Home / Uncategorized / Почнуваат Илинденски денови

Почнуваат Илинденски денови

Со дефиле по Широк Сокак, а потоа со традиционалното оро „Комитско“, вечер во Битола ќе почне 47. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ кој ќе трае до 1 август.

Организатор и домаќин на манифестацијата е Центарот за култура-Битола кој најави дека покрај културно-уметнички друштва од Македонија, годинава ќе учествуваат и играорци од Чиле, Чешка, Словенија и од Грција.

На четирите фестивалски вечери ќе настапат околу илјада учесници, а традиционално ќе се одржат и придружни манифестации, како што се „Ехо од дамарите“, детска ликовна работилница, изложба на ликовниот уметник Панде Петровски и семинар за традиционална музика и игра.

На првата фестивалска вечер ќе настапат ансамблот „Македонија“ од Скопје, КУД „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце, КУД „Јахи Хасани“ од Чегране, ЗФП „Копачка“ од Драмче, КУД „Младост“ од Јосифово, КУД „Јени Хајат“ од Радовиш, ансамблот за фолклор „Гоце Делчев“ од Битола, како и гостите од странство, односно ансамбли од Словенија, Хрватска и Чешка, додека пак гостите Чиле, атрактивниот ансамбл „Лос дел Био Био“ од Консепсион ќе настапат на втората фестивалска вечер.

– Најстариот фестивал во Битола кој континуирано се организира од 1971 година претставува чувар на богатата македонска традиција. Првите две фестивалски вечери ќе бидат посветени на традиционалната музика и игра, една вечер е резервирана за староградска музика и последната вечер ќе биде фолклорен спектакл со гостите од странство и ансамблот „Македонија“, еден од водечките ансамбли со врвни професионалци од нашата држава, истакна на прес-конференција по повод фестивалот Борче Димитровски, директор на Центар за култура-Битола.

Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија и со поддршка на Министерството за култура.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*