Home / Економија / Шеќерната репка се враќа во Пелагониското поле?!

Шеќерната репка се враќа во Пелагониското поле?!

Токму во моментот кога не само битолската јавност, туку и најголемиот број од вработените, од кои многумина се наоѓаат на (не)платен принуден одмор, веќе ја прежалија Шеќераната и помислија дека и на оваа некогаш најслатка фабрика во државата, како и на многу други пред неа ќе и биде ставен клуч на капијата, во Битола, по речиси 7 години пауза повторно се актуелизира прашањето за враќање на шеќерната репка во Пелагониското поле и активирање на Шеќераната за производство на бел шеќер.
Дали со тоа се наѕира спасот на фабриката, некогаш гордоста на битолската индустрија, која покрај големиот број земјоделски кооперанти, ангажираше и голем број сезонски работници, а од работењето на фабриката корист имаа транспортните работници, и фабриката за квасец и алкохол, краварските фарми… е прашањето кое овие денови е се поактуелно во земјоделските кругови во Битола.

 

Репката кралица на земјоделските култури

 

Во присуство на заменик- министерот за земјоделие водостопанство и шумарство, Ванчо Костадиновски, менаџментот на фабриката, преставници на Земјоделскиот комбинат Пелагонија, лидерот на Здружението на земјоделците од Битола,Вељо Тантаров, градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски, деновиве во Битола се разговараше за тоа какви се можностите за враќање на шеќерната репка на нивите во Пелагонија.
Иако многумина беа скептични од таквата средба, сепак според присутните има надеж на пелагониското поле повторно да се врати кралицата на земјделските култури, каква што ја викаат репката.

Враќањето на шеќерната репка на полињата во Пелагонија на Пелагониското поле во голема мера (ќе) ги израдува битолските земјоделци, бидејќи оваа култура беше доста доходовна за нив.

sekerana 1

-Доколку се има желба мислам дека постојат одлични услови по 7 години пауза повторно да се врати репката во Пелагониското поле. Од нејзиното враќање нема да има корист само раководството на фабриката и земјоделците, туку ќе се офајдат и големиот број кооперанти, а ќе се намали и неврабтеноста во Битола, бидејќи кога работеше порано Шеќераната, во “ кампањата “ по неколку месеци беа ангажирани најмалку по 400 сезонски работници, а интерес имаше и транспортот, кој ја транспортираше репката од нивите до фабриката, фабриката за квасец и алкохол, која не мораше да купува меласа надвор од Македонија, како и фармерите кои со користењето на резанецот ќе имаат евтина добиточна храна. Воедно со нејзиното враќање многу ќе се придонесе за подобрување на плодоредот на нивите, бидејќи откако во Пелагонија не се сади повеќе репката, земјата практично е испостена од садењето на само две култури, пченица и јачмен- вели првиот земјоделец во Битола, лидерот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров.

 
Неуспешни обиди

 

Инаку,  обидот за враќањето на репката како култура во Пелагонија и Република Македонија не е прв и досега единствен. Имено и порано имало обиди за повторно враќање на репката како земјоделска култура на нивите во Пелагонија, но во изминатите години никако земјоделците и менаџментот на фабриката не можеа да најдат заеднички јазик за производсво на шеќерната репка. Недоразбирањата за производство на шеќерната репка почнаа пред неколку години, кога бугарските газди, кои го имаат мнозинскиот пакет акции, од 51 отсто, побараа земјоделците да произведуваат репка исклучиво под одредени стандарди, кои земјодлеците не можеа да ги прифатат.

А тие беа репката да биде тешка од 900 до 1.200 грама, а шеќерноста да изнесува над 17 отсто.

Воедно новите сопственици инсистираа репката да се чисти на самите ниви, а не како дотогаш директно од нивите, неисчистена да се носи во фабриката за шеќер. Таквите услови земјоделските производители од Пелагонија не можеа да ги прифатат и од 2007 година репката исчезна од полињата не само во Пелагонија, туку во и Кочани, Куманово, Тетово, Скопје, Струмица, каде Шеќераната имаше свои откупни пунктови.

Но,  иако тие беа едни од главните причини, сепак според познавачите на (не)приликите кога станува збор за производстсвото на бел шеќер во битолската шеќерана не беа заинтересирани и новите сопственици на “Литекс “ од Бугарија, туку тие се определија за увоз и преработка на жолт шеќер, па така од 2007 година од битолското поле целосно исчезна шеќерната репка.

