Home / Економија / Со “Купи куќа- купи стан“ државата им помага на граѓаните да го решат станбеното прашање

Со “Купи куќа- купи стан“ државата им помага на граѓаните да го решат станбеното прашање

Расте интересот за „Купи куќа, купи стан”. Досега можноста, преку овој проект да дојдат до сопствено живеалиште, ја искористиле повеќе од 330 семејства, а поделени се субвенции во вредност од 2,5 милиони евра. Сепак, државата дополнително ќе го одврзе ќесето, бидејќи откако се подобрија условите, сè повеќе граѓани се пред одлука да ја искористат можноста, пишува Лидер.мк.

-Мислам дека сега условите се многу подобри. Се намалија каматите, проектот стана подостапен” . Ова е голема можност и не смее да се пропушти. Сам тешко се доаѓа до стан”, има интересни понуди. Јас со мојата сопруга, со која неодамна стапив во брак, сакаме да купиме помал стан, до 50 квадрати. Правиме некои математики, мислам дека ќе бидеме во можност да дојдеме до сопствен дом” – велат дел од граѓаните, кои деновиве го посетуваат саемот во „Скопје Сити Мол”, кадешто се присутни банкари, градежници, осигурителни компании и претставници на Министерството за финансии, со цел на заинтересираните да им помогнат да ја донесат вистинската одлука.

Проектот нуди одлични можности!
Според пресметките, едно семејство преку овој проект може да заштеди и до 14 илјади евра за новиот дом. Каматата значително се намали. Сега за првите три години изнесува 3,95%, а за четвртата и петтата 4,44%, убедливо најниски на пазарот.

-Тоа се извонредни и досега незабележани услови на нашиот пазар. Граѓаните добро реагираа, бидејќи со намалувањето на каматите се зголеми интересот за проектот – вели вицепремиерот Зоран  Ставрески.

Државата обезбедува неповратни средства. Се нудат два модела: субвенционирање на половина рата или на половина учеството при купување стан или куќа.

На пример, за кредит од 50 илјади евра, месечната рата во првите три години е 302 евра, од кои 151 евро плаќаат граѓаните, а другата половина државата. Во четвртата и петтата година ратата изнесува 313 евра, сума што повторно, се дели на два. Ако се решите да купите куќа, поволностите се уште поголеми, бидејќи државата ќе ви покрие 75% од висината на ратата. На оние кои ќе се решат за вториот модел, за субвенционирано учество, државата ќе им покрие 75% од учеството. На пример, за кредит од 50.000 евра, со дозволено учество од 12.500 евра, државата за стан ќе даде 6.250 евра, а за куќа 9.375 евра.

Сепак, и покрај подобрите услови, сегашниот биланс покажува дека поголем дел од решенијата се доделени за стан, а помал дел за куќи, нешто што го признаваат и самите градежници. Од 331 семејство, меѓу 270 и 280 се решиле за стан. Зависно од локацијата, цената од квадратен метар се движи меѓу 530 и 900 евра.
-Ние досега имаме продадено 500 станови. 20 до 30 насто се реализирани преку овој проект. Резултати се и повеќе од задоволителни. Сметаме дека интересот ќе се зголеми со подобрувањето на условите – вели директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов.
За учество во проектот треба да бидат исполнети неколку услови: вкупните месечни приходи на поединецот да бидат најмногу до 900 евра, или 1.300 евра за брачни другари, да не бил подигнат друг станбен кредит, да не се поседува друг стан или куќа. Притоа, станот или куќата треба да се новоградби, со сета потребна документација, а квадратот да чини најмногу до 900 евра, да се купи директно од инвеститорот или од изведувачот, а државата финансира износ до 50.000 евра, без разлика дали ќе земете поголем кредит.

Можете да аплицирате во 8 банки: НЛБ Тутунка, Стопанска банка Скопје и Стопанска банка Битола, Шпаркасе, ТТК, ПроКредит, Алфа банка и Охридска банка, која е дел од Сосиете Женерал.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*