Don't Miss
Home / Uncategorized / Пролонгирањето на изборите им го продолжи мандатот на директорите

Пролонгирањето на изборите им го продолжи мандатот на директорите

Минатата седмица се одржа втората седница на Советот на Општина Битола со дневен ред на кој за расправа беа поставени 54 точки.

Но, со образложение дека треба се да биде законски и дека локалните избори сеуште не се завршени, по прегласувањето во вториот круг, советниците дискутираа за 16 точки кои се однесуваа на формирање на комисиите, како  и за решението за определување членови на Советот на Општината Битола кои ќе учествуваат при склучување бракови.

Пред почетокот на седницата, координаторот на советничката група на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Борче Димитровски се пожали дека опозицијата е маргинализирани во однос на учеството во комисиите на Советот на Општина Битола и дека не се доволно застапени.

– За првпат во над 20 годишното функционирање на Советот на Општина Битола, опозицијата е маргинализирана во дел од најзначајните комисии кои што постојано заседаваат и востановената пракса, која што претходно била и во 2009 и 2013 година кога СДСМ немаа мнозинство во Советот на Општина Битола. Кога советничката група на СДСМ имаше уште помал број советници од сегашната група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Сепак, ние како конструктивна опозициска група, нема да дозволиме да не бидеме дел од комисиите на овој состав на Советот, бидејќи зад нас стојат 17 илјади граѓани- истакна координаторот на советничката група на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Борче Димитровски.

Претседателот на општинскиот Совет, Валентин Груевски посочи дека е испочитувана пропорционалната застапенот на сите советнички групи во Советот и дека во комисиите освен советниците од ВМРО-ДПМНЕ, свои членови имаат од независната листа на “Поинаку”, предводена од Габриела Илиевска и од партијата ДУИ.

Според Груевски, во целост е испочитуван Деловникот на работа.

-Не постојат главни и помалку главни комиии, сите 16 комисии на Советот се со поддеднакав важност. ВМРО-ДПМНЕ има 11 советници, согласно тоа има 28 членови во комисиите. Поинаку” има два советници и има 5 членови на комисиите, ДУИ има 1 советник со 3 членови во комисиите и Коалицијата предводена од СДСМ има вкупно 47 членови во комисиите. Според таа пропорционална застапеност, сите се застапени со одреден број на членови во комисиите. Ние не можеме да дозволиме луѓето кои гласале за Поинаку” и ДУИ, да не бидат застапени во комисиите на Советот на општина Битола. Желбата на ВМРО-ДПМНЕ, да ги расчленуваат комисиите на главни и помалку главни и само тие да учествуваат, не може да се оствари , бидејќи е различна од волјата на граѓаните искажана на изборите. Во изминатиот состав на Советот, точно е дека СДСМ и коалиционите партнери имаше по 2 советници во секоја комисија, но ние тогаш имавме 14 советници и освен опозиција и позиција, немаше претставници на други советнички групи-истакна претседателот на Советот на Општина Битола,  Валентин Груевски.

Според советничката Елена Трајчевска од ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на фактот што во најважните комисии во Советот, опозицијата е застапена со по еден советник, локалната власт покажала принцип на работа спротивен од оној што го ветувала во предизборието, дека ќе се залага за транспарентност и отворена соработка со опозицијата.

На Трајчевска и реплицираше советничката од владејачката СДСМ, Виолета Дракалска која посочи дека Советот на Општина Битола ќе работи конструктивно и транспарентно, исклучиво во интерес на граѓаните и дека времето на популизмот што го практикуваше претходната локална самоуправа од ВМРО-ДПМНЕ и претходниот градоначалник Талески, е завршено.

-Таквиот нивен принцип на работа, граѓаните масовно го казнија на неодамнешните локални избори на кои ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата освоија 11 советници. Ние се држиме исклучиво до принципот на пропорционална застапеност. Не ги потценуваме гласовите кои ги освои опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но граѓаните со право од нас очекуваат веднаш да се зафатиме со работа- беше децидна  советничката од СДСМ,  Дракалска.

Според советникот од опозициската Коалиција, Николче Јанкуловски, СДСМ уште на втората седница покажала друго лице, иако беа најгласни во борбата за демократија.

-СДСМ требаше да покаже доблест, и ВМРО-ДПМНЕ да има по двајца членови во комисиите, нешто што беше пракса во претходните состави- побара советникот Јанкуловски.

На дискусијата на Јанкуловски реплицираше советникот од владејачката СДСМ, Методија Илиевски кој истакна дека како мнозинство во Советот работат исклучиво според Деловникот за работа.

-Во минатиот состав на Советот на Општина Битола како СДСМ имавме 14 советници. ВМРО-ДПМНЕ на овие избори освои место само за 11 советници, бидејќи не ја добија поддршката од битолчани. На обвинувањата од опозицијата дека во според нив најважните  комисии имаат  по еден член , сакам да нагласам дека сите комисии во Советот на Општина Битола  се подеднакво важни- беше дециден  советникот од СДСМ, Методија Илиевски.

Инаку, владејачката СДСМ  ќе раководи со 13 комисии, опозициската ВМРО-ДПМНЕ со две а од независната листа “Поинаку” со една комисија во Советот на Општина Битола.

 

 “Поинаку” побара посебна комисија да ја испитува работата на Талески

 

Формирање на привремена советничка комисија која ќе го испита работењето на Општина Битола и екс-градоначалникот Владимир Талески за периодот од 2005 до 2017 година, побара советничката Габриела Илиевска од независната листа  “Поинаку” на последната  седница на Советот на Општина Битола.

-Во изминатиот период, во четири наврати побарав  формирање на ваква комисија и се надевам дека овојпат ќе биде изгласана. Ова го барам согласно Статутот на општината, а и со нејзиното формирање пред битолани сите ние како советници ќе можеме со чиста совест и врз основа на пропис од Советот да излеземе и да ги информираме граѓаните  во каква финансиска состојба моментно  се наоаѓа Општина Битола. Во претходниот состав немавме пристап до никаква аналитика- истакна советничката од “Поинаку”, Габриела Илиевска.

Претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски, предложи иницијативата за формирање на комисијата да се разгледа на другите комисиски тела и за неа да се одлучува на следните седници на Совет. Илиевска поради конструктивност го прифати предлогот, но изјави дека веднаш ќе ги достави материјалите за точката до соодветната комисија и очекува за неа да се гласа веќе на следната седница.

 

 Поддршка за ракометот

 

Претседателот на Советот, Валентин Груевски вети целосна поддршка за ракометарите на “Пелистер” и исплата на заостанатите плати. Попрецизно, со ребалансот на буџетот што треба деновиве да се стави на Дневен ред на седница на Совет, на ракометарите на “Пелистер” ќе им бидат исплатени заостанатите плати. Груевски вети дека актуелната локална самоуправа во целост ќе му даде поддршка на спортот во Битола.

 

Автор: Васка. М.Младеновска

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*