Don't Miss
Home / Интервјуа / Интервју: Александар Кирацовски, генерален секретар на СДСМ и пратеник во Републичкото Собрание: Битола повеќе нема да биде слепо црево!

Интервју: Александар Кирацовски, генерален секретар на СДСМ и пратеник во Републичкото Собрание: Битола повеќе нема да биде слепо црево!

 

Битолски весник: Сега кога ја испративме старата 2017 година, и ги живееме првите денови на Новата 2018 година, кажете ни по што ќе ја паметите  2017 година?

Александар Кирацовски: Минатата, 2017 година дефинитивно за сите нас беше  година на пресврт. Година во која Македонија расчисти со режимот кој егзистираше 11 години и зачекори по вистинскиот пат на слобода, демократија, правда и напредок. Исто така, оваа година ќе ја паметам по неизвесноста која беше евидентна до последниот момент на преземањето на власта и секако по историската победа на локалните избори, првите избори по долго време кога граѓаните конечно имаа можност слободно да ја изразат својата политичка волја.

Б.В: Велите година на пресврт што асоцира на промени. Се чувствуваат ли реално промените од владеењето на новата власт?

 А.К: Секако! Сигурен сум дека сите сме сложни околу констатацијата дека општеството е многу порелаксирано отколку претходно. Слободно живееме, слободно избираме, слободно се изразуваме. Никој повеќе не се плаши јавно да ја критикува власта, а граѓаните од сите фели, медиумите, бизнисмените ја отфрлија автоцензурата која со години ги држеше во еден вид на заложништво.

После години стагнација, нашата земја одлучно тргна напред, со подадена рака кон граѓаните, соседите, кон светот. Сите заедно започнавме одново да го градиме демократското, праведно општество за сите. Општество во кое човекот е центарот на вниманието, а решенијата за подобар живот, прв императив.

Денес, граѓаните се фокусот на работата на секој функционер и на секој политичар. Државните институции работат независно, без какви било партиски притисоци и во интерес на граѓаните. Медиумите известуваат слободно, претставниците на власта се секогаш на дебати, а јавноста е навремено и целосно информирана за секоја активност на  Владата и Собранието. Се разбира, пред нас е цел мандат во кој ќе има уште многу нешта со кои сите ние ќе се гордееме, особено на економски план.

Б.В: Во ред, но шест месеци и не е толку кус  период за некои нешта да можат да се реализираат, барем како контури на идното владеење?

А.К: Се согласувам. Доколку  погледнеме што се новата власт предводена од СДСМ направи само во првите шест месеци, ќе констатираме дека доста е направено. Најпрво, земјата ја направивме повторно да биде фактор на стабилност во регионот и ги релаксиравме претходно нарушените односи со соседните држави. Уште во првите недели од мандатот значително ги намаливме непродуктивните трошоци, ја редуциравме фрекфенцијата на задолжувања. Економијата ја стабилизиравме, ги изедначивме условите за бизнис за домашните како и за странските компании и ја отворивме спиралата на раст на платите.

Зголемена е минималната плата и таа сега изнесува 12.000 денари за сите работници. Околу 3.500 стечајни работници денес добиваат надомест од државата во износ од 7.596 денари месечно, со што исправивме една децениска неправда. Укината е радиодуфзната такса, давачка поради која илјадници семејства беа со блокирани сметки. Воведена е дневна евтина тарифа на електричната енергија. Го укинавме екстерното тестирање кое што создаваше стрес кај учениците, родителите и наставниот кадар, а во тек на укинување се и казните од оценувањето на административните службеници. Голем дел на млади земјоделци и млади луѓе кои сакаат да отворат сопствен бизнис, добија неповратни 10.000 евра финансиска поддршка, за нивниот сон да стане реалност. Обезбедивме 135 милиони денари за поддршка, за малите и средни претпријатија и за поддршка на домашни гринфилд инвестиции. Со измените на Законот за катастар на недвижности, овозможивме граѓаните да плаќаат значително помалку за катастарски усуги и геодетски елаборати. И многу други мерки кои ги презедовме.

Б.В: За читателите на Битолски весник објаснете ни како Вие ги доживеавте настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија?

