Home / Економија / Подизведувачите на пругата со Грција на спореден колосек

Подизведувачите на пругата со Грција на спореден колосек

Градежните работи на железничката пруга Битола – Лерин, кои во изминатиот период откако беше одобрен овој меѓународен проект од страна на ЕУ за железничко поврзување на Битола со Грција, повторно се прекинати.

За разлика од битолчани, кои во сите изминати неколку децении покажаа огромна трпеливост и воздржаност, за конечно повторно, како некогаш во соседна Грција да патуваат со воз, подизведувачите што се ангажирани во изградбата на железничката пруга Битола – Лерин и еден крак од Кременица до индустриската зона „Жабени“, ги издаде трпението и повторно ги прекинаа работите на пругата.

Подизведувачите, ги има околу педесет, кои се ангажирани во изведувањето на градежните работи на пругата, откако на 28 август, како што начелно беше договорено со претставниците на конзорциумот, не ги добија ветените пари во висина од околу еден милион евра, одлучија повторно да стапат во штрајк.

Револтирани од односот на конзорциумот, кој го доби овој меѓународен проект, а кој сѐ уште не им ги има исплатено нивните побарувања, подизведувачите се закануваат дека доколку до денес, среда 7 септември, не им бидат исплатени нивните побарувања за изведените работи, ќе ги радикализираат протестите и ќе почнат со блокади на меѓународниот пат, кој води од Битола до соседна Грција.

Тие најавија дека во протестот ќе им се приклучат и сите други преостанати подизведувачи, кои ги има околу педесет, а кои како што велат од декември минатата година не добиле ни еден денар.

– Навистина ова веќе нема смисла. Иако во изминатиот период покажавме големо разбирање и бевме трпеливи, чекајќи да ги добиеме парите што ги имаме заработено, сепак досега не ни се исплатени парите, кои достигнаа до милион евра. Не можеме ние, кои едвај составуваме крај со почеток на месецот, да ја финансираме изградбата на железничката пруга кон Грција. Нашиот револт е уште поголем ако се знае дека ова е меѓународен тендер, што се изведува преку ИПА-програмата на ЕУ и за кој како што сме информирани, Министерството за транспорт и врски ги исплатило сите пари на конзорциумот за досега сработеното.

Зошто конзорциумот не ни ги исплаќа нам парите не знаеме. Иако во неколку наврати тие ни ветија дека ќе ни бидат платени побарувањата, сепак од декември минатата година досега не ни е исплатен ни еден скршен денар – тврди еден од изведувачите на градежните работи, Андреј Димовски.

Подизведувачите на градежните работи, за изградба на железничката пруга од Битола кон соседна Грција, за актуелните состојби, со неисплаќањето на работите, кои тие ги имаат досега извршено, ги известиле сите надлежни институции, како и Министерството за транспорт и врски и Министерството за финансии, но засега оттаму немаат добиено никаков одговор.

– Ние повеќе не можеме да живееме во надеж дека конзорциумот, кој го сочинуваат три бугарски фирми и една македонска, а кои го добија меѓународниот тендер за изградба на пругата, конечно ќе се смилуваат и ќе ни ги исплатат побарувањата. Во моментот ние ги стопиравме работите и сѐ додека не ни се исплатат парите нема повеќе да работиме. Иако од конзорциумот ни ветија дека ќе ни ги платат заостанатите долгови најдоцна до 28 август, сепак тие не останаа на договореното и како што стојат работите изгледа абер немаат да ги платат обврските – тврди Самир Елмази, подизведувач.

Но од Министерството за транспорт и врски тврдат дека за проектот што се изведува преку ИПА-програмата на ЕУ, Министерството за финансии ги исплатило сите пари на изведувачот за досега сработеното.

Оттаму уверуваат дека ним не им се познати условите под кои конзорциумот ги има ангажирано подизведувачите во изведувањето на работите на пругата и дека сите недоразбирања тие треба самите да си ги решат меѓу себе.

Носител на проектот за изградба на пругата е Министерството за транспорт и врски, а од ИПА-фондовите на ЕУ одобрени се околу 20 милиони евра. Работите на пругата почнаа на 15 јануари 2015 година, а според предвидената динамика, железничката пруга од Битола до Кременица, во должина од 17 километри, требаше да биде готова пред еден месец. Засега пругата е изградена само еден километар.

Изградбата на железничката пруга Битола – Грција беше доверена на три бугарски фирми и на една македонска, кои се изведувачи на проектот, но од кои засега нема никаков абер за тоа дали мислат и кога мислат да ги исплатат парите.

Изградбата на железничката пруга од Битола кон соседна Грција, како и едниот крак од Кременица кон индустриската зона „Жабени“, битолчани ја очекуваа со огромна надеж дека повторно ќе биде воспоставен железничкиот сообраќај од Битола до соседна Грција. Особено беа заинтересирани инвеститорите што имаат намера да изградат свои капацитети во индустриската зона.

 

 

 

Автор: М.Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*