Таквата деловна политика доведе до тоа и жолтиот шеќер на исчезне од производниотпроцес, па така минатата година биле произведени само симболични 6 илјади тони шеќер.
Дека овојпат сериозно се размислува за враќање на репката на Пелагониското поле најдобра потврда е што првите луѓе на ЗК Пелагонија на средбата во Битола ја искажаа својата подготвеност за враќање на шеќерната репка на нивните ниви и нагласија дека се подготвени за потребите на битолската шеќерана да засеат над 2.500 хектари под шеќерна репка, колку што се садеше во најдобрите времиња, кога во битолската шеќерана во кампањата се преработува од 10 до 15.000 вагони шеќерна репка, а како што дознаваме наскоро враќањето на репката во Пелагониското поле и во Република Македонија ќе се најде на дневен ред и во кабинетот на премиерот Никола Груевски, кој бил доста заинтерисран да се врати оваа култура не само во Пелагониското поле, туку и на македонските ниви.
Законски бариери или невозможни услови

 

 

Иако на прв поглед враќањето на репката на Пелагониското поле изгледа дека е сосема реално, сепак според познавачите на (не)приликите кога е во прашање оваа култура работите нема да одат толку лесно и брзо, бидејќи според нив производството на бел шеќер е доста комплициран и не зависи само од одгледувањето на шеќерната репка.

Во битолската Шеќерана, засега не сакаат многу да се изјаснуваат околу тоа какви се можностите репката да се врати во Пелагонија.
И покрај сите наши обиди и упорни инсистирања да обезбедиме изјава од првиот човек на фабриката не успеавме да стапиме во контакт со директорот Горги Стоев, кој е бугарски државјанин и кој во Битола доаѓа(л) на два три дена во неделата.
Иако,  во негово отсуство никој не сакаше да дава изјави за можноста за враќање на репката на Пелагониското поле,сепак еден од раководството на фабриката Зоран Ристевски изјави дека засега што може да каже  е тоа дека на средбата со заменик- министерот Ванчо Костадиновски е договорено во рок од два месеци да се разгледаат сите можности и прчки за враќање на репката како суровина за производство на бел шеќер во битолската шеќерана.
-Периодот од два месеци иако е кус, сепак мислам дека е сосема доволен да ги разгледаме и усогласиме сите можности за враќање на репката, за која во Шеќераната постои целосна подготвеност, нагласи Зоран Ристевски.
Иако,  менаџментот на фабриката не сака да ги открива деталите од разговорите, сепак,  како што неофицијално дознаавме за да се врати репката во производниот процес не само што е потребно Фабриката целосно да се ремонтира, туку потребни е да се исполнат и други услови, а да се направат и законски измени.
Токму од тие причини по средбата во Битола за враќањето на репката во Пелагониското поле беше доста воздржан и заменик- министерот Ванчо Костадиновски, кој кусо изјави.
-За враќање не репката како култура во производниот процес, покрај враќањето на репката на нивите, потребно е да се решат некои системски проблеми поврзани со надворешно трговската размена, царината, увозот, превлеменатите, извозните дозволи… нагласи Костадиновски.
Иако во јавноста не се изнесуваат детали околу тоа кои се условите на менаџментот на фабриката за враќање на репката во Пелагонија, сепак земјоделците сметаат дека доколку се има желба, фабриката може да се рестартира со што ќе се спречи нејзиното понатамошно пропаѓање и таа да заврши како старо железо.
-Иако засега кај сите постои воздржаност,  сепак јас сум оптимист и верувам дека по 7 години пауза сите сфативме дека репката треба да се врати на полињата не само во Пелагонија, туку и во Македонија. Корист од нејзиното враќање ќе имаат не само земјоделските кооперанти, сезонците, туку и самата фабрика, која е единствена ваква фабрика на просторот не само во Македонија, туку и во поранешна Југославиј, која со својата технологија може да произведува и бел и жолт шеќер. Мене ме радува тоа што овој пат за нејзино враќање се ангажираа(т) сите кои се најповикани за развојот на земјоделието во државата, а и тоа што субвенциите кои пред неколку години ги предвиде Владата за производство на шеќерна репка сеуште не се изземени, па така доколку Владата го субвенционира нејзиното производство и се направат некои законски измени, пред се да се спречи неконтролираниот увоз на жолт шеќер во Македонија, репката повторно ќе се врати на нивите, оптимист е Вељо Тантаров.
Менде Младеновски
Фотографија:  С. Ристевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!