Битола за прв пат во историјата на македонскиот лајонизам беше домаќин на ваков настан, а дополнителна вредност беше збратимувањето на клубовите од нашиот со дистриктот од Хрватска, посочи гувернерот Драги Филевски чиј мандат завршува на 30 јуни оваа година.
-За разлика од порано, во мојот мандат се реализираа четири имиџ проекти кои директно придонесоа во разноликоста и бројот на акции во текот на целата година. Тоа пак овозможи да се зголеми бројот на членови кој во моментов се движи над 850 во цела држава. Како посебно квалитетна ја оценувам меѓународната соработка, пречекот на интернационалниот претседател Џо Престон во Битола и Македонија, но и моите гостувања во Чешка, Словенија, Србија и секако Хрватска со чиј дистрикт го потврдивме збратимувањето на два клубови од нашиот град, рече гувернерот Филевски на националната конвенција во Битола.
Инаку, чинот на потпишување на формално-правните акти и документи ќе биде финализиран на 23 мај кога во Нашице ќе се одржува националната конвенција на Лајонс дистрикт126 Хрватска. Договорите за збратимување ќе ги потпишат Марјан Танушевски, претседател на ЛК Битола и Жељко Црнковиќ претседател на ЛК Нашице, како и Антонио Димитровски претседател на ЛК Хераклеја со Јосип Беречиќ, претседател на ЛК Валпово-Белишќе.
-Во Хрватска имаме 63 лајонс клубови и околу 1.300 членови. Во Македонија сме на покана на гувернерот лајон Драги Филевски за да се збратимиме со клубови во Битола. Македонија е наша драга и пријателска земја и затоа сакавме во Битола да реализираме една прекрасна иницијатива која ги зближува лајонсите, но соработката освен со хуманитарни акции ќе ја реализираме и со заеднички активности од сферата на културата, а ќе ги мотивираме и поврзиме стопанствениците од градовите, односно од вашата Битола и наше Нашице, изјави Младен Кајганиќ, иден гувернер на хрватските лајонси.
Звонимир Цветановски нов гувернер на Лајонс дистрикт132 Македонија
Според востановената традиција, во овој период од годината македонските лајонси го избираат идниот гувернер, вице гувернери и членови на кабинетот на гувернерот, и со едногласна одлука довербата за наредната фискална година му е беше доделена на Звонимир Цветановски, член на Лајонс клуб „Пајко маало“ од Скопје.
-Тимската работа, несебичен ангажман, креативност и сплотеност се мојата инспирација и мојата гордост и водилка во секојдневните активности. Наследив еден многу здрав дистрикт, организиран на високо ниво и тоа е предизвик за нас. Големо е задоволството како лајонс да се помага на заедницата, а тоа ние го правиме 18 години. Програмата во фискалната година која почнува на 1-ви јули ќе ја реализирам под мотото „Не постојат проблеми, само предизвици“, истакна Цветановски по изборот за гувернер на Лајонс дистрикт 132 Македонија.
На годинешната национална конвенција во Битола учествуваа и неколку посебни гости, односно интернационалниот директор Кенет Персон од Шведска, поранешниот германски гувернер на дистрикт Хеико Далмани Јуриј Шарман, гувернер на Лајонс дистрикт129 Словенија.
Б.В.