А.К: Како одговорен човек активно вклучен во политиката и како мошне приземен политичар, немилиот настан на 27 април минатата година го доживеав мошне трезвено и со фокус кон реалната ситуација во која се најдовме. Сите таму присутни, знаејќи со што и со кого имаме работа, бевме подготвени на секое можно сценарио кое можеше да го смислат политичките опоненти кои не бираа средства.

Во секој случај беше една опасна ситуација во која животот на сите ни висеше на конец и фалеа минути за тоа да се случи.  Денот 27 април 2017 е датум кој секогаш ќе го паметам и раскажувам, борејќи се во иднина против секој симптом и зачеток кој асоцира на таква завршница. Но не жалам за ниту една минута помината во ќошот на прес салата во Собранието, служејќи како мета на разгневените изманипулирани насилници, затоа што повисоката цел, да имаме праведно општество и држава во рацете на граѓаните, е постигната.

Б.В:Како се чувствувавте во моментот кога насилниците Ве нападнаа. Со оглед на тоа што бевте во непосредна близина на лидерот  Зоран Заев и бевте загрозени,  како се чувствувавте во тие моменти?

А.К: Емотивниот наплив беше голем, но кога се впуштате во оваа работа, треба да бидете подготвени на се. Јас и моите сопартијци бевме подготвени, баш на се. Беше немило и поразително чувство да ги гледаш најблиските соработници и претседателот на партијата раскрвавени, а и самиот да си повреден. Во тој момент повеќе чувства ми беа испреплетени, а доминираше гневот, жалта за ситуациајта во која државата беше доведена, заедно со чувството кое ја мотивираше нашата издржливост во борбата кон злото со кое се соочувавме. Исто така, во тој момент, доминираа разни размисли како што е апсурдноста во која сите не доведе една група на криминалци кои за својот спас беа подготвени и да ја уништат државата, како и помислата дали ќе го видам семејството и сите соборци со кои заедно се боревме долги години наназад.

Крајно, независно како ќе звучи, но без лажна скромност сакам да истакнам дека цврсто се држевме во тие моменти кои можеа да не чинат и живот, знаејќи дека сме последниот браник од последната битка со режимот која за среќа и задоволство на граѓаните, ја добивме.

Б.В:Во 2016 година сте избран за пратеник а во 2017 година за генерален секретар на партијата. Какво е чувството да се биде прв оперативец во партијата СДСМ, во година на длабока политичка криза и изборни циклуси?

А.К: На 11-ти декември, 2016 година ја добив честа од граѓаните, да ги претставувам во Собранието на Република Македонија, а во јуни 2017, довербата од претседателот и членовите на СДСМ да ја извршувам функцијата генерален секретар. Во овој поглед кај мене единствено доминира чувството на одговорност и фокус кон приоритетите кои СДСМ треба да ги исполни и кон граѓаните и кон членовите. Мошне е напорно, но има сатисфакција која произлегува од фидбекот од граѓаните, особено што како потврда на успешното менаџирање со партијата беа и резултатите на локалните избори кога СДСМ освои две третини од општините во државава. Извршувањето  на двете значајни функции, една општествена и една партиска во еден специфичен и турбулентен период, бара одредена жртва и одрекување од многу нешта, но тоа е патот кој го одбрав и воопшто не жалам за тоа.

Б.В:Сега кога би се вратиле назад и кога лидерот Заев почна со објавувањето на т.н.  “бомби” дали бевте убедени дека ќе го соборите режимот на Никола Груевски?

А.К: Вербата за пад на режимот егзистираше во нас уште од првиот момент кога се соочивме со фактот дека истиот, режим, егзистира. Ако не верувавме, немаше да се впуштиме во бројни активности кои со себе носеа голем ризик по сите нас. Обзнанувањето на “бомбите” т.е. аудиоснимките беше само дел од истите и секако пресудниот преку кој јавноста можеше да се увери под чие раководство ја има доверено сопствената држава, но секако дека вербата во успехот значеше половина постигна успех.

