Home / Вести / Над 400 милиони евра потрошени за ископ на јаловина, а ни денар за опрема

Над 400 милиони евра потрошени за ископ на јаловина, а ни денар за опрема

Во последните десет години за тендери за ископ на јаглен и јаловина со надворешни фирми биле потрошени околу 400 милиони евра. Во исто време ни денар не бил инвестиран за одржување, поправање или набавка на сопствена механизација во РЕК Битола, вели во интервју за МИА новиот генерален директор на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски.

За изнајмување на туѓа опрема во 2006 година се дадени 40 милиони евра, од 2006 до 2012 околу 120 милиони евра, а во последните пет години околу 210 милиони евра за помошна механизација за ископ на јаглен и јаловина. Тендерите најчесто ги добивале истите фирми, вели директорот.

-Во моментов се обидуваме да направиме точна проценка на тоа колку и каква механизација е потребна на РЕК Битола за да може комбинатот со сопствени ресурси да врши ископ на јаглен и да не зависи од приватни фирми на кои за 10 години им има платено близу 400 милиони евра. Толку пари АД ЕЛЕМ преку РЕК Битола им има платено на една група приватни фирми, главно од Битола за да копаат јаглен за производство на електрична енергија – вели тој.

Последен пат нова механизација во РЕК Битола е купена во 2008 година. Во моментов термоелектрната има 36 парчиња сопствена механизација за ископ, но од нив 21 парчиња се исправни, а 15 во неисправна состојба.

-Девет години не е купена ни една сопствена машина, ниту пак е работено на тоа постоечките машини да се поправат, а пари се даваат за изнајмување, односно ангажирање надворешни машини – додава Миновски

Директорот најавува дека до крајот на годината ќе биде готова техничката документација за набавка на нова опрема во РЕК Битола, а тендерската постапка би завршила до средината на следната година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!