Home / Вести / Заев ја прифати номинацијата за Нобелова награда

Заев ја прифати номинацијата за Нобелова награда

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со делегацијата предводена од Уидад Бушамауи, добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, придружувана од пратеникот во Европскиот парламент од Грција Стелиос Колуглу, како и од ректорот на Универзитетот ФОН, Нано Ружин, и од Сефер Цаноски, член на Управниот одбор на овој универзитет, каде што денеска беше објавена официјално иницијативата за номинација на премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас за Нобелова награда за мир во 2019 година.

Премиерот Заев, како што информираат од владината прес-служба, на средбата се заблагодарил и истакнал дека оваа иницијатива е сама по себе доволно признание за него, но и за Република Македонија, за нејзините граѓани, и дека ќе биде дополнително охрабрување целиот процес кој отпочна со преговорите со Грција, и кој потоа се заокружи со решенијата на Договорот од Преспа, за да се финализира во парламентите на двете земји со единствена цел имплементација на договорот за пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, и да обезбеди трајно пријателско и стратешко партнерство со Република Грција.

Нобеловката Уидад Бушамауи на средбата во Владата нагласила дека договорот со Република Грција, светот го препозна како една од најуспешните иницијативи на планот на меѓународната политика и добрососедските односи во оваа година, и дека израсна во модел како во дух на пријателство и доверба да се решаваат и најсложени политички прашања.

Бушамауи потоа го информираше премиерот Заев за постапката за номинацијата и изрази уверување дека оваа иницијатива ќе биде поддржана од лидерите на меѓународната заедница и организации, и информираше дека од нашата земја, таа и нејзината делегација утре заминуваат за Атина за да го запознаат со оваа иницијатива и премиерот на Грција Алексис Ципрас, се вели во владиното соопштение.

– Иницијативата за номинација е мотивација целиот процес меѓу двете земји да заврши со успех и на тој начин да биде признание и за двете држави и за народите во Република Македонија и Република Грција, истакнал на средбата со нобеловката Бушамауи премиерот Заев и изразил уверување дека и неговиот колега и пријател Ципрас ќе ја прифати иницијативата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!