Home / Uncategorized / Заев си замина, но останаа сует(н)ите

Заев си замина, но останаа сует(н)ите

               

        Зоран Заев си замина од челната позиција на СДСМ.За разлика од порано, кога често пати знаеше да не го одржи зборот и да не го исполни ветувањето, овој пат Заев си остана доследен на дадениот збор и по истекувањето на тридневната жалост во држвата, поради трагичната несреќа во Бугарија Заев си поднесе оставка која на најави истата вечер по завршувањето на локалните избори, на кои СДСМ доживеа тежок пораз.

        Дел од членството долго време се убедуваа да го (раз)убедат Заев да ја повлече оставката и да остане на партиската и премиерската функција. Иако многумина се сомневаа во тоа дека Заев ќе опстои на одлуката и мислеа дека како и во некои други прилики ќе го прекрши зборот, овој пат  тој остана доследен на својата одлука и ја ковертира оставката.

        Заев сега веќе не е лидер на  СДСМ .

        Дали  ќе остане премиер на Владата останува да се види,

        Како во партијата така и коалиционите партнери настојуваат да го (раз)убедат Заев да ја повлечи оставката и да ја  води Владата до редовните парламентарни избори, кои се за три години.

        Дали ќе успеат во тоа останува да се види.

        Каква одлука ќе донесе Заев засега знае само тој.

        Како и да е, политичката кариера на Зоран Заев во СДСМ се чини е завршена.

        Како и неговиот претходник, Бранко Црвенковски, по одлуката на Централниот одбор на СДСМ, Заев е веќе партиски пензионер и обичен член.

        Иронијата да е поголема и Заев, како и Црвенковски  од челната позиција на СДСМ си заминаа по поразите кои ги доживеаја на локалните избори, што е само уште една потврда дека не се тие толку безначајни  за какви што некои партиски аналитичари ги сметаат.

        Оставката на Заев  како негов  личен морален чин не би требало да биде сфатена како крај на светот.

        Во средените држави во ЕУ, кон кои сака да се приклучи Македонија, тоа е вообичена пракса.

        Впрочем деновиве премиерката на Шведска, веднаш по изборот,  по само седум часа “власт “ уште неседната на премиерската фотелја си даде оставка.

        Но ако се знае  како  кај нас се одвиваат работите и дека по секое заминување на лидерот, партиите доживуваат тешки кризи, лично сметам дека Заев оставката ја даде без да размисли за последиците.

        Заев во изминатите години имаше бројни поводи поради некои избрзани непромислени изјави и компромисни потези кои ги правеше да си даде оставка, особено на премиерската функција.Но и да сака тој, иако е, не може да биде единствениот виновник за поразот на локалните избори.

        Виновници има многу повеќе, кои  за разлика од него, на изборите отворено работеа против партијата.

        Оставката на Заев негативно ќе се одрази и на (не)функционирањето на Владата и тоа токму во моментот кога во деќември треба да се реши спорот со Бугарија и Македонија заедно со Албанија конечно да добијат датум за отпочнување на преговорите.

        Само пред неколку месеци да прогнозираше некој во јавноста дека од лидерската и премиерската функција ќе се повлече Зоран Заев ќе го сметаа за шизофреничен.

        Неговата позиција како во партијата, така и во Владата, а особено во меѓународната заедница беше толку многу цврста, што се добиваше впечаток дека тој е новиот регионален лидер, кој ќе успее да ги зближи сите  раскарани лидери на Западниот Балкан.

        Сега кога Зоран Заев си замина од лидерската позиција, се поставува прашањето дали тој требаше да биде најголемиот виновник во СДСМ за поразот на локалните избори. Лично мислам дека не.

Во СДСМ на локалните избори имаше илајдници членови на партијата , кои водени од своите суети, лични желби, амбиции, фрустрации и злоби јавно и тајно  работеа против партијата и предложените кандидати.

        Во една прилика една од членовите на СДСМ напиша. #Сакавте да не нема, но ве снема и Вас#

        Токму со такви сфаќања голем број  партиски функционери или  членови на СДСМ незадоволни од понудените кандидати за градоначалници, или советнички листи  работеа против партијата и во корист на сопствената штета.

        Најдобар пример за тоа е Битола, каде екс градоначалничката, Наташа Петровска незадоволна од тоа што не доби шанса да се бори за втор мандат отворено со своите истомисленици и поддржувачи работеше против Христо Кондовски.

         Сега СДСМ е на нов почеток.

        Треба да избере не само нов лидер на партијата, туку и  нов премиер и нови раководства во општинските организации.

        Ако се има во предвид каков е амбиентот  моментно во партијата треба да се очекува беспоштедна битка за завземање на позиции.

        Незадоволни лица во партијата, не само од изборните резултати на локалните избори, туку и  целокупната ситуација има многу.

        Партиските кујни или лоби групи веќе почнаа да функционираат.    Кој за кој е и против кого е  ќе се знае во наредните денови, кога ќе се предлагаат кандидатите за лидер на партијата.Иако се работи за непосредни избори, на кои секој може да се кандидира сепак во наредните денови јасно ќе се види  дали кај членството ќе преовладеат Заевистите, Бранковистите или пак струјата на Рада, на Фрчко…

        Иако сега засега сите тврдат дека се ќе помине во најдобар ред и нема да се наруши единството во партијата, на сите им е јасно дека тоа нема така да биде, бидејки единството е веќе одамна нарушено и практично го нема.

        СДСМ на локалните избори си направи од готово вересија.Дали тоа некој сега го сфати останува да се види, но едно е сигурно дека како и на сите партии по поразите на изборите и смената на партиските лидери им треба доста време да се (само)организираат и престројат.Колку време за такво престројување на СДСМ ќе му треба по Заев останува да се види.

        Но лично мислам дека  партиската “перестројка “ во СДСМ нема да биде ни брза, ни лесна, ни едноставна и без последици.

        А резултатите од таквото претсројување ќе се видат на првите следни избори, било тие да се предвремени, или редовни.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*