Home / Култура / Португалската дива Тереза Салгуеро главна ѕвезда на Фестивалот “Музика од светот“

Португалската дива Тереза Салгуеро главна ѕвезда на Фестивалот “Музика од светот“

Се е подготвено за годинашното осмо издание на Фестивалот “Музика од светот“,  во организација на Центарот за култура Битола. Фестивалот ќе почне в сабота, на петти ноември со настапот на португалската дива со импозантна тридецениска  кариера Тереза Салгуеро.

Салгуеро настапувала со групата “Мадредеуш“, соработувала со познатиот композитор Збигњев Прајснер, а воедно и со Хозе Карерас, и имала настапи низ целиот  свет.

-Особено не радува што португалската дива Тереза Салгуеро ја стави токму Битола на мапата на нејзината турнеја по повод одбележувањето на нејзината тридецениска музичка кариера. Таа доаѓа во Битола  после концерите во Тајван и Тајланд , а потоа со турнејата продолжува за Швајцарија. Таа е врвен промотор на фадо музика, традиционалната португалска музика, а играла како актерка во култниот филм “Приказна за Лисабон“. Тереза Салгуеро  се вбројува во редот на истакнатите музички имиња кои биле дел од Фестивалот “Музика од светот“- рече на денешната прес-конференција,  директорот на Центарот за култура од Битола, Борче Димитровски.

Инаку, според фестивалската програма на Фестивалот  “Музика од светот“ , следниот ден на шести ноември во соработка со Турскиот културен центар “Јунус Емре“ и Дирекцијата за култура и уметност, ќе биде организиран концерт на Карсу Домнес, Холанѓанка со турско потекло, талентирана пијанистка, но и концерт на  “The New Spark Jazz Orchestra” Балкан на кој ќе настапат 15 жени од Балканот промотори на родовата еднаквост и поттикнувачи за зголемување на бројот на жени-музичари и композитори.

Фестивалот “Музика од светот“ секоја година се одржува под покровителство на Министерството за култура.

Во изминатите изданија на овој етаблиран музички фестивал, публиката имаше можност да ужива во концертите на  Наташа Атлас, Ришард Галијано и Раби Абукалил.

 

 

В.М.Мл.

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*