Home / Uncategorized / Поетско матине со Јоргос Јанопулос

Поетско матине со Јоргос Јанопулос

Современиот грчки поет, Јоргос Јанопулос, во Центарот за култура во Битола, со своето учество во програмата на Битолското културно лето „Бит Фест“ создаде една несекојдневна пријатна атмосфера исполнета со поезија и музика.

Поет, романсиер, есеист, преведувач, уредник и издавач, Јанопулос, роден е во Атина во 1961 година, а живеел, студирал романска книжевност во Њујорк, Париз, Амстердам, Брисел.

Моментално живее во Солун, каде од 1995 година, раководи со ревијата за култура „Енекен“, која цели кон истакнување на американски, канадски, француски, кинески, како и македонски уметници, интелектуалци и мислители. Од 2005 година е на чело на издавачката куќа ЕНЕКЕН.

Неговите песни, текстови и есеи се преведени на повеќе јазици. Неговиот превод пак, на американскиот поет Ричард М. Берлин е награден како најдобар превод во 2016 година.

Досега објавил три збирки поезија „Патеки“ (2000), „Летото на смртните“ (2010) и „Зборови на смртта и љубовта“ (2016), како и романот „Црната книга“ (2003).

Во својата ревија превел дела од Владо Урошевиќ, Томислав Османли, а ја претставил и битолската ликовна уметничка Сандра Котевска.

Љубовта на овој поет е едно длабоко проникливо препознавање на светот. Низ љубовта Јанопулос го открива заедништвото со другите луѓе, со другите суштества, со целокупната природа. Низ љубовта, спротивностите се изедначуваат, човекот и жената се враќаат кон своето потекло, кон претците и претходниците, назад во времето, се до минералното сеќавање, до основните елементи на материјата, од кои сме составени, Низ средбата на две човечки единки, вели Јанопулос, се врши всушност, обновата на светот, неговото повторно создавање. (Не попусто Платон ја дефинира љубовта како врвна возвишеност и единствен пат до крајната цел на човечкото постоење:вистината).

Низ средбата на две човечки единки, вели Јанопулос, минатото станува сегашност, а сегашноста иднина. Низ љубовта ние стануваме едновремено свои претци и свои потомци. Љубејќи, ние препознаваме лица и предели, што веќе сме ги сретнале во некој поранешен живот, во некој сон, во кој ние сме ги сонувале нив, или во кој тие не сонувале нас.

Јоргос Јанопулос е модерен поет. Тој не е роб на минатото: во неговата поезија нема непотребни украси позајмени од антиката. Јанопулос е поет кој живее во своето време, во нашето време.

Сепак, ние чувствуваме, читајќи ги овие стихови, дека станува збор за еден Медитеранец: чувствата тука, сеедно дали им припаѓаат на вознесите или на страдањата, се високо кренати, кажани со страст, низ експлозија на емотивната енергија – како гестовите и извиците на боговите и хероите од некогашните епови и од драмите со хорови. Поради тоа можем да речеме дека, како секој голем поет и Јоргос Јанопулос ги спојува во своите песни, актуелниот миг со припадноста на една древна почва.

Поезијата и музиката, онака како што ги разбираме ние денес, одсекогаш претставувале неделива целина. Затоа, поттикот при читањето на песните, таа саботна вечер, беше даден од една извонредна музичарка – Илиопулу Мелина, која е родена во Варна, Бугарија од грчки родители. Таму ги завршила музичките студии по кои, во 1984 година се доселува во Солун, каде започнува со педагошка и издавачка дејност. Од 1986  година е редовен член на државниот оркестар на Солун, но членка е и на  мали музички состави кои свират собна музика: Тес – квинтет и Фаготисимо.

Поетот Јанопулос, својата работа ја дефинира како занимавање со историјата на литературата и поезијата. Неговиот немир е поврзан со местото на поезијата во денешниот комерцијален свет: дали уметничкиот пишан збор може да даде свој придонес или е само производ на широка потрошувачка?, беше нагласено оваа музичко поетска вечер на која присуствуваа вљубеници во пишаниот збор, членови на македонско грчкото друштво од Битола, претставници на Влашката заедница во Битола и други гости, поети и писатели.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!