Home / Економија / Ниски политички пресметки со висок напон

Ниски политички пресметки со висок напон

-РЕК “ Битола“ пред  колапс. Со испаѓањето на трите блока Македонија во темница! Увозот на струја ќе го испразни буџетот на граѓаните, а ќе ги наполни жиро-сметките на партиските фирми за  увоз на електрична енергија. Нестручните кадри на ВМРО-ДПМНЕ ја доведоа во прашање иднината на Комбинатот…

Деновиве, по испаѓањето на  трите блока во РЕК “Битола“, се изнаслушавме вакви, или слични констатации и прогнози за работата на најголемиот електроенергетски комбинат во Република Македонија РЕК “Битола“, кој произведува над 75 отсто од вкупната електрична енергија во државата.

Без воопшто да се сочека да се слушнат кои се причините за испаѓањето на “Битола 3“, и исклучувањето од мрежата  на термоелектраните “Битола 1 и 2“, опозицијата, деновиве, излезе во јавноста со тешки обвинувања за состојбите во РЕК “Битола“, притоа испраќајќи црни сценарија, дека  Комбинатот се наоѓа буквално пред цело-сен колапс и,  наводно, само прашање на ден  било  кога РЕК “Битола“ ќе ги запрел  турбините и ќе ја оставел Македонија во темница.

На ваквите тешки обвинувања од  страна на опозицијата од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на Битола, како по обичај одговорија дека СДСМ во недостиг на идеи и проекти едноставно го злоупотребува секој и најмал испад на термо блоковите за да лови ситни политички поени.

Ваквите политички “високонапонски“ препукувања на политичките партии во Битола, станаа редовна практика, по секој дефект на РЕК “Битола“.

Најголемиот електроенергетски комбинат во државата, кој е столб на електроенергетскиот систем на  македонското електростопанство, години наназад е предмет на меѓусебни партиски пресметки на власта и опозицијата.

Сите овие години големата љубов кој да раководи со РЕК “Битола“ во Битола, се претвора во голема омраза на власта и опозицијата.

-И покрај потрошените стотици милиони евра за реконструкции, ремонти и слично  во РЕК “Битола“ постојано има испади и дефекти на термоелектраните. Комбинатот РЕК “Битола“ е пред  тотален  колапс. Незнаењето, поставувањето партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ на несоодветни работни места и недисциплината во извршувањето на работните задачи,  не само што го доведува во прашање нормалното работење на Комбинатот, туку  ја доведува во прашање и иднината на  РЕК “Битола“, обвинуваат од опозицијата, која потпирајќи се на “инсајдерски“ информации на свои партиски членови, вработени во Комбинатот, тврдат дека честите испади  од електромрежата се, наводно,  намерни за да може партиските фирми на власта да увезуваат скапа струја.

На ваквите (не)аргументирани обвинувања на СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ  возвраќаат дека во настојувањето да се дискредитира власта, по секој и најмал дефект во РЕК “Битола“ се излегува во јавноста со обвинувања, кои  не држат вода,  се со цел да се  постигне некој ситен политички поен.

Ниту  најдобрите аналитичари и хроничари во Битола не паметат колку пати јавноста во Битола била сведокна вакви меѓупартиски пресметки.

Ако црните предвидувања на опозицијата кои ги најавуваа (т)  се оствареа во изминатиот период, РЕК “Битола“ одамна требаше да биде само депонија за старо железо.

Но, за среќа, и покрај сите критики, овој комбинат и  натаму е столб на македонскиот  електроенергетски систем, кој, во зависност од потребите, испорачува над 75 отсто од електричната  енергија во државата.

Оттаму од Комбнатот  тврдат дека крајно непримерно е што многумина, кои што Комбинатот, освен на телевизија, никогаш не го виделе  имаат храброст да излегуваат во јавноста  со констатации за неговото (не)работење и иднина.

-Тие луѓе покажуваат тотално непознавање на функционирањето на електроенергетскиот систем, велат од АД ЕЛЕМ, од каде уверуваат дека вистина е дека еден од блоковите беше во застој во времетраење од неколку часа.

Другиот е во редовен ремонт, практика што редовно и планирано се спроведува во овој период од годината, кога потрошувачката на електрична енергија е на ниско ниво, а согласно потребите на системот, првиот блок неколку недели е исклучен од електроенергетскиот систем поради поволната хидролошка состојба и потребата да им се даде предност на хидропотенцијалите во периодот на високи дотоци во акумулациите.

За времетраење на краткиот застој, не е увезен ниту еден киловат час електрична енергија и сите потребни количини се испорачани од постојните домашни капацитети. СДСМ, во обид  да си направи политички маркетинг постојано повторува тези кои немаат врска со реалноста и со тоа како функционира пазарот за електрична енергија и електроенергетскиот систем, објаснуваат од АД ЕЛЕМ, од каде ги посочуваат сите вложувања во ревитализацијата на РЕК “Битола“ како и електроенергетскиот систем во државата, кои изнесуваат над 300 милиони евра.

Колку и да се непримерни и непријатни ваквите “високонапонски“ политички препукувања околу (не)стабилноста на РЕК “Битола“, сепак останува впечатокот дека и овој пат како и во многу други  слични случаи  изостана вистинската информација за состојбите во Комбинатот.

Иако во РЕК “Битола“ има служба за информирање, сепак таа очекувајќи “согласност“ од Скопје, како и во други слични случаи, во јавноста, по правило, секогаш излегува со соопштение, исклучиво само откако претходно опозицијата ќе излезе со некоја информација за дефекти или испаѓања на Комбинатот.

Доколку не реагираат  политичките партии,  во РЕК “Битола“  ниту  раководството, ниту  службата за информирање, едноставно не чувствуваваат потреба навреме да ја информираат јавноста, ако не за настанатите дефекти, тогаш барем за нивното исклучување од електромрежата.

Таквата молчеливост, или затвореност на службата за информирање, политичките партии доста често знаат да ја (зло)употребат и наместо Комбинатот тие да ја (дез)информираат јавноста.

А кога тоа го прават, најчесто во преден план ги имаат своите политички информации и вистини.

 

Менде Младеновски

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*