Home / Економија / Симболично обесштетување за штедачите од ТАТ

Симболично обесштетување за штедачите од ТАТ

Над 6000 штедачи, во наредните неколку дена ќе поделат вкупно 7.500.000 денари обесштетување, колку што донесе одлука одборот на доверители.

bitola_stedaci_tat

Ограбените штедачи на ТАТ, деновиве ќе добијат по половина процент од нивните побарувања за обесштетување. Над 6.000 штедачи, во наредните неколку дена ќе поделат вкупно 7.500.000 денари обесштетување, колку што донесе одлука одборот на доверители, заедно со стечајниот управник Душко Јанкуловски деновиве да им поделат на штедачите. Ова е прво обесштетување на татовци во оваа 2016 година. Според стечајниот управник на штедилницата ТАТ, Душко Јанкуловски средствата во износ од 7.500.000 денари се обезбедени од продажбата на хипотеките, кои се дел од стечајната маса.
Иако ваквото обесштетување е речиси симболично, сепак ги израдува штедачите, кои речиси цели 20 години очекуваат да ги добијат своите ограбени штедни влогови. Средствата за обесштетување, штедачите на ТАТ ќе ги добијат преку шалтерите на Стопанска банка-Битола, каде што веќе се доставени списоците за обесштетување.

Инаку, во моментов штедилницата ТАТ има завршено над 300 судски постапки, колку што од страна на стечајниот управник Душко Јанкуловски беа почнати во изминатите години. Сите тие предмети, откако судски беа завршени се дадени кај околу 18 извршители во неколку градови во државата, кои мака мачат како да ги наплатат парите.

– Наплатата на побарувањата се одвива мошне тешко и бавно, бидејќи голем дел од хипотеките, или другите гаранции, кои ги имаа дадено корисниците на кредити и заеми не беа најсоодветно обезбедени. Во најголем број тоа беа ниви, куќи и станови, а некои од кредитите беа обезбедувани со задршка на личните доходи, платите, или пензиите, така што многу тешко можат да се наплатат, бидејќи во овој период многу од нив починаа – вели стечајниот управник Душко Јанкуловски.

Сега, ТАТ има само еден активен судски предмет што се води во судот во Скопје. Сите преостанати предмети се судски завршени и дадени се кај извршителите на извршување. Најголемиот број од тие предмети се во Битола, а ги има и кај извршителите во Скопје, Струмица, Кавадарци, Неготино, Прилеп. Интересно е што иако од банкротирањето на штедилницата ТАТ изминаа речиси 20 години, а во овој период штедачите беа во неколку наврати обесштетувани бројот на штедачите што побаруваат од стечајната маса постојано се зголемува. Тоа во штедилницата ТАТ го објаснуваат затоа што голем број од штедачите, на кои гласеа штедните влогови, во меѓувреме починаа, па во судските маси што ги отвораа нивните наследници во судовите постојано се зголемуваше бројот на тие што по пат на наследство се стекнаа со право на нивните побарувања. Денес, по речиси 20 години од банкротирањето на ТАТ, иако стечајот во ТАТ формално е затворен, сепак стечајната постапка и натаму трае, а стечајниот управник на ТАТ, Душко Јанкуловски, кој е трет стечаен управник, заедно со одборот на доверители и натаму се труди да го продаде имотот на штедилницата и да дојде до некои пари за обесштетување.
Незадоволни од ваквиот начин на обесштетување Здружението на необесштетени штедачи на ТАТ неодамна поднесе тужба против Република Македонија до Судот во Стразбур барајќи Република Македонија да им исплати вкупно 17 милиони евра, но таквата тужба од страна на европскиот суд беше отфрлена.

На таквата пресуда штедачите најавија жалба, чиј епилог сега го очекуваат.

– Во моментот кога изгубивме секаква верба во македонското правосудство и кога од неразбирливи причини беше одбиена нашата тужба против државата Република Македонија за обесштетување, не сакаме да веруваме дека ќе ја изгубиме правдата и во Стразбур. Судот во Стразбур ни остана нашата последна надеж. Во овој момент не сакам ни да помислам дека таа ќе ни пропадне. Ние не се предаваме и мислам дека иако правдата е бавна, сепак е достижна и дека ќе докажеме дека сме во право – вели претседателот на Здружението на необесштетени штедачи на ТАТ, Пеце Гугучевски.

Инаку штедачите на ТАТ, преку Здружението на необесштетени штедачи, кое е составено од 1.250 членови, ја тужеа Република Македонија и бараа државата да ги обесштети во висина од 17 милиони евра, колку што побаруваат штедачите.

 

 

Автор: Менде Младеновски 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*