Home / Економија / „Бесплатниот“ превоз на учениците скапо ја чини Битола

„Бесплатниот“ превоз на учениците скапо ја чини Битола

Пред неколку месеци, кога во Советот на општината, по обелоденувањето на случајот „Транспортер“ од страна на СЈО, се отвори жестока политичка дебата, токму на овој простор најавивме дека „бесплатниот“ превоз на учениците во основните и средните училишта, скапо ќе ја чини Битола. Таквата наша песимистичка најава тогаш не беше како резултат на сознанијата што ги обелодени СЈО, дека наводно општината Битола плаќала превоз за учениците неколку пати поскап отколку во Кина, туку пред сѐ поради долговите што се трупаа и сѐ уште се трупаат во битолските училишта по воведувањето на „бесплатниот превоз“, а кои ни крива ни должна зеде обврска да ги плаќа од својот општински буџет.

Упатените во овој случај, кој по отворањето на истрагата од страна на СЈО се претвори во вистински политички скандал, тврдат дека „луксузот“ со „бесплатниот“ превоз што го воведе Министерството за образование, за учениците чии места на живеење се оддалечени над 2 километра од училиштата во кои посетуваат настава, досега градот веќе го чини над 2 милиона евра. Толку наводно изнесува долгот на битолските основни и средни училишта кон автобуските превозници, а колку допрва ќе ја чини, тоа никој не може да предвиди. Тоа што особено загрижува е што и покрај сите настојувања на локалната власт со свои средства, од буџетот да ги санира долговите, во тоа засега не успева и долгот, и покрај големите издвојувања, наместо да се намалува, поради високите камати и трошоци, постојано се зголемува. Така од околу милион евра, колку што според упатените пред неколку години изнесуваше, долгот спрема превозниците сега се зголеми над 2 милиона евра, средства, колку што моментно должи општината Битола.

Токму ваквите состојби со „бесплатниот“ автобуски превоз на учениците во битолските основни и средни училишта беше повод пред извесно време во Советот на Битола да се отвори жестока политичка дебата, во која опозицијата остро ја нападна не само локалната, туку и централната власт, која според советникот на СДСМ Златко Ќуркчиевски е и најмногу виновна за ваквите состојби со превозот на учениците.
– Наместо овој долг да го сервисира тој што го воведе бесплатниот превоз, а тоа е Министерството за образование, ние денес ни криви ни должни сме принудени со општински пари да ги плаќаме долговите што треба друг да ги плати.

И наместо Владата да ни ги плати тие 2 милиона евра, колку што изнесува долгот, општината Битола е принудена за да ги дозаврши инфраструктурните проекти во Златниот Рид да се задолжува со кредити од Светска банка во износ од 2,5 милина евра – нагласи тогаш советникот на СДСМ, Златко Ќуркчиевски.

Ваквата дискусија на советникот на опозицијата најдобро ја отсликува состојбата околу ова прашање.

На таа седница на Советот советниците од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ не сакаа да се изјаснуваат по овој проблем, што го наметна опозицијата.

Инаку,  според упатените во состојбите со превозот на учениците во битолските училишта, освен неколку училишта, кои немаат многу ученици со право на бесплатен превоз, речиси сите преостанати основни и средни училишта во Битола се со блокирани жиро-сметки, поради долговите спрема автобуските превозници. Во најтешка состојба се средните училишта „Таки Даскалот“ и медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“, а од основните „Крсте Петков Мисирков“ од Бистрица, кое има и десетина подрачни училишта во битолските села, кои гравитираат кон него, а во кои настава посетуваат ученици од другите соседни општини Новаци, Могила, Демир Хисар, Крушево, Прилеп, Ресен.

– Сите ученици што живеат на над 2 километри оддалеченост од училиштата каде што посетуваат настава имаат право на бесплатен превоз. Дали сите ученици го користат тоа право не знаеме. Но автобуските превозници, пак, без разлика дали сите ученици се возат со автобусите или не, ни наплаќаат според списоците што ги доставуваме.

И наместо Министерството за образование на општината да ѝ пушта пари за сите ученици што учат тука и го користат превозот, голем дел од средствата наместо во општинската каса, завршуваат во касата на општините од каде што доаѓаат учениците на настава во Битола.

Токму таквиот начин на плаќање ја погоди Битола и затоа е еден од градовите што поради „бесплатниот“ превоз е најзадолжена општина во државата – тврдат од училиштата, кои должат доста пари за превоз.

И покрај тоа што општината во голем број наврати се обидуваше да најде начин за надминување на овој сериозен проблем, дали во директни преговори со Министерството за образование, или преку ЗЕЛС, сепак барем досега не е најдено решение. Во договарањето за решавање на овој проблем се сменија неколку министри за образование, но никој не го реши проблемот.

Во ситуација кога обврските за превозот не се плаќаат редовно     автобуските превозници ги тужат училиштата, кои во неможност да ги исполнат обврските, бараат спас од локалната самоуправа, која ни крива ни должна засега во најголем дел самата го (до)плаќа „бесплатниот“ превоз. Но тоа не е најголемиот проблем. Најстрашно е што во моментот токму поради овој случај по барање на СЈО во куќен притвор се наоѓа градоначалникот Владимир Талески. Иако со дозвола на судот тој засега дома потпишува некои документи, а во локалната самоуправа се обидуваат да демонстрираат дека работите се одвиваат нормално, сепак состојбата не е баш таква. Доволно е само еден ден човек да престојува во Битола, па да се увери дека едноставно животот во градот под Пелистер како да е застанат. Поради притворот на градоначалникот, по 10 години, ова лето првпат не се одржа најдолгото, најсодржајното со настани и најбогатото битолско културно лето „Битфест“. Иако засега никој за тоа не зборува, сепак тие што одблиску ги следат состојбите во локалната самоуправа, велат дека во општината „работат“ само тие што мораат, додека преостанатите едноставно само доаѓаат на работа.

Освен некои ситни инфраструктурни градежни работи, кои ги изведуваат локалните јавни комунални претпријатија, преостанатите активности во Битола се буквално застанати. Засега се ставени на стенд бај и голем број тендери.

Иако со добивањето на кредитот од Светска банка беше најавено дека Златниот Рид ова лето ќе биде вистинско градилиште, сепак состојбата не е таква. Напротив во Златниот Рид речиси сите градежни зафати се застанати, а градежните машини едноставно се згаснати.

Некои инвеститори дури се закануваат и со тужби кон општината за неисполнување на обврските околу уредувањето на инфраструктурата, бидејќи поради немањето целосна инфраструктура не можат да ги продадат веќе изградените станови. Иако по објавениот конкурс многумина битолчани, кои купија локации за изградба на куќи се израдуваа дека конечно ќе изградат свој дом во најатрактивната локација под Тумбе Кафе, досега во Златниот Рид е изградена само една куќа, која нема никакви услови за вселување.

И преостанатите градби во Златниот Рид се едноставно застанати. Во ваква ситуација засега во Битола, иако беше најавен, никој не зборува ни за изградбата на Градскиот стадион под Тумбе Кафе. Во прашање се доведува и редовното работење на локалната самоуправа. Според информациите, кои ги добивме од локалната самоуправа, буџетот на општината веќе не се полни според планираната динамика.

Поради таквиот однос на должниците, деновиве општината Битола и покрај разбирањето што го има кон своите сограѓани, дури беше принудена со писмени опомени да ги предупреди на нивните обврски.

 

 

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Фото: Сашо Ристевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*