Home / Вести / Ректорот Игор Неделковски го состави својот тим, кој ќе раководи со Универзитетот

Ректорот Игор Неделковски го состави својот тим, кој ќе раководи со Универзитетот

Ректорската управа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола на предлог на ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, на 17.10.2022 со тајно гласање донесе Одлука за избор на четири нови проректори:

проф. д-р Цветко Андреески, проректор за настава

проф. д-р Јасмина Буневска Талевска, проректор за студентски работи

проф. д-р Јове Димитрија Талевски, проректор за финансии и развој

проф. д-р Горан Илиќ, проректор за наука.

Со ова комплетиран е тимот на новото универзитетско раководство со мандат од три години. 

Проректорот, проф. д-р Цветко Андреески има богата професионална кариера како редовен професор, продекан за настава и декан на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид. Посебно место заслужува неговиот ангажман за осовременување и збогатување на високообразовната понуда, како и бројните активности на планот на интернационализација на наставата.

Проректорката, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска е редовен професор на Техничкиот факултет во Битола. Таа има импресивни наставни, но и воннаставни активности на факултетско и универзитетско ниво. Носител е на бројни општински  и европски награди и признанија. По нејзиниот избор за проректор, заради неспоивост на функцијата, таа даде оставка како член во Советот на Општина Битола.

Проректорот, проф. д-р Јове Димитрија Талевски во повеќе наврати се докажа како продекан и декан на Педагошкиот факултет – Битола. Тој членуваше во Сенатот и Комисијата за материјално-финансиски работи и инвестиции на УКЛО. Како истакнато име во академската заедница за прашања од финансиски карактер и планирање, има огромен придонес и во остварување на наставно-образовната  дејност.

Проректорот, проф. д-р Горан Илиќ остварува плодна професионална кариера, како член во Сенатот на УКЛО, продекан и декан на Правниот факултет – Кичево. Активно уредува меѓународни списанија и едиции, истовремено е ангажиран како меѓународен експерт на Институтот за глобална аналитика во Софија, поседува богато искуство со работа на меѓународни проекти од кои дел се поддржани од ЕУ.

На истата седницата донесена е Одлука за именување на доц. д-р Рената Петревска Нечкоска за Еразмус координатор на УКЛО.

Еразмус координаторот, доц. д-р Рената Петревска Нечкоска од Економскиот факултет – Прилеп е амбициозен професор и истражувач, со богато меѓународно искуство, алумни амбасадор на Универзитетот Гент за Западен Балкан, раководител и проектен менаџер во глобални мрежи и асоцијации за соработка меѓу УКЛО со Европа и Светот. 

Новото  раководство  на УКЛО предводено од ректорот Неделковски најавува  посветеност за реализација на неговата Програма за работа и развој на Универзитетот заснована врз три столбови: транспарентност, проактивност и инклузивност во сите домени на универзитетското работење.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*