Home / Свет / Може ли пребројувањето да му ја украде победата на Трамп?

Може ли пребројувањето да му ја украде победата на Трамп?

Благодарение на претседателската кандидатка Џил Стајн од Зелената партија, гласовите по изборите во неколку клучни сојузни држави би можеле повторно да бидат изброени.
Барањето за пребројување на гласовите се однесува на државите Висконсин, Мичиген и Пенсилванија. Сепак, Би-би-си оценува дека малку е веројатно пребројувањето на гласовите да ја префрли победата во рацете на демократската кандидатка Хилари Клинтон.

Стајн, која за трошоците на пребројувањето собра донации од над шест милиони долари, во петокот и официјално поднесе барање за пребројување во Висконсин. Државните претставници треба да донесат одлука дали тоа ќе биде рачно пребројување или со машини. Стајн порача дека ќе инсистира гласовите лично да бидат преброени.

Зелената партија во понеделникот го почна процесот за пребројување во Пенсилванија, а рокот за поднесување барање за Мичиген истекува денеска. Трите држави имаат вкупно 46 електорски гласа, што е повеќе од доволно победата да заврши во рацете на Клинтон.

Американските медиуми пренесуваат дека постои можност пребројувањето, дури и да не ѝ донесе победа на Клинтон, да докаже дека странски хакери имале влијание врз изборните резултати.

Иако администрацијата на Обама наведе дека не постојат докази за тоа, има индикации дека руски хакери упаднале во базите во Аризона и Илиноис во изминатите месеци и дека се одговорни за објавувањето на приватните мејлови на највисоките претставници на кампањата на Хилари Клинтон.
Џеј Алекс Халдерман, професор на универзитетот во Мичиген, смета дека тоа е и повеќе од доволна причина за да се поддржи барањето на Стајн.

– Дури и да не се најде нешто сомнително, тоа на гласачите ќе им даде безбедност дека резултатите се валидни – истакнува Халдерман.

Од тимот на Клинтон порачаа дека ќе учествуваат во процесот на пребројување на гласовите, па така демократската кандидатка ќе има свои луѓе да контролираат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*