Home / Uncategorized / За Чавков нема амнестија

За Чавков нема амнестија

Со новиот закон со кој ќе се обезбеди амнестија за настаните во Собранието на 27 април ќе бидат опфатени вкупно 30 лица, додека преостанатите 40-мина осомничени, обвинети и осудени ќе бидат изоставени според проектираниот опфат.

Законот за амнестија најверојатно во понеделник ќе се најде пред пратениците, и се очекува истиот да биде изгласан пред донесување на првостепената пресуда. Врз основа на него, пак, се очекува да се прилагоди и обвинителката Вилма Русковска, за која се шпекулира дека во завршен збор ќе направи преквалификација на делото за кое се гонат обвинетите, и ќе ги смести во категориите предвидени за амнестија.

Низ „филтерот“ ќе поминат сите кои не извршиле никакво насилство, кои не го подготвувале и организирале упадот во Собранието, и кои не се гонат по командна одговорност.

Според шпекулациите кои кружат во јавноста, амнестијата нема да ги опфати екс министерот Митко Чавков, и уште двајца обвинети од МВР, Оливер Радулов и Сашко Марковски, а за Душко Лазаров мислењата се поделени, бидејќи според едни имал командна одговорност, а според други не. Од кривичен прогон наводно нема да се спаси ниту Игор Југ, кој според собраниски извори се смета за еден од организаторите.

Сепак сигурно е дека амнестирани ќе бидат пратениците Сашо Василевски, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*