Home / Македонија / Европратениците очекуваат кредибилни избори

Европратениците очекуваат кредибилни избори

По средбите со партиите, со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и со претставници на граѓанското општество, тричлената делегација на Европскиот парламент информираше дека се импресирани од напредокот и подготовките за изборите во декември.

– Импресиониран сум од досегашните подготовки за изборите во декември. Слушнав дека ова претставува загриженост за дел од граѓаните. Мислам дека поради многуте набљудувачи од граѓанското општество, од нашиот парламент и други институции ова ќе биде навистина тајно и приватно гласање. Сега се надевам дека многу Македонци ќе одат да гласаат – рече Кнут Флекенштајн, додавајќи дека една недела по изборите ќе дојдат повторно во Скопје.

Причината за нивната посета денеска беше токму да ги увидат состојбите со подготовките за предвремените парламентарни избори. Според официјалната изјава на делегацијата, тие ги уверуваат сите загрижени граѓани дека овие избори ќе бидат демократски.

– Сите состаноци кои ги имавме денеска покажаа дека партиите се подготвени и дека изборите ќе се одржат во транспарентна атмосфера. Ова е главното чувство по сите наши состаноци денеска во Скопје. Сите партии се оптимистични за изборните резултати. Бевме многу задоволни што слушнавме дека има соработка меѓу партиите за да се избегнат компликациите и инцидентите за време на кампањата. Имаме причина да веруваме дека изборите ќе бидат фер и транспарентни и дека ќе бидат почеток на нови времиња во Македонија. По изборите е време кога треба да се продолжи со реформите од договорот Пржино со консензус од сите политички партии – рече известувачот на ЕП за Македонија, Иво Вајгл.

И европратеникот Едуард Кукан истакна дека главниот заклучок од денешните средби е позитивен, велејќи дека засега се е под контрола, а се надева и дека во иднина ќе биде така.

– Новата влада ќе продолжи со итна имплементација на реформите, односно галвните приоритети и со тоа ќе покажате дека сте посветени кон ЕУ интеграцијата. Со среќа – рече Кукан.

Во контекст на Специјалното јавно обвинителство, Вајлг посочи дека при средбата со Јанева тие ја истакнале заинтересираноста за оваа институција, како и нивната поддршка.

 

 

 

Извор: Нова Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*