Don't Miss
Home / Колумни / Политички далтонизам

Политички далтонизам

                                       

          Последните денови  јавноста во Македонија е “бомбардирана” од изјави на политичарите, како од власта, така и од опозицијата, дека сите оние кои се огрешиле пред законите и направиле криминал, ќе одговараат пред законите, без разлика на која политичка партија припаѓаат, и на каква функција биле, или  се наоѓаат.

          Колку што  се наближува датумот за предвремените парламентарни избори, толку пожестоки и покритични стануваат изјавите на политичарите дека правдата ќе ги стигне сите, без исклучок и без разлика дали се во државата или се избегани во странство.

          “Крстејќи” се во правдата и повикувајки се на нивниот чесен (патиски ) збор( во времето на социјалзимот младите се колнеа во името на нивниот чесен пионерски збор) деновиве и Заев и Мицкоски ја (раз)убедуваат јавноста дека доколку останат, или дојдат на власт, конечно ќе расчистат со криминалот и криминалците во државата.

          Вакви и слични ветувања на народот, покрај лидерите  на политичките партии  им даваат и политичките потрчковци, кои деновиве, во рамките на (пред)изборната кампања чукаат од врата на врата, барајќи го гласот на граѓаните.

           Во тоа нема ништо ни ново, ни непознато. Пред секои избори политичарите ветуваат  се и сешто, па дури и работи кои многупати ги ветиле, но никогаш не ги реализирале.

          Но во политиката најефтиното нешто, кое што се “продава “ кај  народот се ветувањата и лагите, кои кај нас станаа национален спорт.

          Сметајќи на кусото паметење на народот тие два збора, ветувања  и лаги  се “бесплатни” и за тоа  досега никој освем политичка, не сносел било каква друга одговорност.

          Вербалното “расчистување” со криминалот кај нас не е од денес, или вчера, туку почна многу одамна, со појавата на плурализмот.

          Најпрво силни ветувања  за енергична борба против криминалот даде војводата Љубчо Георгиевски, кој носен на крилата на народниот револт и бунт,  вети дека кога ќе дојде на власт  ќе расчисти со “октоподот” на Црвенковски за криминалната приватизација и ТАТ. Но од тоа не се случи ништо. Напротив, Љубчо Георгиевски од надежен политичар стана  “докажан бизнисмен “, кој никогаш не криеше дека како лидер на ВМРО ДПМНЕ добивал на рака пари, во вид на спонзорства и донации.

          Знаејќи дека народот најмногу се пали на ветувања  за апсења на грешните политички клептомани,огромни (пред)изборни ветувања даде и Бранко Црвенковски во 1997 год. кој своето  ветување  за борба против “октоподот “ го даде, колнејќи се дури во “Св. СДСМ”.Но за жал и тие ветувања останаа само празни политички фрази и ништо друго.

          Отако Македонија се ослободи од “непрокопсаните” Љубчо и Бранко, силни ветувања во борбата против  криминалот даде и екс премиерот Никола Груевски, кој подоцна наместо да расчисти со криминалот, фамилјарно влезе во криминал, заглавувајќи ги стотици свои партиски послушници и извршители.

          Денес Груевски е бегалец во Унгарија, кој таму најде спас да не одговара за својата лукреативна неодговорност.

          Својата цврста решеност во борбата против криминалот и криминалците во Македонија даде и сега веќе екс премиерот на СДСМ, Зоран Заев,кој “ наоружан “ со илјадници “бомби “  жестоко тргна во битката против режимот на Груевски и враќање на над 5 милјарди евра украдени пари. Но освем  покренати стотици  истраги и поднесени десетици обвиненија од страна на СЈО, за жал  не се случи ништо.

          Напротив  во Македонија криминалците или избегаа, или се на слобода, а  на државата  и се случи  аферата “Рекет”, која покажа дека кога станува збор за криминалот и криминалците во Македонија, од него не се имуни  најголемиот број партиски или политички функционери.

          Деновиве  сме сведоци на нови партиско- политички пазарање околу судбината на старо – новото јавно обвинителство и тоа дали предметите на Катица ќе се однесат  кај Вилма.

          Истите политичари, кои се колнеа дека со криминалот во Македонија  не може да расчисти ниту едно Обвинителство, или (Сфаровски)судство, туку само  независно и специјално обвинтелство како СЈО,  сега од петни жили се залагаат да ја (раз)убедат јавноста дека тоа ќе го направи постојното обвинтелство за борба против криминалот и корупцијата, на чело со Вилма Русковска. кое до појавата на СЈО беше прогласено за непрофесионално, партизирано, корумпирано…

          Деновиве политичарите не вратија како во ноќите во Пржино, кога на врат на нос се инсистираше по секоја цена да се формира СЈО и да се назначи Катица за специјална обвинтелка, бидејќи без тоа нема ништо од македонските евроинтеграции.

          Сега, кога Катица е прогласена за прв криминалец во државата, на врат, на нос, се инсистира по секоја цена да се донесе Законот за Обвинителството, на кое ќе му припаднат и предметите од СЈО, бидејки без тоа нема ништо од добивањето датум з апочеток на преговорите за ЕУ.

          Оддеднаш сега наместо Катица, Вилма е таа која ќе расчиси со организираниот криминал во Македонија.

Сега покојниот, Алексанадр Прчевски, обвинителот од Битола, беше последниот јавен обвинител, од кој јавноста многу очекуваше во борбата против криминалот,во една прилика искрено призна дека така како што се поставени работите во македонското обвинтелство тој е последниот будала кој се нафатил да биде јавен обвинтел.

          Тие кои го познаваа Прчески добро знаат дека тој барем по карактерот и односот кон кримналот наликуваше на јавен обвинител.

          Сега кога СЈО и Катица ги снајде тоа што ги снајде, на Македонија и е потребно професионално обвинителство  кое е кадарно да ги  гони   криминалците.

          Во спротивно кај нас предметите за организираниот криминал и криминалците ќе ни ги “отвораат” осомничените за криминал, како Орце Камчев или новинарот Ларис Гајсер од  весникот “Ла Верита”, кој можеби на географската карта не знае да ја најде Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*