Don't Miss
Home / Македонија / Груевски го доби мандатот за составување влада

Груевски го доби мандатот за составување влада

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски има можност да формира владина коалиција, откако претседателот Ѓорге Иванов вчера му го врачи мандатот за состав на новата влада.

На тој начин беше испочитуван рокот за доверување на мандатот за формирање влада на кандидат на партијата, односно партиите што освоија најголем број мандати на предвремените парламентарни избори одржани на 11 декември минатата година.

На изборите ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место наспроти 49 колку што доби СДСМ, 10 – ДУИ, 5 – движењето Беса, 3 – Алијансата на Албанците и 2 – пратенички места ДПА.

Груевски очекува дека ќе формира влада, имајќи ја предвид досегашната практика во Македонија, иако е неизвесно како ќе тече соработката со партиите од албанскиот блок што излегоа со заедничка платформа со повеќе точки.

Меѓу барањата, кои некои од аналитичарите ги оценија како ултимативни, се и употреба на албанскиот јазик како официјален јазик на целата територија на државата, економска рамноправност, решавање на спорот за името со вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција итн.

Во изјава за македонските медиуми пред доделување на мандатот Груевски посочи дека ќе се обиде да состави влада, но не по секоја цена.

На вчерашното врачување на мандатот немаше изјави за медиумите од мандаторот.

Сепак тој неодамна истакна дека ќе се грижи за интересите на државата и на сите граѓани во Македонија.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на владата.

Владата, по предлог од мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*