Home / Колумни / Нема развој на туризам само со божја убавина

Нема развој на туризам само со божја убавина

Неодамна, кога по повод Денот на македонската дипломатија, над педесетина амбасадори и други припадници на дипломатскиот кор, по покана од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, го посетија националниот парк Пелистер, речиси сите, без исклучок, беа воодушевени од убавините на планината и маѓепсани од огромните сенки на прекрасните молики.

Гостите не штедеа комплименти за тоа што го видоа, со зборовите дека Пелистер е прекрасен и дека како планина, која природата обилно ја дарувала со убавина, нуди извонредни можности за развој не само на летниот туку и на зимскиот туризам.

Француската амбасадорка Лоренс Оер и Џес Бејли, првиот човек во Амбасадата на САД, воодушевени од убавините на Пелистер, дури предложија и реализација на неколку конкретни проекти за развој на туризмот на Пелистер.

„Паркот е прекрасен и ги потврдува своите можности за развој на различни спортови и особено планинарењето, кое е сѐ популарно во Европа“, истакна тогаш Лоренс Оер, амбасадор на Република Франција во Република Македонија.

Нејзиното мислење го делеше и Џес Бејли, кој воодушевен од убавините на Пелистер рече: „Пелистер е голем ресурс. Минатата година се одморав на Пелистер и пак сум тука. Американскиот народ има голема традиција за планинарењето и затоа ќе иницирам пешачење на една поголема планинарска тура што ќе биде од оваа до другата страна на планината“.

И навистина природата била многу дарежлива кога станува збор за убавината на Пелистер. Но, како што сега стојат работите, оваа наша планина може да се пофали единствено со своите природни убавини, дарувани од бога. Сѐ друго е исто како и пред 67 години, кога од страна на президиумот на Народното собрание на Македонија, со закон беше прогласена за национален парк.

На Пелистер денес единствено преживува и живее само тоа што е дадено од природата и што е изградено пред многу децении. Домот на Копанки, со капацитет од 100 легла, речиси четири години по опожарувањето е надвор од функција.

Мошне скромни се условите на сместувачките капацитети во планинарските домови на Големо и Мало Езеро, кои почесто се затворени отколку отворени.

Од неодамна, првпат откако е изградено, надвор од функција е и Детското одморалиште на Пелистер, кое е заклучено и во кое, во овие топли јунски денови, кога децата се на летен распуст, по неколку децении не се слуша детскиот џагор.
Во последно време, според зборовите на некои вљубеници во планината, веќе ни хотелот „Молика“ не е тоа што беше и сѐ поретко го посетуваат туристи. Иако речиси пред две децении почна изградбата на една луксузна вила веднаш под хотелот „Молика“, и таа е оставена на забот на времето едноставно да пропаѓа, а во фаза на распаѓање се и неколку сместувачки капацитети на некои јавни претпријатија.
Верни на убавините на Пелистер се единствено планинарите од Битола, кои сѐ уште се негови редовни гости и кои го користат секој слободен момент да се искачат на Пелистер и да се надишат чист воздух. За сите други Пелистер е веќе заборавена и напуштена планинска убавица.

Со ставањето клуч на детското одморалиште се чини како да е запечатена судбината на Пелистер кога станува збор за развојот на туризмот. Тој засега останува да живее единствено во проектите на некои туристички работници и сеќавањата на планинарите и љубителите на планината што барем еднаш се искачиле на Пелистер. Но само со изработка на проекти, кои обично претставуваат големи и неостварливи мегаломански желби и апетити, не може да се развива туризмот на Пелистер.

И кога станува збор за развојот на туризмот на Пелистер, мора да се нагласи дека Битола во сите изминати години, иако имала голем број проекти, сепак никогаш немала конзистентна политика за развојот на туризмот на оваа планинска убавица. Во најголем број случаи, како кој доаѓал на власт, или во позиција да одлучува за иднината на Пелистер, така ги тргал настрана туѓите, а ги промовирал своите проекти. И, како по правило, проектите секогаш биле изработувани без финансиска конструкција. Се разбира, и сето тоа, како по правило, останувало само мртво слово на хартија и завршувало до првата прес-конференција или промоција.

Дека Битола не знае буквално што да прави со Пелистер најдобра потврда е што по расипувањето, со години се чекаше да се направи сајлата на жичницата, а по пожарот што го снајде, иако изминаа цели четири години, сѐ уште нема ни абер од обновувањето на планинарскиот дом „Копанки“.

„Иако Пелистер изобилува со непроценливо природно, но и културолошко богатство, сепак оваа планина сѐ уште е со недоволно искористен туристички и рекреативен потенцијал“, ова е главната констатација содржана во студијата за оправданост на консалтинг-компанијата „Епи-центар“ Скопје, која неодамна се занимаваше со можностите за развој на туризмот на Пелистер.    Поради таквата состојба, во која со години се наоѓа(ше) Пелистер, оваа планинска убавица, која според многумина познавачи на планините на Балканот и Европа е една од најубавите, не беше доволно атрактивна ни за домашните ни за странските туристи.

И додека Пелистер едноставно пропаѓа и се наоѓа во очајна состојба, некои поединци што во последните неколку години дојдоа во ситуација да одлучуваат за тоа каде и колку ќе се вложува во развојот на битолскиот туризам, домашните и европските пари најчесто ги арчат на изработка на проекти, брошури, каталози, летоци, водичи, телевизиски спотови, патувања, па дури за развој на авантуристичкиот туризам, но наместо на Пелистер, ги лоцираат во Пелагонија! Сѐ додека така се води политиката на повиканите за развој на туризмот, Пелистер ќе биде тоа што е – напуштена и заборавена планинска убавица, која почнаа да ја напуштаат и забораваат дури и еднодневните туристи.

Тоа што особено ги загрижува битолчани е што во иста или слична ситуација е и туристичката населба на Нижеполе, која неколку години е затворена и во која, покрај сместувачките капацитети, оставени на забот на времето се и банкет-салата, ресторанот, како и спортските терени, кои се заборавени и од луѓето и од господ и се оставени едноставно да пропаѓаат. Во таква ситуација, кога туризмот на Пелистер едноставно пропаѓа, на битолчани им остана да се утешат со зголемениот број на туристи од Турција, кои во последно време на Широк сокак ги има во сѐ поголем број, но кои едноставно само поминуваат и не застануваат дури ни кафе да се напијат во Битола.

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*