Home / Uncategorized / Година кога Талески се обиде да го згасне Битолски весник

Година кога Талески се обиде да го згасне Битолски весник

За три дена ќе ја испратиме Старата 2017 и ќе ја дочекаме Новата 2018 година. Деновиве, подготвувајќи го последниот број на Битолски весник за календарската 2017 година правевме анкети со наши сограѓани, пријатели, соработници, поддржувачи.

Сите тие на овој, или оној начин, ни говореа за тоа по што ќе ја памтет 2017 година и со какви желби ја очекуваат Новата 2018 година.

Слушајќи ги нивните кажувања само по себе ни се наметна прашањето зошто во последниот овогодишен број  на Битолски весник не напишеме и ние за нашите искушенија низ кои поминавме во годината,  која за неколку дена ќе стане минато и во која “таткото “ на градот, сега веќе екс градоначалникот Владимир Талески  и уште неколкумина негови поддржувачи  и послушници,  уште на почетокот на оваа година посакаа  да згасне најстариот локален печатен медиум не само во Битола, туку и во Република Македонија.

Со оглед на тоа што главното мото на Битолски весник е да биде сведок и хроничар на градот, токму за битолската историја и за историјата на Битолски весник, оценивме дека треба и вреди  во овој број да се напише и за нашите страдања во 2017 година.

Иако во изминатите 54 години Битолски весник се среќавал со разни  удари, притисоци, закани, судски процеси, финансики дисциплинирња… сепак во историјата на Битолски весник никој како Талески не се обидел да го згасне Весникот кој над 5 децении ја испишува историјата на Битола.

Во историјата на Битолски весник  ќе остане запишано за на век дека во 2017 година,  сега веќе екс  градоначалникот на Битола, Владимир Талески, заедно со уште неколкумина негови послушници, на (нај)бесрамен и (нај)директен начин  се обидоа да го згаснат Битолски весник.

Колку и да звучи неверојатно, сепак за жал вистината е таа. Градоначалникот на Битола, Владимир Талески  на почетокот на 2017 година, откако најпрво се обиде да ја згасне Манифестацијата “ Избираме најуспешни битолчани “  подоцна еднострано  ја раскина соработката со Битолски весник и се обиде да го згасне Весникот.

Без никакво образложение , Талески преку СМС порака се откажа од услугите на Битолски весник  и одлучи за 2017 година да не потпише договор за соработка  само  со  Битолски весник.

Во настојувањето да се  пресмета со Весникот, тој не го продолжи и договорот со Радио Б – 97.

Додека кај одредени локални медиуми истураше пари, Талески за Битолски весник во годината која наскоро ќе ја испратиме не издвои ни еден скршен денар.

На Битолски весник во 2017 година јасно му беше ставено до знаење да не конкурира ни за проекти за “ Бит фест”, бидејки нема да добие ни денар.

Откако претходно по СМС порака, веднаш по одржувањето на Манифестацијата “ Избираме најуспешни битолчани  “, која тој отворено ја бојкотираше,  ни порача  дека ја прекинува натамошната  секаква  соработка со Битолски весник, подоцна со едно штуро известување од страна на неговите стручни служби ни беше речено дека договорот ни  е прекинат и дека во иднина без нивна порачка да не објавуваме ништо. А откако ја донесе таквата одлука нарачките за објавувања веднаш беа стопирани не само за градоначалникот, туку и за Советот.

Воедно по наредба на градоначалникот Талески беа стопирани и сите исплати кои општината Битола за претходно извршените услуги им ги должеше на Битолски весник, а речиси два месеци траеше преписката со нас околу (не)признавањето на некои фактури.

По цели 12 години  соработка со Битолски весник, “таткото “ на градот одлучи да се откаже од  неговото (не)послушно дете, Битолски весник.

Дека Талески  во настојувањето да го згасне Битолски весник решил да оди до крај говореше и фактот што тој на сите директори кои тој ги имаше назначено им издаде наредба да не соработуваат повеќе  со  Весникот.

Иако на почетокот го послушаа речиси сите, сепак подоцна некои му откажаа послушност . Единствен кој остана до крај да ја почитува неговата наредба остана само сега веќе екс директорот на ЈП “ Комуналец” Зоран Соклевски, кој му остана до крај лојален на Талески.

Иако знаејќи ја  огромната  суета на Талески  очекувавме ваков потег, сепак не очекуваме дека градоначалникот на Битола така лесно ќе се откаже од Весникот, за кој тој самиот зборуваше дека е вистински бренд на градот кој заслужува секаква поддршка.

