за полицаец. На почеток ќе се врши административна проверка, потоа моторички способности, писмено тестирање, интервју и на крај здравствен преглед што ќе го спроведе Здравствена комисија.
– Како и при претходниот прием на полициски службеници, предуслов за натамошно продолжување со селекцијата ќе биде минимумот од 60 стомачни склекови, 55 градни склекови, трчање на 3.200 метри за 13 минути и 30 секунди и 10 згибови на вратило за мажи, додека минимумот за женските кандидати ќе изнесува 60 стомачни склекови, 27 градни склекови и 3.200 метри за 16 минути и 30 секунди, како и други физички проверки, кои би биле определени од страна на Комисијата.
По завршување на физичкиот дел, ќе следува писмено тестирање кое опфаќа општообразовен тест и психолошки тест, по што ќе се спроведува поединечно интервјуирање, односно разговор со секој кандидат за полицаец, кој ги поминал претходните фази. Последна фаза во селекцијата ќе бидат здравствените прегледи, односно проверката на здравствените и психофизичките способности на кандидатите.
Заинтересираните кандидати ќе треба да достават уверение за државјанство, извод од матична книга на родените, диплома за завршено четиригодишно образование, доказ дека со правосилна пресуда не му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност и две фотографии во големина на патна исправа. Документите треба да бидат во оргинал или копии заверени на нотар.
Пријавата со потребната документација, кандидатот е должен да ја поднесе лично во едно од определените места за пријавување, и тоа: СВР Скопје во Полициските станица од општа надлежност-Гази Баба, Бит Пазар и Карпош, како и во останатите Сектори за внатрешни работи, односно Битола, Велес, Куманово, Тетово, Охрид, Струмица и Штип. Кандидатот е должен при поднесување на потребните документи, со себе да носи лична карта или пасош за идентификација. Огласот трае 15 дена од неговото објавување.

 

Извор:  Нова Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*