.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Интервјуа / Трифун Костовски во интервју за весникот “ЕХО“: Кичот во архитектурата го нагрди Скопје

Трифун Костовски во интервју за весникот “ЕХО“: Кичот во архитектурата го нагрди Скопје

Деновиве, Претседателот на Здружението “Човекот пред се“, Трифун Костовски даде интервју за скопскиот весник “ЕХО“. Интервјуто на Костовски го пренесуваме во целост:

 

ЕХО: Кога ќе си кажете Скопје-кои мисли или слики први Ви се појавуваат?

Трифун Костовски:  Сликите на мојот роден град, сликите на мојата младост, мојот живот и сликите кои го направија мојот живот достоинствен.

Кое Скопје го сакате повеќе, ова сега или тоа од порано,(детството и младоста)?

Скопје е најсаканиот мој град. Неможе да го сакате денешно Скопје, а да не го сакате старото Скопје. Убаво е да се доживее во текот на животниот век една таква трансформација, секако во позитивна смисла, на саканиот град. Го паметам Скопје со неасфалтирани мали улички, во центарот на градот, каде пепелта и калта беа дел од нашето секојдневие. Денес тоа го нема.

Дали се сеќавате во кој период си кажавте дека е тоа Вашиот град?

Доколку имате животен век, времето е фактор, кој придонесува се  повеќе да го сакате вашиот град. Колку повеќе ги согледувате промените во градот, согласно новите трендови, толку повеќе сте убеден дека градот живее, а Скопје навистина живее.

Дали животот во Скопје влијаеше на вашиот стил на живот?

Секако, родителите, нашата куќа во Ново Маало, Општина Центар, воспитувањето кое го носам во себе од дома и кое го стекнав во тек на моето школување, влијаеа врз мојот стил на живот. А уште повеќе дополнет со животот поминат во Варшава и Виена. Убаво би било кога и ние би можеле да влијаеме врз животот на Скопјани, со цел подигање на културата на живеење во урбаните средини. Тоа е долг процес и се надевам дека со тек на времето ќе бидеме вистински Европејци, кои живеат во нашето Скопје.

Што му дадовте Виена Скопје-од Ваш аспект на живот и работа?

Повеќе работи. Најпрвин, како стопанственик, настојувам да ја споделам својата општествена одговорност, помагајќи во сите сфери на градот и на граѓаните во него. Подарив верски објекти, возобновување на храмот Пресвета Богородица, бев градоначалник на Скопје, каде на волонтерска база приходите кои следеа од таа функција, одеа директно како помош на граѓаните кои имаа социјални или здравствени проблеми. Во функцијата градоначалник го дадов мојот придонес  во менаџирањето на градот и домаќинското работење. Наследив празна каса со долг  20 милиони евра, а си заминав од функцијата со средства на сметката на градот од  8 милиони евра, со исплатени обврски кон доверителите, кои беа доспеани. Принципот –  пушти си ги нозете колку ти е долга чергата, го практикував во моето работење, со што го донесов градот до кредибилност ББ++, согласно светските стандарди, кој во тоа време беше повисок кредитен рејтинг и од владата на Република Македонија.

Што Скопје Ви даде Вам?

Живот, образование, пријатели, љубов и се она што беше база за мојот успех во водите на бизнисот.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

Со се, почнувајќи од Топаана, Чаир, Камениот мост, Вардар, прекрасната Матка во околината на Скопје, навистина привилегија е да се биде Скопјанец.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли уште да расте или да се намали?

Ако се земе предвид дека во Скопје живее половина од популацијата на Република Македонија, се согласувам дека Скопје е преголемо, меѓутоа согласно светските трендови, а впрочем Скопје неможе да биде исклучок, тенденцијата за живеење во поголеми градови е се посилна од економски причини. Меѓутоа, во сите закони, постојат исклучоци. Дали цела Македонија ќе биде во Скопје или големината на Скопје ќе се лимитира е прашање, кое треба да го решава владата на Република Македонија. Со добра инфраструктура, пред се патна, може секое место во Република Македонија да биде блиску до Скопје, а со тоа ќе се овозможи граѓаните да останат во своите средини, во кои ќе ги чувствуваат убавините од тој живот, а воедно ќе бидат чести гости во главниот град. За мене тоа би бил најидеалниот концепт за цела Македонија.

 Што Ви недостасува во градот, а што би одземале?

Среќен сум што живеам во градот Скопје. Доколку можам, би го одземал кичот, којшто владее, посебно во архитектурата и споменичните обележја и би му додал дел, секако осовремен, кој ќе се базира на старите скопски манири, како: плаза, трамвај, културни збиднувања од типот на матинеа, по наше кажано игранки, денес кажано дискотеки, итн.

Во какво Скопје сакате да живеете?

Во денешно Скопје, со сите свои маани и доблести. Тоа е мојот град, полн со различни стилови на живеење, со убавините на верските објекти, Старата чаршија, Калето, Водно, Скопска Црна Гора и духот кој е незаменлив и типичен на граѓаните на Скопје, а тоа е да го сакаат својот град.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*