По ваквата негова одлука Битолски весник, за прв пат во неговата над пет децениска историја не  ја уживаше поддршката на Општината Битола.

Весникот кој е потврден и докажан сведок и хроничар на Битола и кој цели 54 години ја испишува историјата на градот во 2017 година  остана без никаква   финаниската поддршка на општината и некои фирми послушници на Талески.

Владимир Талески ќе остане запаметен и како прв  битолски политичар и единствен градоначалник на Битола, кој ја прекинал соработката со  Битолски весник.

Во ситуација кога во Битола пред неколку години благодарение  на  (не)грижата на Талески беше укинато Радио Битола, со над шестдецениска традиција, човекот кој сите 12 години, токму на страниците на Битолски весник ја искажувал својата огромна љубов и посветеност кон Битола, одлучи да му зададе неочекуван удар и на Битолски весник.

Иако би биле неискрени доколку кажеме дека прекинувањето на соработката со општината не  се одрази негативно  на материјално финансиското работење на Битолски весник, сепак во оваа прилика мораме да му порачаме на Талески, дека  овој пат ние не  му ја исполниме неговата желба, да го згасни  Битолски весник.

Битолски весник и без поддршка на општината  ја преживеа 2017 година и секоја среда продолжи да излегува и  да се најдува на киосците во Битола и во рацете на своите илјадници читатели.

За наша среќа, а за несреќа на Талески, Битолски весник не го снајде судбината на весниците на МПМ, Дневник, Вест и Утрински весник  и   опстоја.

Овој пат изгледа Талески си ги прецени своите можности, а не потцени нас во Битолски весник.

Тој изгледа заборави дека за разлика од него, кој во животот и работата го водат само парите,  суетата и омразата, нас не води љубовта кон Весникот  и Битола, како и огромниот ентузијазам.

Благодарение на поддршката на некои наши стари и нови спонзори, некои дури надвор од Битола и по цена на наши големи одрекувања  ние не дозволиме Весникот, со најдолга традиција во Република Македонија, да згасне.

Талески заборави(л) дека Битолски весник сите овие 54 години бил подлежен на разни притисоци, закани, условувања, но никој не успеал да го угасни, дури и многу поголеми политички фигури од него, кои иако порано сакаа да не снема, сега ни честитаат дека сеуште не има на медиумскиот простор.

Тој цело време останувал простум. По секој крај кој му го посакувале такви луѓе како Талески, Битолски весник почнувал нов почеток. Весникот низ својата над пет децениска историја  паѓал, станувал и продолжувал да го оди патот кој го трасираа основачите на Весникот, уште на 29 април 1964 година.

На  Талески не му се лутиме. Него го жалиме. Човекот го изеде суетата.

За разлика од Талески кој сметаше дека општината Битола  е негова  сопственост, а парите на граѓаните негови, ние и натаму остануваме на нашата определба дека Битолски весник е весник на битолчани и на никој друг.

Нас  во нашата новинарска работа не не води лакомоста и желбата за богатење. Напротив  нас не води желбата граѓаните на Битола да бидат информирани за тоа како се трошат нивните пари и како (не)се реализираат проектите на локалната  власт.

Од првичната ревизија која ја направи новата градоначалничка на Битола, Наташа Петровска  видовме како Талески ги арчел парите на битолчани. Видовме и се уверивме низ документите кои ги поседуваме како перел и општински пари преку неговиот фестивал “Битфест”.

Човекот кој се расфрлал со милиони евра, во 2017 година не издвои ни денар за Битолски весник. Но желбата на Талески да ја уништи Манифестацијата  “ Избираме најуспешни битолчани “ не успеа.

Не успеа ни да го згасни Битолски весник.

А за негова жал наместо Битолски весник, згасна медиумот (ТВ Мега) во  кој најповеќе фрлаше пари.

Но тоа е тоа. Битолски весник ја преживеа 2017 година.

Наша желба е таа повеќе никогаш да не се повтори.

Иако во оваа година која наскоро ќе замине доживеавме силни удари, покажавме и докажавме дека можеме да ги издржиме.

Битолски весник преживеа, а Талески за навек ја заврши својата политичка кариера, кој откако 12 години ни го режираше животот на битолчани, сега ја игра улогата на сомнително лице во судниците во Битола и Скопје.

Пренесено од последниот број на Битолски весник

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*