Home / Македонија / Пропадна и последната надеж за „татовци“
По негативната пресуда на судот во Стразбур

Пропадна и последната надеж за „татовци“

И додека штедачите на ТАТ што ги загубија своите пари во штедилницата тагуваат затоа што им пропадна и последната надеж дека ќе бидат обесштетени, во Битола последниве денови слични главоболки имаат и корисниците на кредити од оваа штедилница, кои и буквално не знаат што ќе прават со себеси, затоа што едноставно по пропаѓањето на штедилницата заборавија да ги враќаат кредитите.

По негативната пресуда на судот во Стразбур

По негативната пресуда на судот во Стразбур

За штедачите на ТАТ пропадна и последната надеж дека ќе дојдат до своите штедни влогови. Иако длабоко во себе (не) веруваа дека во Стразбур, градот што е синоним за заштита на човековите права, ќе ја најдат правдата и ќе го добијат судскиот процес против државата, деновиве оттаму до штедачите на ТАТ пристигна негативно решение за нивниот случај. Откако ја разгледа жалбата на „татовци“, судот во Стразбур ја отфрли. Во известувањето што го добија штедачите меѓу другото се вели дека судијата-поединец на судот Л.А. Сицилианос, постапувајќи по жалбата на штедачите на ТАТ, утврдил дека таа е „недопустлива“.
Ваквата одлука на судот е конечна и против неа „татовци“ немаат право на жалба, а за неа не може да расправа ниту Големиот совет на Судот за човекови права во овој европски суд, ниту кој било друг суд, стои во пресудата. По ваквата пресуда во иднина секретаријатот на судот нема повеќе да дава никакви други дополнителни објаснувања во врска со пресудата за овој предмет. Во рок од една година по донесувањето на пресудата сите документи во врска со овој процес ќе бидат уништени, се вели во известувањето што го добија деновиве штедачите на ТАТ од Стразбур.

Пресудата дополнително ги депримира и така депримираните штедачи на ТАТ што во судот во Стразбур ја гледаа својата последна надеж за враќање на нивните пропаднати заштеди. Иако во изминатите 18 години навикнаа да добиваат негативни одговори за нивните барања, сепак пресудата со која е отфрлена нивната жалба доста ги погоди, дури, според некои од нив, многу повеќе од денот кога на 7 март 1997 година пропадна штедилницата и ги загубија своите пари.
– Да бидам искрен, ваквата негативна пресуда тешко ми падна, не само мене, туку уште најмалку на 6.000 штедачи, колку што останаа необесштетени. До нејзиното добивање некако се надевавме дека судот во Стразбур ќе одлучи во наша корист и по 18 години голгота ќе дојдеме, ако не до сите, барем до дел од нашите заштеди. Но, за жал, и овој суд негативно се изјасни по нашата жалба. Тоа што особено нѐ боли е што во известувањето, кое го добивме од секретаријатот на Судот за човекови права, стои дека нашата жалба е одбиена како недопустлива, а нема ниеден друг збор со кој ни објаснуваат зошто е недопустлива – нагласува лидерот на необесштетените штедачи на ТАТ, Пеце Гугучевски.
Инаку, да потсетиме, тужбата на необесштетените штедачи на ТАТ во Стразбур против Република Македонија кон крајот на минатата година беше одбиена поради некои формалноправни недостатоци, како и поради наводна „застареност“.

 

Правни игри

На таквата пресуда штедачите на ТАТ поднесоа жалба бидејќи сметаа дека тие не само што навреме ја поднеле тужбата туку дури ја испратиле пред предвидениот рок.
– Во одговорот што го добивме, меѓу другото, стоеше дека во тужбата испратена до нив немало точен датум кога сме ја добиле пресудата на Врховниот суд на Македонија и поради тоа наводно не можело да се утврди дали ние тужбата сме ја поднеле навреме или сме го промашиле рокот и сме задоцниле. Во интерес на вистината ние тужбата ја поднесовме во предвидениот рок. Иако 8 ноември 2014 година беше краен рок за поднесување на тужбата, ние преку нашиот правен застапник ја поднесовме во октомври преку ДХЛ-пошта. Но од Стразбур бараа доказ кога сме ја примиле пресудата од Врховниот суд на Република Македонија со која е одбиена нашата жалба – вели Гугучевски.
Сите настојувања на штедачите на ТАТ да обезбедат документ од Основниот суд во Битола кога била доставена пресудата на Врховниот суд, според Гугучевски, биле залудни, бидејќи никој не сакал да им ја даде, а ниту пак судот во Стразбур се обидел да ја добие по службена должност за да се увери дали била поднесена со задоцнување.

