Home / Колумни / Домашниот притвор како (пре)порака

Домашниот притвор како (пре)порака

                            

              Откако деновиве не стрефи корона вирусот за 360 степени ни се смени не само начинот на живот, туку и начинот и филозофијата на размислување.

          Лично мислам дека дури сега  станавме свесни колку сме беспомошни суштества.

           Денеска сите човечки суштества во овој свет, дали во Битола, или во Кина, Малибу, Холивуд, Париз, Рим, Берлин… единствено размислуваат како да (пре)живеат, а не како и каде  да живеат.

          И најголемите авантуристи, кои никако не можеа дома да се скрасат,  сега изгубија секаква желба за патување низ светот и не излегуваат од дома. Никој повеќе никаде не сака да шета.

          Едноставно сите сакаат да бидат и да останат дома.

          Тоа е сосема разбирливо ако се знае дека (пре)пораките на Светската здравствена организација и сите здравствени работници се дека корона вирусот единствено може да се прележи ако граѓаните на целата земјина топка седат дома и без потреба не излегуваат надвор од својот дом.

          Домот на секој поединец повторно стана најдоброто и најбезбедното место за сите човечки суштетсва.

           Деновиве  граѓаните во цел свет, без никаква пресуда или барање на било кој обвинтел  се во куќен притвор.

          А само до пред извесно време  бевме сведоци кога одредени обвинети од СЈО  даваа милиони евра да  бидат пуштени од домашен притвор и да можат да се бранат од слобода.

          Сега не ги слушам ни тие да бараат да бидат пуштени од домашен притвор.

          Слично барање нема ни Катица Јанева, која веќе неколку месеци, уште пред да не стрефи епидемијата со корона вирусот е во домашен притвор,а ни Боки 13 многу ни инсистира да излези од Шутка.

Сега најслободно и најкомотно се чувствуваат луѓето кои се во “домашен притвор” и домашна изолација.

Едноставно домот стана најбезбедното и најсигурното место на овој свет.

          Здраствените работници уверуваат  дека доколку граѓаните сакаат да се спасат од најлошото и да не бидат инфицирани од корина вирусот да си седат  дома.

          Во спротивно никој, па ни министерот за здравство Венко Филипче не може да им гарантира дали ќе се заразат и од кого ќе се заразат.

          Благодарение на корона вирусот луѓето се свртија кон домот.

          Дури сега откако не исплашија  со вирусот  “ковид 19” се собравме сите во своите домови.

          Сега слободно можам да кажам дека станавме тоа што треба секогаш да бидеме, вистински семејства, кои како во старите добри времиња на нашите баби и дедовци, конечно можеме да се видиме и зближиме.       Сега, додека владее со светот корона вирусот, можеме да си помубатеиме за сите наши минати времиња, сеќавања, најблиските кои ги изгубивме, за нашата младост, пропуштени шанси, мечти, соништа, остварени и неостварени желби…

           Овие денови, кога најголемиот број од нас се дома можеме  конечно сите да се видиме еден со друг.

          Доста ни е брзање и талкање по животот.

          Време е конечно  да се скрасиме дома, во своите домови, кои по “транзицијата “ на најголемиот број од нас ни станаа како хотелски соби, само за преспивање.

          Корона вирусот убеден сум дека колку што ќе однесе животи, толку многу животи во светот ќе “спаси”.

          Дури сега, откако  се виде дека со светот  не владеат  ни Трамп, ни Путин, ни Си ЏинПинг, ни Ким Џонг Ун, туку корона вирусот, мислам дека станавме свесни колку нашите скапи животи биле евтини и колку сме биле беспомошни и смртни.

          Во овој момент веќе за никој не е сон да се биде светски патник. Деновиве сите сонуваат за својот дом, за своето семејство,за своите најблиски.

          Колку и да се трудат деновиве политичарите да ни ги презентираат своите (пред)изборни “програми “ и “проекти “ со кој ќе ни го направаат животот како во бајките, мислам  џабе им е.

          Народот во овој момент единствено се интересира како да  остани дома и да преживее.

          Благодарение на корона вирусот деновиве се уверивме колку многу малку треба за да се спасиме од најсмртоносниот вирус на 21 век.

          Ако се слушаат советите на лекарите и епидемиолозите најдобар лек за спас од корона вирусот е личната хигиена и домашната изолација.

          Честото миење на рацете  и одржувањето на личната хигиена е најдобрата терапија за спас од корона вирусот.

          А за тоа не се потребни ни големи инвестиции ни многу пари.

          Тие се барем ефтини и ги имаме во доволни количини.

          И кога сме кај корона вирусот едно треба на сите да ни биде јасно.

          Барем  за надминување на оваа пандемија да ги слушаме советите на лекарите и здравствените стручњаци.

           Надри лекарите и фејсбук  експерите овој пат да ги заборавиме.

          Тие своите рецепти да си ги чуваат за себе.

          Од нивните експертски совети да ги поштедат барем граѓаните, бидејќи со овој вирус, нема шега.

Колумната можете да ја прочитате во најновиот број на Битолски весник

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!