Home / Економија / Свиларницата “Илинден“ уште еден сведок на нашата трагична транзиција

Свиларницата “Илинден“ уште еден сведок на нашата трагична транзиција

Некогаш важеше не само за најмодерна, туку и финансиски најдобрата битолска текстилна  компанија, во која работниците имаа најдобри  и највисоки плати и огромни бенефиции, кои покрај редовните месечни плати, по правило, речиси секоја втора недела, добиваа разлика во плата.

Позитивното и рентабилно работење не само што им овозможуваше добра заработка на вработените, туку и брз и динамичен развој, па така, во индустрискиот дел на Битола, од сопствени средства беше изградена целосно нова фабрика, со најмодерни производни погони, во кои се произведуваа најквалитени свилени платна, кои беа мошне барани не само на домашниот пазар, туку и на пазарите ширум екс Југославија.

Административната зграда на фабриката  беше  посебна приказна и важеше за една од најмодерните и архитектонски најубавите  изградени управни згради, градени од најквалитетен мермер  и гранит.

Настојувајќи да им го подобри животниот стандард на вработените,  менаџментот на фабриката тие години  со сопствени средства, на брегот на Охридското Езеро изгради и свој  хотел со стотина соби.

Станува збор за битолската свиларница “Илинден“ која иако беше една од најуспешните фабрики  во  Битола, сепак не ја преживеа транзицијата и  како стотини други  фабрики замина во стечај.

Кредитот за ликвидност  што во тие кризни години го подигна тогашното раководство на фабриката од Штедилницата ТАТ, во целост ја смени приказната за Свиларницата. Откако со малата позајмица поради високите камати, големата газдарица Соња Николовска стана сопственич-ка на фабриката, сите помислија дека не само што со неа ќе продолжи слаткиот живот на вработените, туку дека со поддршка на Штедилницата ТАТ, Силарницата ќе постигнува уште подобри резултати.

Но,  таквите надежи траеаја сосема кусо. Сопственичката на ТАТ, Соња Николовска, за брзо време истата ја доведе во стечај. Крајот на Штедилницата значеше и крај за Свиларницата “Илинден“, која подоцна од страна на стечајниот  управник на ТАТ беше продадена на некогаш првиот цариник во државата Сашко Станинов.

Денес,  сликата за битолската Свиларница  “Илинден“  не само што е жалосна, туку  најблаго речено е трагична.

Од некогашниот индустриски гигант нема ништо.  Целата  фабрика е претворена во урнатини. Вредните крадци буквално украле се што можело да се украде од фабричките погони и административната  зграда.

Оставена на милост и немилост, без стражарска  служба,  од фабриката е украдено буквално  се. Во некогаш најмодерните фабрички погони за производство на познатата битолска свила и платно нема ништо. Крадците се потрудиле да не остане ни шрафче. Во еден од погоните останати се само неколку истурени буриња со боја и по некое парче  свила. Друго нема апсолутно ништо.

Иста, па дури и погрда е сликата и во  стариот погон на фабриката,  кој е буквално распаднат, со искршени и откорнати покриви,  паднати ѕидови,  кој  секој момент целосно  може да се урне и да ги загрози учесниците во сообраќајот  на улицата која се наоѓа покрај него.

Жална судбина на една од најуспешните текстилни фабрики во Битола

      Жална судбина на една од најуспешните текстилни фабрики во Битола

 

Некогаш една од најубавите административни згради  во индустрискиот дел на Битола е посебна приказна. Напуштена и руинирана стражарница, искршени прозори, украдени бироа, канцелариски намештај, уметнички слики, шифоњери.

Тоа е сликата која ја затекнавме деновиве во некогаш прославената фабрика за производство на свила и свилено платно “Илинден“.

-Ова навистина е жалосно што се случува со нашата некогаш една од најдобрите фабрки, не само во Битола и Македонија, туку и на просторите на поранешна Југославија. Фабриката наликува како да ја има погодено атомска бомба. Буквално се е разурнато и украдено. За разлика од сте-чајните управници, кои ништо не направија да ја заштитат  фабриката, крадците се многу побрзи и поумешни и едноставно ограбија се што можеше да се ограби. Како што пропаднаа сите надежи дека Свиларницата повторно ќе се рестартира, полека пропаѓаат и сите наши надежи дека и покрај долгите судски процеси што ги водиме,  некогаш  ќе ги наплатиме нашите побарувања, велат дел од стечајните работници на Свиларницата “Илинден“.

Стечајниот управник на ТАТ, Душко Јанкуловски,  вели дека со префрлањето на седиштето на Свиларницата во Скопје,  стечајот сега се води во скопскиот суд и не знае што станува со Свиларницата.

-Тоа што јас го знам е  дека откако претходниот стечаен управник на ТАТ ја продаде Свиларницата  на Сашко Станинов,  со средствата се обештетени штедачите. Оттогаш Свиларницата е негова грижа, вели Душко Јанкуловски.

Случајот со Свиларницата “Илинден“ во  Битола е најдобра потврда дека додека последните години  по секоја цена се обидуваме да привлечеме  странски инвеститори во државата, пред очите на сите нас, едноставно не само што пропаѓаат, туку буквално и исчезнуваат некогаш најдобрите и најретабилни фабрики, кои  во голема мера придонесуваа за економскиот развој на градот под Пелистер.

Тоа што особено загрижува е што тие откако заминаа во стечај не само што не се грижа на стечајните управници,  туку и на некои сопственици, кои едноставно ги заборавија и ги оставија истите буквално да пропаѓаат.

 

Б.В.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!