Home / Вести / Премиерот Заев: Со реконструкцијата на Римскиот пат до Хераклеа ги правиме блиски нашите археолошки богатства

Премиерот Заев: Со реконструкцијата на Римскиот пат до Хераклеа ги правиме блиски нашите археолошки богатства

 
„Со реконструкцијата на Римскиот пат што води од Битола кон античкиот локалитет Хераклеа Линкестис, ги приближуваме вредните историски локалитети поблиску до граѓаните и туристите и ја зајакнуваме прекуграничната соработка во регионот кој долгорочно има за цел да го зголеми квалитетот на туристичката понуда со поширокиот регионален опфат почнувајќи од Битола преку Преспа до Корча“, истакна премиерот Заев за време на неговата работна посета на археолошкиот локалитет Хераклеа Линкестис по повод завршните работи на таканаречениот Римски пат.

На настанот учествуваа и шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Дејвид Гир, министерката за култура, Ирена Стефоска, и градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

„Со оваа реконструкција на пристапниот пат до Хераклеа Линкестис, таканаречен Римски пат, кој вклучува и пешачки зони, соодветно хортикултурно уредување и инсталација на соларно осветлување, бројните посетители и туристи од земјава и светот ќе имаат соодветен пристап до споменичните вредности Хераклеа Линкестис“, потенцираше премиерот Заев во својата изјава.

Реконструкцијата и другите градежните зафати на „Римскиот пат“ се во рамките на проектот Смарт-кул-тур, кој се спроведува во рамките на Програмата на Европската комисија за Прекуграничната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, со инструментот ИПА 2 за 2014 – 2020 година.

Општина Битола, како водечки партнер во проектот ја спроведува активноста за реконструкција на пристапниот „Римски пат“ до локалитетот, вклучително и некои дополнителни инфраструктурни зафати во археолошкиот локалитет Хераклеа Линкестис, а од албанска страна се реконструираше постоечката стара училишна зграда во село Глобочани во Пустец.

„Радува фактот прекуграничната соработка продолжува и понатаму и за таа цел се развиени уште 5 туристички пакети за регионот Пелагонија-Корча, кои се во фаза на подготовка за промоција. Сите тие, и другите слични проекти, се значаен придонес за заживувањето на овој регион кој има многу скриени убавини кои туристите сé уште ги немаат откриено“, нагласи претседателот на Владата Заев.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја Дејвид Гир потенцираше дека поддршка од ЕУ за Хераклеа е дел од проектот за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија, во вкупен износ од 12 милиони евра.

„За нас локалитетот Хераклеа не е само дел од културното наследство на оваа земја – тој е дел од европското културно наследство, тој му припаѓа на целиот човечки род. Се надеваме дека нашата поддршка ќе им овозможи на што е можно повеќе луѓе да го посетат локалитетот Хераклеа и дека лекциите што можеме од него да ги научиме за нашата меѓусебна поврзаност, за културата и идентитетот ќе ни помогнат заедно да ја одредиме нашата иднина“, рече амбасадорот Гир.

Градоначалничката Наташа Петровска  во својата изјава нагласи дека Општина Битола како водечки партнер во проектот Смарт-кул-тур, ја спроведува активноста за реконструкција на пристапниот пат т.н. Римски Пат до Хераклеа со што со затвора круг кој опфаќа неколку значајни проекти за зголемување на туристичката понуда.

„Влегувајќи во градот од јужната страна, ја имаме Хераклеа, а веднаш по шеталиштето е сместен и бисерот, гордоста на градот – Офицерскиот дом. Движејќи се по Широк Сокак, го имаме и киното Манаки и туристичкиот инфо центар, кој точно ќе ги понуди битолските стари, архитектонски бисери на сите посетители. Дополнително, сите главни пунктови на Широк Сокак, се покриени со ви-фи мрежа, а на позначајните објекти поставени се QR кодови, преку кои секој посетител ќе добие информација за каков историски значен објект станува збор“, истакна градоначалничката на Битола Наташа Петровска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*