Don't Miss
Home / Економија / Четири и пол години затвор за директорот на “ Бетон“,Томислав Стефовски

Четири и пол години затвор за директорот на “ Бетон“,Томислав Стефовски

Првиот човек на градежната компанија “Бетон“ Битола, која до стечајот вработуваше над 600 градежни работници, Томислав Стефовски, ќе треба да одлежи 4,5 години затвор и да плати 4.000 евра судски трошоци за судскиот процес што се водеше против него.
Ваквата пресуда ја донесе Основниот суд во Битола, по завршувањето на судскиот процес против генералниот директор на “Бетон“, Томислав Стефовски, кој Обвинителството го товареше за неколку кривични дела.
Томислав Стефовски, со ваква првостепена неправосилна пресуда, е осуден за крвичните дела даночно затајување, злоупотреба на службената положба и овластување, како и за кривичното дело оштетување и повластување на доверители.
Инаку, случајот со градежната компанија “Бетон“ во Битола, долго време ја преокупира(ше) битолската јавност и се следеше со голем интерес, од причина што Томислав Стефовски, важеше за човек близок на актуелната власт и, според битолската јавност, уживаше не само политичка, туку и заштита од истражните и судските органи и што поради криминалното и, најблаго речено, недомаќинско раководење на “Бетон“, над 600 работници останаа буквално на улица, а по заминувањето во стечај, на оваа некогаш реномирана битолска градежна компанија, поради неможноста да си ги наплатат своите побарувања во стечај заминаа и голем број деловни партнери на “Бетон“, кои заглавија во “соработката“ со оваа фирма.
Покрај 600 работници кои останаа на улица и заглавувањето на голем број доверители, со куси ракави, од работењето на “Бетон“, остана и државата, која не успеа да наплати огромни износи пари по основ на неплатен ДДВ, персонален данок и данок на добивка.
Иако со изрекувањето на пресудата од страна на Основниот суд во Битола, против првиот човек на “Бетон“, Томислав Стефовски, во извесна смисла се задоволија барањата на вработените и големиот број доверители и за нив тоа беше најдобрата новогодишна честитка, сепак, од таквата пресуда тие нема многу да се офајдат, бидејќи од имотот на “Бетон“ буквално не остана ништо, и тие не можат да се надеваат на какво било обештетување.
Имено, првиот човек на “Бетон“, Томислав Стефовски, непосредно пред стечајот, кој се случи во далечната 2008 година, со цесии и компензации, преку неколку сестрински фирми, буквално го раскрчми имотот на фирмата и од него не остави речиси ништо.

Пред да донесе одлука за поведување стечај, “Бетон“ најпрво ги обезбеди побарувањата на фирми блиски до него, а со продажба по пат на компензација и цесии речиси целиот недвижен и подвижен имот на АД “Бетон“ Битола (објекти, згради, гаражи, магацини, деловни простории, бази, камиони, приколки, багери и сл.) исто така се пренесени во сопственост на фирми блиски до него.

Според упатените во работењето на “Бетон“, пред стечајот од “Бетон“ испумпан е имот вреден неколку милиони евра.
Дури откако најблиските луѓе на директорот Стефовски, со се камати, си ги наплатија своите побарувања, тој го пушти “Бетон“ во стечај, заглавувајќи ја фирмата, според некои проценки, за над 450 милиони денари, или околу 7 милиони евра.
Паралелно со судскиот процес кој се водеше против првиот човек на “Бетон“, Томислав Стефовски, и државата преку државниот правобранител, води судски спор за враќање на имотот на “Бетон“ и на фирмите на кои им беше дел од него “продаден“ за бадијала на само неколку привилегирани фирми, блиски на поранешното раководство.
Државниот правобранител со тужбата бара дел од имотот на “Бетон“, кој, пред стечајот, стана имот на неколку други фирми, блиски до него, да биде вратен во стечајната маса и на тој начин од неговата продажба да бидат намирени побарувањата не само на државата, туку и на останатите доверители кои ја немаа таа можност да си ги наплатат своите побарувања пред фирмата да биде пуштена во стечај.
Државниот правобранител смета дека правните дејствија преземени пред отворањето на стечајната постапка, со кои се наруши изедначеното намирување на доверителите, се незаконски и затоа недвижниот имот кој бил ставен под хипотека кај одредени привилегирани фирми ќе треба да се врати во стечајната маса.
Но, без разлика на тоа колку од тој имот ќе се врати во стечајната маса, барем сега како што стојат работите, ниту вработените, ниту доверителите, можат да се надеваат на некое којзнае какво обештетување, бидејќи, иако поминаа цели 6 години од поведувањето на стечајната постапка против “Бетон“, досега доверителите немаат добиено ни еден скршен денар обештетување, а тоа што остана малку од имотот не пројавува интерес никој да го купи.
 

 

Текстот е објавен во Божикното  печатено издание на Битолски весник

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*