Home / Економија / Стопанска банка а.д. Битола оствари одлични резултати во третиот квартал

Стопанска банка а.д. Битола оствари одлични резултати во третиот квартал

За периодот 1.1-30.9.2017 година, Стопанска банка а.д. Битола оствари позитивен финансиски резултат односно добивка во износ од 40,27 милиони денари што претставува значително подобрување во однос на резултатот остварен за истиот период од минатата година.

Добивката главно е генерирана од повисоки приходи од тековното работење, наплата на отпишани побарувања евидентирани вонбилансно, издвоени помали загуби за оштетување на финансиските и нефинансиските средства.

Оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, исто така, бележи подобрување што се согледува преку финансискиот резултат пред исправка на вредност и загуба за оштетување, кој е поголем од минатогодишниот за 4,08%.

Анализирано по одделни позиции, приходите од камати бележат раст од 22,92 милиони денари во најголема мера како резултат на зголемено кредитирање на домаќинства, а во согласност со стратегиската определба на Банката за дисперзија на ризик.Паралелно со растот на вкупните депозити на Банката, расходите за камати се зголемени за 14,43 милиони денари споредено со остварените во периодот 1.1-30.9.2016 година, така што нето-приходите од камата се повисоки за 3,80%.

Нето-приходите од провизии и надоместоци бележат пораст од 6,04%. Овој раст главно е генериран од приходната компонента каде што е регистриран апсолутен годишен раст од 11,78 милиони денари споредено со растот од 7,66 милиони денари на расходната страна.

Нето-приходите од курсни разлики се пониски за 1,53 милиони денари споредено со минатогодишното остварување, додека останатите приходи од дејноста бележат раст од 2,17 милиони денари (вонредни приходи од продажба на нетековни средства наменети за продажба и наплатени претходно отпишани побарувања).

Исправката на вредноста на финансиските средства и загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа, се значително пониски споредено со минатата година, што укажува на подобрен квалитет на кредитното портфолио, како и намалено учество на преземениот имот во вкупната актива поради продажби и оштетување во согласност со важечката регулатива.

Трошоците за вработените не бележат крупни промени во однос на периодот 1.1–30.9.2016 година, додека амортизацијата е повисока за 13,57%. Останатите расходи од дејноста се поголеми за 8,04%, што главно е резултат на повисоки трошоци за одржување и унапредување на системите за работа и опремата.

Во согласност со деловната политика, развојниот и финансискиот план, Банката и во идниот период ќе биде фокусирана на понатамошно подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и вкупната актива преку засилени активности за наплата на нефункционални кредити, одобрување нови изложености со прифатливо ниво на ризик и продажба на преземениот имот.

Планираното проширување на дистрибутивната мрежа, како и понудата на иновативни производи и услуги се очекуваат да дадат соодветен придонес кон зголемување на клиентската база и остварување на планираниот раст на депозитниот потенцијал.

Врз основа на ваквите активности, динамиката на раст на приходните позиции би била поголема во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде услови за понатамошно подобрување на финансискиот резултат на Банката.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!