Home / Култура / Битолскиот театар гостува на „Шекспир фестивал“ во Нови Сад

Битолскиот театар гостува на „Шекспир фестивал“ во Нови Сад

Ансамблот на Народниот театар – Битола од 25 до 30 јуни ќе настапи на вториот „Шекспир фестивал“, кој ќе се одржи во српскиот град Нови Сад.

 

Режисерот и директор на фестивалот, Никита Миливоевиќ годинава освен театарот од Битола, покани и театри од Иран, Белорусија, Велика Британија и домаќинот. На овој меѓународен настан, освен театарски претстави ќе има работилница и проекција на филмови од Орсон Велс работени според делата на Вилијам Шекспир.

 

– Во Нови Сад ќе настапиме со претставата „Отело“ во режија на Диего Де Бреа. Како што е познато станува збор за драма која Шекспир ја напишал во 1604 година посветена на Отело. Тоа е претстава која освен врвна актерска игра, изобилува и со светлосни ефекти и со музика која не ја остава рамнодушна публиката, впрочем така беше на „Охридско лето“, „Битола Шекспир фестивал“ и на други театарски сцени, а веруваме дека ќе биде така и во Нови Сад, информираат од НУ Народен театар-Битола.

 

Според програмата, театарот од Белорусија ќе настапи прв со претставата „Кралот Лир“, театарската група „Кататонија“ од Техеран, Иран ќе ја изведе претставата „Магбет“, а театарската програма на фестивалот ќе ја затвори битолскиот театар на 28 јуни со претставата „Отело“ во која настапуваат Борче Ѓаковски, Катерина Аневска, Марјан Ѓоргиевски, Иван Јерчиќ, Николче Пројчевски, Валентина Грамосли, Петар Горко и Илина Чоревска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*