Home / Вести / Проекција на документарниот филм “Во чест на великанот Шекспир” од авторот Лилјана Спировска

Проекција на документарниот филм “Во чест на великанот Шекспир” од авторот Лилјана Спировска

Синоќа, во Битолскиот Народен театар, битолската публика имаше можност да ја погледне проекцијата на документарниот филм-ретроспектива “Во чест на великанот Шекспир” од авторот Лилјана Спировска, до неодамна почесен конзул на Велика Британија во Битола.

Во филмот беа прикажани бројни извадоци од настаните “Вечер на Шекспир” што во континуитет 12 години ги организираше во градот, Македонско-Британското здружение за пријателство и соработка од Битола, на чие чело беше авторот на документарниот филм Лилјана Спировска.
-Документарниот филм го подготвував неколку месеци. Во него ги опфатив настаните што беа дел од “Вечер на Шекспир” каде учесниците, тогашни ученици во Гимназијата “Јосип Броз Тито” изведуваа бројни монолози, дијалози, сонети, театарски и музички перформанси, адаптации на најпознатите дела на Шекспир. Најголемиот дел од настаните се одржуваа во малата сала на Центарот за култура во Битола. Голем предизвик е да се изведе дел од Шекспир на шекспировиот јазик, бидејќи е тежок за изведба. Јас се потрудив да стапам во контакт со учесниците во настаните преку кои го славевме делото на Шекспир, но, за жал сите тие не се во Битола и имаат успешни кариери во Англија, Европа, САД, Австралија…Ние преку ваквите настани му возвраќаме на Шекспир со страст и радозналост за јазикот и културата која што го има родено. Со увереност дека тој бил и ќе остане голема и универзална естетска и етичка сила, ние го славиме денес со тоа што му даваме можност да говори преку тоа што е избрано-самиот за себе- рече авторот на документарниот филм Лилјана Спировска.
Инаку, во фоајето на Битолскиот Народен театар поставена е изложба во чест на Шекспир, фотографии од неговото родно место Стратфорд на Авон, од Глоуб театарот во Лондон, како и фотографии од речиси сите учесници и значајни гости на настаните “Вечер на Шекспир”.