Home / Колумни / Амнестија

Амнестија

Како и на двата претходни протестни маршеви, така и на последниот протестен марш во Кавадарци, новиот лидер на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште еднаш побара амнестија за сите кои се обвинети, или осудени за крвавите настани  во Сбранието на 27 април.

Христијан Мицкоски по кој знае кој пат без око да му трепне осомничените, или осудените за крвавите настани на 27 април, ги нарече жртви на режимот и борци за  македонските идеали.

На македонската политичка сцена повторно, по кој знае кој пат, се поставува амнестијата како услов за решавање на политичката криза.

Така и овој пат надминувањето на политичката криза, во која се поочигледно е дека ќе западне државата, амнестијата  се поставува како услов за воспоставување на дијалог на опозицијата со власта и надминување на сите разлики околу решавањето на интегративните процеси на државата за ЕУ и НАТО.

Иако политичките партии од власта и опозицијата  кога им се обраќаат на граѓаните се крстат во владеењето на правото и воведување на строга примена на законските прописи за сите граѓани во државата, тие, кога нивни видни членови  ќе дојдат до судир со законот воопшто не се воздржуваат да бараат амнестија.

Во таква ситуација биле и едната (СДСМ ) и другата најголема политичка партија(ВМРО ДПМНЕ), па и партиите на албанците, пред се ДУИ.

Во изминатите години од македонската самостојност сведоци сме биле на неколку амнестии.

Сите тие амнестии на одреден начин биле се со цел да заштитат своите партиски истомисленции.

Иако при секое барање  амнестија  партиите се повикувале дека тие се потребни за надминување на политичката криза и воспоставување на дијалог на партиите, сепак чест на исклучоци, од тоа не се случило ништо.

Едноставно ставајќи се во улога на заштитници на своите партиски кадри, партиите барале амнестија на своите членови или блиски  како тие не би одговарале пред законот.

Во основа амнестиите кај нас  освем во одредени случаи не придонеле многу за надминување на кризата. Напротив  подоцна токму тие кои барале амнестија се нашле во ситуација повторно да молат за амнестија, овој пат барајки амнестија за амнестираните.

Сега, кога во своите одбрани пред судските органи на големо се повикуваат на амнестијата на претседателот Ѓорге Иванов за злоупотребите кои ги  правеле  премиерот Никола Груевски, министрите  Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески, шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, амнестија и за обвинетите и осудените за настаните  на 27 април бара лидерот  на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Христијан Мицкоски смета дека тие не смеат  да одговараат за своите постапки кои ги сториле тој ден бидејќи  наводно си ја штителе државата и Уставниот поредок.

Ако за некои гревови на македонските политичари,  за кои се барало амнестија не сме биле нформирани, или не знаеме што навистина тие направиле, овој пат за настаните  на 27 април, сите ние имавме можност во директен ТВ пренос да видиме што се случуваше.

На 27 април Македонија беше на границата на бездната. Само благодарение на севишниот или среќата на тие кои беа нападнати не се  случи најлошто ,некој да ја изгуби главата.

Тоа што тој ден во Собранието не падна жртва треба да му бидеме вечно благодарни на севишниот наш и нивни заштитник.

Но тоа што не падна жртва не треба да значи дека сите тие кои со стативи, камери, столици, копја од знамиња ги нападнаа своите колеги и политички неистомисленици не треба да одговараат за стореното

( зло)дело.

Тие сите до еден, а особено тие кои ги организираа протестите по словото на Законот требаше да знаат дека секое насилно влегување  во Собранието е  обид за државен удар, најтешкото кривично дело против државата.

Ако протестантите не биле свесни за тоа требало да бидат свесни тие кои ги поведоа граѓаните во  Собранието.

Тие тогаш влегоа  во парламентот не да ја заштитат државата  туку да ја заштитат власта која беше во заминување.А државата и власта не е исто.

Властите се менуваат, а државата е вечна.

Затоа никако не можам да го разберам Мицкоски како си зема слобода човекот да бара амнестија за луѓето  кои се обидоа насила да го завземат Собранието и кои беа подготвени во остварувањето на својата “патриотска задача” да употребат и оружје па дури и да убиваат.

Иако секоја амнестија значи проштевање, овој пат лично сметам дека  амнестија, не само за сторените криминалии на бројни сега веќе екс функционери,туку и за инволвираните во настаните од 27 април не треба да има.

Од тие крвави настани кои се случија на црниот 27 април измина толку малку време за да можат истите да се заборават.

Напротив тие слики никогаш не треба да се избришат од нашата меморија , бидејќи треба да бидат пример како не треба да се протестира  и насила да се влегува во парламентот.

Секој еден човечки живот е многу  поскап и повреден од било која политичка судбина.

Македонија еднаш веќе мора да се соочи со својата  вистина.

Простор за нови амнестии и проштевања веќе нема.

За сторените криминалии, или вандализми не треба да има прогледување низ прсти или проштевање.

Само така ќе можеме да сметаме дека заслужуваме влез во ЕУ и НАТО. Секакви други (политички) пазарења можат секогаш да ни се вратат како бумеранг.

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!