Home / Вести / Владата пресече:Полициски час од петок до вторник

Владата пресече:Полициски час од петок до вторник

Владата на Република Северна Македонија на денешната 40-та седница го разгледа и усвои предлогот за продолжување на забраната и посебниот режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на претстојниот христијански празник Велигден, односно забраната за движење ќе започне од 17 април 2020 година (петок) од 16:00 часот и ќе трае до 21 април 2020 година (вторник) до 05:00 часот.

Согласно оваа забрана и посебен режим на движење, Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите околу верските храмови за време на претстојниот празник.

Дополнително, со одлука на Владата е усвоен предлогот на Главниот координативен кризен штаб од состанокот што се одржа денеска, од четврток 16 април во 16:00 часот, до 05:00 часот во вторник 21 април  да се забрани движење и групирање, односно да се затворат сите паркови, излетнички места, места за рекреација во националните паркови и шуми, како и викенд населбите за време на периодот на забраната и посебен режим на движење за претстојниот празник, а Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите на овие места.

За лицата над 67-годишна возраст останува активна забраната во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот. Во понеделник, 20 април, за овие и за сите други граѓани има целосна забрана.

За сите лица до 18 години останува активна забраната за движење во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот. Во понеделник, 20 април, за овие и за сите други лица има целосна забрана.

На оваа своја седница Владата констатира дека е завршен периодот на постоење на кризната состојба на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа и дека оваа состојба ги даде очекуваните резултати на здравствен план.

Со завршување на постоењето на кризната состојба на овие подрачја, Владата заклучи да продолжат да се спроведуваат постојните одредби од донесените одлуки, заклучоци, мерки и препораки на Владата за време на вонредната состојба на целата територија на Република Северна Македонија.

На денешната седница на Владата е донесена Уредба со законска сила за задолжување на Република Северна Македонија кај Меѓународниот монетарен фонд за финансиската поддршка од Инструментот за брзо финансирање за време на вонредна состојба.

Финансиската поддршка од Меѓународниот монетарен фонд од околу 176,7 милиони евра преку овој инструмент, Република Северна Македонија ќе ја искористи за буџетски потреби во финансирањето на мерките за здравствена и макроекономска стабилизација и исполнување на потребите на билансот на плаќање кои произлегуваат од појавата на КОВИД-19.

Владата на Република Северна Македонија денеска ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од користење на Макро – финансиска поддршка од Европската Унија за не – ЕУ држави, и го одобри предлог текстот на Писмото за формално барање за користење на Макро-финансиска поддршка од Европската Унија за Република Северна Македонија.

Во врска со оваа точка, Владата го задолжи Министерството за финансии најдоцна до 15 април 2020 година да го испрати до Европската Комисија Писмото за формално барање за користење на макро-финансиска поддршка од Европската Унија за Република Северна Македонија.

На седницата беше разгледана и усвоена Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба, чии одредби се однесуваат и на вонредните и ополномоштени амбасадори и генералните конзули на Република Северна Македонија, кои остваруваат право на плата согласно Законот за надворешни работи. На вонредните и ополномоштени амбасадори и генералните конзули според Уредбата со законска сила, за месеците април и мај 2020 година ќе им се исплатува плата намалена за 20 проценти од платата исплатена во претходниот месец.

Исто така, Владата донесе и Уредба за дополнување на Уредбата за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба, според која, на државјанин на Република Северна Македонија, кој влегува на граничните премини во нашата држава по 13-ти април 2020 година, а бил затекнат во земји со висок ризик од коронавирус КОВИД-19, согласно листата на Светската здравствена организација (СЗО), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од најмалку 21 ден од денот на пристигнувањето во Северна Македонија.

На денешната седница, беше донесена и Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија вратени од странство со хуманитарни летови, според која оваа Одлука важи и за државјани на Република Северна Македонија, вратени од странство и со конвои по копнен пат.

На предлог на Министерството за здравство денеска Владата ја усвои и Уредбата за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствена заштита за време на вонредна состојба, со која се уредува престанокот на вработувањето по сила на закон, со престанок на Договорот за вработување или Договорот за продолжување на вработувањето на здравствен работник односно здравствен соработник, поради возраст, се одложува за време на траењето на вонредната состојба, во случај на стекнување право на старосна пензија, кога ќе наполни 64 години за маж, односно 62 години за жена согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување за време на вонредна состојба, или кога ќе наполни 64 години, односно кога со писмена изјава до работодавачот побарал да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст согласно Законот за работните односи.

Согласно оваа Уредба, започнатите постапки за престанок на договор за вработување или договор за продолжување на вработувањето на здравствен работник, односно здравствениот соработник, поради возраст, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!