Home / Македонија / Ципрас доаѓа со тројца министри и со бизнисмени

Ципрас доаѓа со тројца министри и со бизнисмени

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, на почетокот од следниот месец, поточно на 2 април, доаѓа во еднодневна посета на Македонија придружуван од алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катрагалос, министерот за енергетика Георгиос Статакис како и со поголем тим од бизнис-заедницата од соседството. Ова во изјава за „Нова Македонија“ го потврди новинарката и уредничка на грчката национална телевизија Антена, Стефанија Мурелату.

Повикувајќи се на владини извори, но и на информации во тамошните медиуми, Мурелату вели дека првата посета на еден грчки премиер на Скопје доаѓа во вистинско време како поддршка на Преспанскиот договор и претставува вистинско дипломатско ремек-дело, кое ќе биде запишано во историјата, бидејќи првпат на Балканот за едно билатерално прашање постоела политичка волја да се порази национализмот на двете страни.

– Премиерот Ципрас пристигнува во Република Северна Македонија на 2 април. Според информациите со кои располагам, многу веројатно ќе дојде во присуство на двајца или тројца министри и тоа алтернативниот шеф на дипломатијата Катрагалос, министерот за енергетика Статакис како и поголем тим на бизнис-делегација од земјава, што планира да инвестира во Северна Македонија или веќе е вклучен со свои инвестиции таму. Од она што е јасно засега ќе има широка палета теми за разговор со домаќинот, премиерот Зоран Заев, од трговската размена, туризмот и угостителството преку градежништвото и енергетиката до воената и полициската соработка меѓу двете земји – тврди грчката новинарка Мурелату.

Според Мурелату, втори април, датумот што е избран за посетата на Ципрас на Северна Македонија, всушност бил втората опција околу утврдувањето на денот за визитата на грчкиот премиер на земјава. Првичната посета на земјава, според најавите, требало да се случи на грчкиот национален празник 25 март, Денот на независноста на Грција, но поради реакции во домашната јавност датумот и денот биле преместени за една недела подоцна.

– Сѐ уште не е јасно каква ќе биде целосно агендата на Ципрас при посетата на Скопје, но од она што се говори овде, може да се каже дека тој ќе оствари средби со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи Никола Димитров. Дополнително во Грција има шпекулации дека Ципрас би можел да се сретне и со претставниците на албанските партии, но не и со претседателот Ѓорге Иванов – вели Мурелату. Според неа, засега не е исклучено Ципрас да се сретне и со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, но како што појаснува Мурелату сѐ уште немало пристигнато такво барање за средба од страна на ВМРО- ДПМНЕ до кабинетот на грчкиот премиер.

– Исто така, важно е да се спомене дека во Скопје многу веројатно ќе биде формиран висок совет за соработка меѓу двете соседни земји. Ваков тип соработка Грција засега има единствено со Израел и со Турција. Овој совет претставува владино тело што економски ги поврзува двете земји преку проекти и соработки – завршува Мурелату.
Во меѓувреме побаравме и официјален одговор од македонската влада и од МНР која ќе биде агендата при посетата на Ципрас во Скопје и дали тој планира да оствари средби со некои лидери на политички парии во земјава. Од двете институции накратко ни одговорија дека сѐ уште официјално не е потврдена посетата ниту пак датумот на грчкиот премиер на земјава, а дополнително ќе се информира јавноста околу евентуалното доаѓање на Ципрас во Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*