Home / Колумни / Диригирани “патриоти”

Диригирани “патриоти”

Во Македонија се случи и тоа што јавноста долго време, речиси три месеци, беше уверувана дека никогаш нема да се случи. Република Македонија доби влада, чиј премиер е лидерот на СДСМ Зоран  Заев.

Тоа што е интересно е што по два дена (не)конструктивна дискусија и дебата, во која учествуваа  пратениците на сите политички партии, изборот на новата влада помина речиси во свечена атмосфера.

И до тука нема ништо лошо, ни чудно.

Се случи тоа што логично, требаше и мораше да се случи. Мнозинството да состави Влада.

Тоа што остави црна дамка на изборот на новата влада е тоа што се случуваше пред нејзиниот избор, 80 дневните протести на загрижените патриоти “За заедничка Македонија”, како и настаните од 27 април, кога група загрижени патриоти и нивни јуришници, влегоа во Македонското собрание и се обидоа буквално да ги линчуваат предавниците на Македонија, кои се осудија да состават влада под закрилата на Тиранската платформа.

Иако сите 80 дена од загрижените патриоти, едно време 100.000, потоа 200.000, па 300.000 и на крајот спрема броењето на нивните лидери 500.000 загрижени граѓани на Македонија за зачувување на унитарноста на државата, цели 80 дена, секој ден ги уверуваа нивните поддржувачи, јавноста и останатите граѓани дека никогаш нема да дозволат “предавниците”,  предводени од аболицираниот криминалец Зоран Заев, да направат влада и дека тие со  сите сили ќе го спречат тоа, па дури по цена на животот.

И бидејќи живееме во (не)демократско општество во кое слободата на мислење, говорење и јавно собирање е загарантирано со Уставот, таквите, до инцидентот во Собранието мирни протести, на кои ни едно цвеќе не беше стапнато, наидуваа на поддршка на граѓаните.

Но подоцна, кога се случија настанаите на 27 април се виде дека мирните демонстранти не биле толку многу мирни, туку тие се обидоа насила, по цена да паднат и човечки жртви,  да го спречат изборот на претседател на парламентот.

Тоа што не се случи најлошото треба да му благодариме само на воздржаните реакции од страна на тогашната опозиција и севишниот.

Од тој ден, кога не успеа државниот удар за насилно спречување избор на претседател на законодавниот дом,  престанаа протестите и нивните инспиратори, поддржувачи и организатори буквално  ги снема.Како в земја да пропаднаа. Од тогаш не само тие туку  и членовите на ВМРО ДПМНЕ, нивните симпатизери, заборавија на Прогласот, Патоказот, Манифестот за решавање на кризата. Едноставно како под команда престанаа сите активности за (насилно)  спречување да се реализира т.н.  Тиранска платформа.

Луѓето кои пред тоа имаа запалива реторика, и кои тврдеа дека во Македонија доколку опозицијата се обиде да формира влада, ќе се случи ноќта на долгите  ножеви, се со цел да не им се дозволи на предавниците да формираат влада,едноставно заборавија на се и одлучија своите  барања за зачувување на унитарниот карактер на државата да ги остварат  на Уставен суд.

Тоа што се случуваше пред, за време на протестите, како и потоа, е само уште една потврда дека кај нас, во Македонија, како печурки по дожд се никнуваат  инстант “патриоти” и диригирани заштитници на државните интереси. Кај нас преку ноќ се јавуваат какви не патриотски здруженија на граѓани, организации, асоцијации, кои себеси си земаат за право дасе легитимираат пред јавноста дека се повикани да се грижат за виталните државни интереси.

Во тие моменти на демократска борба, тие не се воздржуваат да имаат запалива патриотска реторика ,со која ги мотивираат нивните поддржувачи.

Но помнењето не учи дека сите такви инстант патриоти и патриотски задруженија, како што преку ноќ се јавуваат, така и преку ноќ  исчезнуваат.

Токму таквото делување и дејствување е тоа што лично ме загрижува.

Па затоа кај нас  речиси во сите сфери, имаме паралелни организации, здруженија, асоцијации, кои своите активности ги водат диригарни од своите партиски и политички ментори.

Притоа сите тие се вадат дека ја имаат поддршката на народот и ги бранат интересите на народот.

Кај нас ретко, или сосема малку, се јавуваат лидери, организации, здруженија, кои самите се организираат и мобилизираат и кои исклучиво се занимаваат со своите (еснафски) интереси.

Сите некако милуваат да се ангажираат и борат  за битни државни и народни интереси.

Тоа што подоцна истиот тој народ ќе го остават со прстот в уста нив воопшто не ги загрижува, ниту пак се срамат за тоа.

Затоа баш ме интересира сега како по формирањето на “предавничката влада”  размислуваат Бетмен,  Еднооки, или оперскиот пеач, Дурловски, и каде се тие. Како сега тие го објаснуваат фактот што Македонија доби влада, во чие  формирање формално правно учествуваше и опозицијата на ВМРО ДПМНЕ,а тие не направија ништо да го спречат тоа.

Или откако добија сигнал да ги запрат своите активности, тие сега чекаат нов сигнал од нивните партиски ментори како ќе делуваат во иднина.

Нивната “државничка “ и “патриотска “ загриженост за судбината на Македонија сега е на стенд бај. Дали тоа ќе биде до следниот сигнал пред новите избори останува да се види. Дотогаш тие ќе ги уживаат “придобивките “ од нивната револуционерна активност.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*