Home / Градска хроника / Битола конечно доби полигон

Битола конечно доби полигон

На новиот полигон во Битола, денес за прв пат кандидатите полагаа за добивање на возачка дозвола, со што официјално по пауза од шест години, битолчани можат да полагаат на домашен терен. Ветениот рок за изградба на полигонот беше исполнет од страна на локалната самоуправа.

„Ветивме, исполнивме. За само една година, по спроведена процедура, после многу години, Битола конечно има полигон. Битолчани повеќе нема да имаат потреба да одат во соседните градови за да вежбаат, но и за да полагаат. Битолчани, нека ни е аирлија новиот полигон“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Прв од денешните кандидати кој полагаше на новиот полигон и се стекна со возачка дозвола за камион е битолчанецот Маријан Зисовски. Тој доби подарок во име на Општина Битола, а му беше врачен од страна на градоначалничката Наташа Петровска.

„Многу добро поминав на полагањето и ми е мило што во нашиот град има полигон и што токму јас бев првиот кандидат кој го положи возачкиот испит“, истакна Зисовски.

Полигонот е лоциран на излезот од Битола, во населбата Горно Оризари, на земјиште во сопственост на Владата на РМ, кое и беше доделено на Општина Битола, а е изграден како донација од „Автомакедонија“.

„Пред се голема благодарност до Општина Битола,  до градоначалничката, советниците и целиот тим кој што го работеше овој проект. Изведувачите со натчовечки напори се потрудија и го изведовме полигонот. Се надевам дека отсега па натаму ова ќе биде и поблагодарно за битолчани и полесно, затоа по шест години повторно имаме полигон во Битола“, посочи Зоран Кузмановски, управител на сообраќајниот испитен центар АМ ДООЕЛ Битола.

На денешното прво полагање на кандидатите за возачка дозвола, присуствуваа и советниците од Општина Битола, предводени од претседавачот Валентин Груевски, како и голем број граѓани, кандидати и претставници од авто школите во градот.

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!