Home / Политика / Пратеничките групи на ВМРО ДПМНЕ ќе ја олеснат касата на Собранието

Пратеничките групи на ВМРО ДПМНЕ ќе ја олеснат касата на Собранието

Секоја од десетте новоформирани пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, ако сака, има право да побара и да добие посебна просторија за користење. Исто така, сите посебно можат да си ангажираат и стручна помош од надворешно лице кое ќе го изберат сами. Во случај секоја од групите да ангажира таков соработник би се зголемиле и трошоците на Собранието. Според нашите сознанија, најмалку пет илјади евра месечно ќе чини ангажманот на десетте евентуални соработници.

Ова се дел од работите кои може да ги искористи опозицијата, а се предвидени со Деловникот на Собранието во којшто е предвидено дека една пратеничка група ја сочинуваат најмалку пет пратеници.

Ваквите информации само се надоврзуваат на претпоставките кои чекори и права би ги искористила опозицијата по вчерашниот потег кога формираше дури десет пратенички групи наспроти досегашната практика, една партија или коалиција во Парламентот да функционира како една пратеничка група.

Она што веќе се наметна во јавноста како очекување е дека ќе се врши опструкција односно одолговлекување во работата на законодавниот дом. Тоа доаѓа од можноста секој од координаторите на пратеничките групи да има право на петнаесетминутна дискусија. На него, ќе можат да реплицираат пратениците од останатите пратенички групи или на пример, на еден пратеник од една од групите на ВМРО-ДПМНЕ ќе можат да му реплицираат 45 други пратеници од истата партија (пратениците од останатите 9 пратенички групи).

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*