Home / Колумни / Нека виси Катица

Нека виси Катица

Токму кога специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ги поднесе првите две обвиненија до Основниот суд  Скопје 1 и кога целокупната македонска јавност очекуваше  да ја види обвинителката Јанева како во судот ги брани обвиненијата против осомничените во двата судски предмети, се случи парадокс.

Наместо Јанева во судот да ги брани обвиненијата, таа деновиве во највисокиот законодавен дом, по повод разгледувањето на нејзиниот шестмесечен извештај, се најде во ситуација да биде обвинета и да одговара на бројните прашања и обвинувања што и ги поставуаа пратениците на владејачкото мнозинство.

Пратениците на парламентарното мнозинство, кои пред само 1 година, при нејзиното именување, имаа најдобри зборови за нејзините човечки квалитети и стручни способности, сега  жестоко ја обвинија Јанева дека таа  е пристрасна во истрагите кои ги води,  непрофесионална, нестручна, и неквалификувана за функцијата што истите тие пратеници едногласно и ја доверија.

Со оглед на тоа што текот на седницата на која пратениците ја “распнаа“ обвинителката Катица Јанева македонската јавност имаше можност да го следи на малите екрани, во оваа прилика немам намера да се занимавам со тоа какоКатица Јанева се бранеше од обвинувањата на пратениците.

Лично мислам дека како во интервјуто на МРТВ, така и на седницата на Комисијата, таа не се снајде најдобро во улогата на “обвинета“.

А затоа како таа ќе се снаоѓа во улогата на специјална обвинителка во судот, јавноста во Македонија треба наскоро да се увери, кога таа ќе треба да ги застапува своите обвиненија против осомничените кои (ќе) ги гони.

Како и за многумина други, така и за мене, Катица Јанева се уште е една голема енигма.

Впрочем, уште кога Катица Јанева беше избрана за специјална обвинителка ,едногласно во македонскиот парламент и кога решението за нејзиното назначување, со специјален лет за Подгорица беше испратено да го потпише претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, токму на овој простор, јас искажав огромни сомневања за очекувањата од неа и истакнав декаКатица Јанева, која дотогаш беше речиси непозната, не само за македонската јавност, туку и за најголемиот број од нејзините колешки во обвинителството во Гевгелија, ќе се најде во ситуација како и екс обвинителот од Битола Александар Прчевски, кој по завршувањето на мандатот, немоќен да го испорача тоа што СДСМ го очекуваше од него, буквално изјави дека бил последниот будала што се нафатил да ја извршува функцијата републички јавен обвинител.

По изборот на Катица Јанева во Парламентот за специјална обвинителка, кој помина без ниту еден глас против, безмалку се добиваше впечаток дека таа е жената која не само што ќе ја реши политичката криза, туку и ќе расчисти со криминалот во Македонија и ќе стави ред во државата.

Тоа што во изминатите 24 години не и успеа на ниту една власт и на ниту на едно обвинителство, требаше за само неколку месеци да го направи (не)моќнатаКатица Јанева и нејзиниот тим специјални обвинители.

Притоа како да се заборави дека и таа се до пред нејзиниот избор  беше дел од (не)професионалното, партизирано и корумпирано обвинителство, во кое во најголем број случаи истражните предмети се отвораа против политичките неистомисленици и дека токму поради таквото, најблаго речено, дискредитирано обвинителство, во Македонија надвор од сите уставни норми се формира Специјалното обвинтелство.

Сепак, името на Катица Јанева се до неодамна постојано беше во фокусот на вниманието на македонската јавност. Нејзиното име се изговараше со стравопочитување.

Додека опозицијата се надеваше и очекуваше  дека Катица Јанева со обвиненијата кои ќе ги подготви пред изборите ќе ги тргне од (пред)изборната трка некои видни кадри на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и лидерот на партијата, Никола Груевски, со што ќе им го отвори патот до победата, за тоа време власта, која при изборот и даде бланко поддршка, набрзо по првите истраги ја смени плочата  и почна со обвинувања и многу забелешки за работата на Катица Јанева дека таа не само што е нестручна, туку е и пристрасна и дека отворено се ставила во одбрана на опозицијата.

И наместо таа  да се дистанцира од сите такви (не)реални очекувања на политичките партиии да се фокусира на предметите, таа почна наивно да си презема ингеренции кои по законот за Специјално јавно обвинителство не и припаѓаат и да бара алиби за пропуштеното во изминатиот период, во кој, како што најави на почетокот по изборот, требаше веќе некои луѓе да ги одлежуваат затворските казни.

За стручните и човечките квалитети наКатица Јанева македонската јавност наскоро ќе има прилика да се увери. Но тоа што ми пречи е што пратениците, кои сите до еден по дадената виза од страна на партиските лидери едногласно во Парламентот гласаа за нејзиниот избор сега му се извинуваат на народот што гласале за неа. Притоа не кажаа кој ќе ја плати штетата од таквата нивна, наводно, непромислена одлука и како е можно при нејзиниот избор никој да не ги знае ни нејзините човечки или стручни квалитети, кои сега ги оспоруваат.

Но кај нас вообичаено е така, политичарите преку ноќ, во зависност од тоа што им одговара ги менуваат своите ставови и мислења.

Нема воопшто да ме чуди доколку наскоро, во зависност од тоа како ќе се одвиваат судските процеси, да бидеме сведоци власта да ја брани Катица, а опозицијата да ја обвинува.

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*