Home / Македонија / Нови 13 дефектолози во училиштата во Карпош

Нови 13 дефектолози во училиштата во Карпош

Општина Карпош  во соработка со UNDP и Агенцијата за вработување на Република Македонија, како и со директорките на осум основни училишта од Општината, потпиша Меморандум за реализација на проектот „ Карпош  за еднаквите во училиштата“. Како што нагласи градоначалникот на Општината  Стевчо Јакимовски, локалната самоуправа, постојано апелирала за ангажирање на стручни дефектолози кои ќе работат со ученици со посебни потреби- основци во училиштата на територијата на локалната самоуправа.

Искрено, многу сум  задоволен што потпишуваме ваков Меморандум за соработка, со кој ќе се вработат стручни дефектолози,  кои ќе работат на поголема образовна инклузија на децата со посебни потреби. Во училиштата во Карпош учат преку 70 основци со посебни потреби од кои 55 се со документ. Претходната Влада на Република Македонија, ангажираше 4 стручни лица, број за  кој сметам дека е несоодветен за потребите на училиштата, нагласи Јакимовски.

Тој истакна дека Општината и досега ги обучувала постојните одделенски и предметни наставници во училиштата во Карпош да можат да работат и со овие деца, кои исто така се наши ученици, но, согласно актуелните состојби потребно е стручни лица – дефектолози кои имаат соодветно и наменско образование, да  работат токму со оваа проблематика.

Раководителката на Секторот за дејности од јавен интерес Анета Марковска- Илиевска, напомена дека вкупно 13 дефектолози ќе бидат ангажирани со овој проект, кои ќе примаат месечен надоместок од 6.200 денари, додека Општината со свои финансиски средства ќе го покрива превозот за стручните лица.На барање на родителите, 13 лица стручни дефектолози аплицираа за овој проект, кои се со соодветно образование. Проектот ќе започне да се спроведува од 1 октомври, и ќе заврши на 31 мај, по што ќе следува евалуација на истиот. Осум, од вкупно десет училишта кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа ќе учествуваат во проектот, потенцираше Марковска- Илиевска.

Основните училишта: „Братство“, „Владо Тасевски“,„ Димо Хаџи Димов“, „Аврам Писевски“, „Јан Амос Коменски“, „Петар Поп Арсов“, „Лазо Трповски“ и „Вера Циривири –Трена“, се осумте училишта од Општина Карпош кои го потпишаа меморандумот и ќе учествуваат во спроведувањето на овој проект.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!