Home / Градска хроника / Битола се откажува од традицијата

Битола се откажува од традицијата

Речиси по една деценија, откако локалната самоуправа на Битола, раководена од градоначалникот Владимир Талески, почна за своите сограѓани да организира заедничко испраќање на старата и пречек на новата година на плоштадот „Магнолија“, сега битолчани првпат нема заеднички да ја дочекаат 2017-та на градскиот плоштад. Речиси во минута до 12, градоначалникот на последната годинашна прес-конференција, пред истекот на неговиот трет мандат, (не)очекувано им соопшти на битолчани дека годинава, за разлика од претходните, ќе мора сами да се погрижат за пречекот на Нова година, а средствата ќе бидат пренаменети за хумани цели.

– Иако општината секоја година организираше спектакуларен пречек на Нова година, исполнувајќи ја програмата со познати македонски поп, рок и фолк-изведувачи, оваа година околу еден милион денари, средства предвидени за вечерната програма, збогатена со огномет и традиционалниот новогодишен коктел, во организација на општината, ќе им бидат донирани на оние на кои им се најпотребни. Ќе му предложиме на советот на општината Битола каде да оди дел од средствата од околу милион денари – рече Талески.

Така, по откажувањето, според таткото на градот, од најбогатото, најсодржајното и најдолгото културно лето „Бит-фест“, кое годинава првпат не се одржа, Битола се откажа уште од една традиционална градска манифестација, по која беше препознатлива во изминатите години.

Додека за откажувањето од организираниот пречек на Нова година битолчани добија штуро известување и објаснување, битолчани сѐ уште немаат добиено никакво објаснување за тоа кои беа причините за откажувањето на Битолското културно лето, со кое толку многу се гордееше локалната власт во Битола и самиот градоначалник.
Така, за само неколку месеци, Битола, градот што се гордее(ше) со својата традиција и некои традиционални вредности, се откажа од две градски манифестации, кои беа прогласени за традиционални и со кои градската власт постојано се фалеше. Со откажувањето на „Битфест“ загуби и Битола, бидејќи според градските власти овој фестивал, во изминатите години, наводно многу придонесол за зголемување на бројот на туристи токму во тој период.

Слично, деновиве битолчани ја коментираат и одлуката на градоначалникот Талески за откажувањето од организираниот пречек на Нова година. Со таквата (не)промислена одлука сметаат битолчани дека ќе бидат казнети сите оние, претежно млади битолчани, што дали поради својот стандард, или поради воспоставената традиција, во голем број сакаат заеднички да ја испратат старата и да ја дочекаат новата година на плоштадот „Магнолија“.

Најголемиот број од нив коментира дека локалната власт не мораше да се откаже од заедничкиот пречек на Нова година за да ја покаже својата хуманост. Напротив, доколку имаше добра волја, можеше и да се организира пречекот и да се дадат одредени средства за хумани цели, како од страна на организаторите, така и од страна на учесниците.

Својата хуманост Битола можеше да ја покаже и со тоа што дел од средствата што се „заштедија“ од неодржувањето на „Битфест“ можеше да биде даден за хумани цели. Вака, со неодржувањето на организираниот пречек на Нова година на плоштадот „Магнолија“, не само што нема да биде подобрена животната егзистенција на тие што ќе добијат дел од средствата туку ќе бидат казнети најголемиот број граѓани на Битола и околината што планираа Нова година да ја дочекаат како и во сите изминати години, на градскиот плоштад, а и битолските музичари и уметници, кои требаше да свират на заедничкиот пречек.

Но тоа што најмногу ја иритира битолската јавност е што Битола во последно време многу лесно се откажува од манифестациите што добија традиционален белег и што на тој начин, без некоја подлабока анализа и размислување, прекуноќ се откажува од својата традиција, која ја воспоставија токму сегашните актуелни власти. Почитувањето на традицијата и традиционалните вредности е најголемото богатство на еден град и еден народ. Битола може(ше) да се пофали дека е град што почива на својата богата традиција и се гордее со неа.
Оправдувањето дека на тој начин се сака да се заштедат средства од градската каса и да им се помогне на некои егзистенцијално загрозени лица е без покритие, бидејќи токму во изминатите години, кога се во прашање културните манифестации во Битола, од кои некои првпат се организираат, се издвојуваат, за македонски услови, огромни пари.

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*