Home / Uncategorized / Бележиме: Анонимни “Фејсбук“ плукачи

Бележиме: Анонимни “Фејсбук“ плукачи

Со цел да ги информира своите поддржувачи, Здружението за чист воздух во Битола “За нас се работи“ уште пред да се регистрира отвори своја “Фејсбук“  страница на која се пласираат нивните и активностите на сите други субјекти во врска со реализацијата на нивната иницијатива за амбиенталниот воздух во градот.
На “Фејсбук“  страницата се пласираат и разни документи, материјали, снимки, видео клипови, изјави, како и објавени текстови во врска со активностите на здружението.
И нема ништо спорно за отворањето на таквата страница на Здружението, која е замислена како демократска трибина за пласирање на сите нивни активности и идеи, поврзани со нивната иницијатива за чист воздух во Битола.
Но, тоа што во последно време паѓа в очи, и на одреден начин ја девалвира нивната заложба за чист воздух е што членовите на Здружението не можат, или не сакаат да го видат е што модераторите на страницата дозволуваат нивниот т.н. “ѕид на плачот“  за чист воздух да се претвори во “ѕид за плукање“, каде некои нивни “поддржувачи“  плукаат дење ноќе, буквално 24 часа, по се живо во овој град со кого тие не се сложуваат и не ги делат нивните мислења, или ставови.
На тој начин тие практично ја (зло)употребуваат страницата на Здружението и плукајќи по секој и секого, ги лечат своите фрустрации.
Тоа што особено загрижува е што дел од т.н. нивни “поддржувачи“  криејќи се зад измислени “фејсбук“ профили си дозволуваат таква слобода па ги анатемисуваат сите со кои тие не се сложуваат. Иако најчесто се залагаат за јавност и демократичност, многумина од таквите “поддржувачи“  во последно време се претворија во вистински цензори, кои не избираат ни зборови со кои сакаат да ги дисциплинираат сите со кои тие не се сложуваат.
Иако таквите анонимни “фејсбук“  критичари никогаш не биле предмет на моја опсервација, сепак во ова прилика морам да нагласам дека некои “поддржувачи“ на страницата на Здружението “За нас се работи“  си зедоа премногу слобода да делат лекции на сите.
Наместо да се занимаваат со проблемите на загадениот воздух и да излегуваат во јавноста со идеи како да се надмине овој проблем, тие со својата плукачка реторика буквално ја загадија не само страницата на Здружението од кое прашање е дали некој може некогаш да ја исчисти, туку се трудат истото да го сторат и со битолската јавност.
Тоа што особено иритира е што тие “храбри“ и “чисти“  анонимуси, криејќи се зад своите тајни профили, си дозволуваат во името на демократијата и слободата на говорот, да цензурираат се и сешто, па дури и да делат закани, кои се многу блиски до фашистичката идеологија.
Како инаку да ги толкуваме нивните “гадни“  коментари за пишувањето на Битолски весник и заканите кон Весникот, дека Битолски весник, според некои од нив, ако не може да се забрани, тогаш едноставно требало да се запали!
Иако “фејсбук“  страниците и порталите не се регулирани со Законот за медиумите, сепак никој не им дава право не само на пишувачите на таквите гнасни закани да сеат таков говор на омраза, ниту пак на модераторите на страницата да дозволуваат такви навреди, шпекулации и клевети да се објавуваат на нивната страница.

Или, пак, ним им одговара таквата реторика, па криејќи се зад отвореноста на нивната страница дозволуваат кој како сака и како ќе стигне секого да плука, валка или оцрнува.
Битолски весник нема намера да се занимава со пишувањата на таквите анонимни “фејсбук“  плукачи.

Во изминатите 5 децении Битолски весник бил предмет на дисциплинирање од разни структури, многу посилни од анонимните “фејсбук“ плукачи, но секогаш излегувал како победник.
Без разлика на тоа дали им се бендисува тоа или не, Битолски весник, како и досега, така и натаму, самостојно ќе ја уредува својата редакциска политика и нема да дозволи никој, па ни тие, најгласните пишувачи на таквите црнила, да го (су)уредуваат Весникот.
Но, модераторите на страницата ќе мора да се запрашаат дали тие со таквото “уредување“  на страницата не само што не ги заштитуваат тие кои се предмет на нивна дискредитација, туку ги стимулираат истите и придо-несуваат на нивната страница да се шири класичен говор на омраза.
Доколку е така, тогаш уште отсега им препорачуваме да се откажат од идејата и иницијативата за чист воздух во Битола, бидејќи доколку тие не се во состојба да ја исчистат својата “фејсбук“  страница од гнасотиите кои ги пласираат нивните, наводни, “поддржувачи“, тогаш тешко дека ќе успеат да ја спасат Битола од загадениот воздух.
Благодарение на иницијативата на Здружението, или на надлежните институции во градот и државата, или божјата волја, воздухот некогаш ќе се исчисти, но тешко ќе се исчисти градот од таквите загадувачи на околината какви што моментно ги има на страницата на Здружението “За нас се работи“, кои криејќи се зад нечистиот воздух, трујат се и сешто и баздат на омраза.

 
Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*