И додека штедачите на ТАТ што ги загубија своите пари во штедилницата тагуваат затоа што им пропадна и последната надеж дека ќе бидат обесштетени, во Битола последниве денови слични главоболки имаат и корисниците на кредити од оваа штедилница, кои и буквално не знаат што ќе прават со себеси, затоа што едноставно по пропаѓањето на штедилницата заборавија да ги враќаат кредитите. Иако стечајот уште пред неколку години формалноправно е „затворен“, сепак тој сѐ уште трае. За да ги обесштети штедачите, стечајниот управник на штедилницата Душко Јанкуловски настојува по секоја цена да го продаде имотот што е дел од стечајната маса на штедилницата. Така деновиве некои кредитокорисници добија извршни решенија со кои нивните хипотеки ќе бидат дадени на продажба. Мислејќи дека со пропаѓањето на штедилницата не ќе мораат да ги враќаат подигнатите кредити, голем број од кредитокорисниците едноставно престанаа да ги плаќаат своите обврски. Токму поради нивната „заборавност“ илјадници штедачи не можеа да дојдат до своите пари. Но таквото одолжување некои од корисниците на кредити скапо (ќе) ги чини, бидејќи каматите на подигнатите кредити едноставно сега се дури три-четири пати поголеми од главницата. Така, деновиве на продажба од страна на извршител се дадени една луксузна куќа и пекарница во Битола, бидејќи сопственикот на куќата и пекарницата едноставно не сакал да го враќа кредитот во ТАТ. Неговиот долг од „само“ 30.000 марки што ги подигнал пред 15 години денес изнесува над 150.000 евра. Иако се обидел преку разни трансакции да го скрие имотот и да им го препише на други, сепак не успеал во тоа и наскоро сопственик на неговата раскошна куќа и пекарница ќе биде некој друг битолчанец, а од продажбата на објектите ќе се обесштетат штедачите. Неговата приказна е најдобра потврда дека иако во случајот „ТАТ“ правдата е бавна, сепак е достижна.

 

– Ние имавме над 1.500 тужби за должници што заборавиле да ги враќаат своите кредити во ТАТ. Многу од тие подигнати кредити не беа обезбедени и не успеавме да ги наплатиме, но има и такви кредити што беа обезбедени со хипотеки и добар дел од нив наплативме. Така, во моментот во неколку суда во државата се водат дури над 300 судски постапки за наплата на побарувањата. Од нив, околу 150 се обезбедени, но другите не се обезбедени и тешко ќе ги наплатиме. За тие кредитокорисници што покажаа разбирање и подготвеност да ги вратат кредитите, имаа(т) разбирање и необесштетените штедачи, кои со одлука на собранието на штедачи им ги намалија каматите дури и за 50 отсто – вели стечајниот управник на ТАТ, Душко Јанкуловски.

strazburg

 

Побаруваа   17 милиони од државата

Инаку штедачите на ТАТ, преку Здружението на необесштетени штедачи, кое има 1.250 члена, ја тужеа Република Македонија и бараа државата да ги обесштети во висина од 17 милиони евра. Толку побаруваат штедачите, бидејќи државата пред да истече рокот го запрела тргувањето со државните сертификати и судот ја оспорил нивната пасивна легитимација, дека како здружение не биле штедачи на ТАТ и поради тоа немале право да ги застапуваат интересите на штедачите пред македонските судови. По добивањето на ваквата пресуда штедачите на ТАТ ја тужеа Република Македонија во судот во Стразбур и бараа европскиот суд да ги заштити нивните права и да ја принуди државата да ги обесштети за околу 17 милиони евра.

Инаку од банкротирањето на штедилницата ТАТ на обесштетување во моментот чекаат над 6.500 штедачи, кои побаруваат околу 30 милиони евра. Обесштетувањето што досега го добиле од продажбата на имотот е само 15 отсто од побарувањата, што е незначително во однос на загубените пари.
Иако од банкротирањето на штедилницата ТАТ изминаа цели 18 години, оваа афера, која ги потресе Битола и Македонија, сѐ уште не е расчистена. Во изминатиот период како последица на траумите што ги доживеаја од пропаѓањето на штедилницата животот го загубија над 1.000 штедачи, а пред македонските судови за оваа афера, која беше окарактеризирана како најголем организиран државен криминал, единствено досега одговараше само сопственичката на ТАТ, Соња Николовска, која лежеше во Идризово нешто повеќе од три и пол години за кривично дело даночно затајување. Иако измина толку време од банкротирањето на штедилницата, никој досега не даде одговор каде отидоа парите на штедачите, а не се дозна ни колку тогашната власт беше вклучена во криминалот што се случи во ТАТ.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!