Б.В: СДСМ после 11 години опозиција повторно е на власт. Како планирате да ги реализирате ветувањата со оглед на тоа што наследивте празна каса и задолжена држава?

А.К: Најдиректно, со многу труд и домаќинско работење и развој на клучните општествени сфери кои носат дополнителна вредност. Ние не гаиме илузии дека веднаш ќе станеме Швајцарија на Балканот, но сме повеќе од убедени и ветуваме дека ќе се живее многу поубаво отколку претходно. Република Македонија има ресурси и потенцијал за сопствен развој кој заедно со странските инвестиции полека, но сигурно ќе го зголемува животниот стандард на граѓаните. Минималната плата од 12.000 денари во сите дејности, заедно со поддршката на фирмите кои ќе исплаќаат плати над 18.000 денари оди во таа насока. Со домаќинско работење, со кратење на непродуктивните трошоци и инвестициите кои не носат дополнителна вредност, со заштедување на стотици милиони евра во буџетот кои претходно се злоупотребувале, ветувањата ќе станат реалност.

Б.В: Господине Кирацовски. Сведоци сме дека почесто сте во Скопје отколку во Битола. Дали тоа значи дека политичката кариера ќе ја градите во Скопје?

А.К: Се трудам да бидам што е можно поприсутен во родниот град и градот од каде што ме избрале граѓаните. Тоа понекогаш е тешко да се менаџира, но желбата е посилна од мене. Тука е мојата фамилија, се што имам е во Битола и нормално тука и ќе остане. Политичката кариера ја градам придонесувајќи најмногу што можам за граѓаните, независно од географијата. Скопје во овој момент претставува центар на политичките збиднувања и доколку сакате сериозно да се  занимавате  со политика и реално да придонесете за граѓаните и за својот роден крај, таа дестинација ви станува неизбежна. Се разбира битно прашање е дали и колку знаете и можете да излобирате за овој крај. За почеток, она што веднаш можам да го најавам, а е поврзано со Битола се околу 400 илјади евра за развој на Националниот парк Пелистер од Министерството за животна средина, отпочнување со подготовките за автопатот Прилеп-Битола-Меџитлија, реконструкција на двата влезови во Битола и префрлување на седиштето на правниот факултет при УКЛО, од Кичево во Битола. Исто така, со севкупна поддршка и со влог од локалната власт, неопходно е спортот во Битола конечно да се врати на природното ниво. Тука сите сме подеднакво сложни дека за ракометот, фудбалот и кошарката треба да се издвојат доволно финансиски средства, но и клубовите да бидат раководени од луѓе домаќини и луѓе на кои спортот им е длабока љубов.

Б.В: Како ја коментирате убедливата победа на СДСМ во Битола на локалните избори?

А.К: Битола, во политичка смисла, беше зрела за победа на СДСМ и Коалицијата и кандидатот за градоначалник од истата. Погубните политики на претходната власт и на централно и на локално ниво со кои на Битола дефинитивно му ја овековечија веќе познатата фраза „Битола слепо црево”, ги направија мнозинството битолчани подготвени за промени. Сумирано и со партиско-политичка стратегиска комуникација, за резултатот на локалните избори во Битола и генерално во целата наша држава, неопходни беа трите клучни предуслови, т.е. (1) генералната централна политика која го скрши режимот и обезбеди соодветни услови за фер политичка борба, (2) партиската организираност која на овие избори беше беспрекорна и секако понудениот кандидат за градоначалник и членови на совет. Ние, во Битола дефинитивно ги погодивме сите аспекти подеднакво.

Б.В: Градоначалничката Наташа Петровска наследи долг од 13 милиони евра кој според некои прогнози ќе биде и поголем. Дали со таков енормно голем долг, СДСМ ќе ги реализира предизборните ветувања?

А.К: Финансиската кондиција на речиси сите општини, од кои Битола не е исклучок, е на незавидно ниво. Накалемените долгови направени во изминатиот период не даваат добра стартна позиција на нашите градоначалници и истите ги ставаат во ситуација да санираат наместо да ги развиваат општините.

Но, општините имаат и свои приходи и со добар менаџмент истите можат многу рационално и продуктивно да се потрошат, би рекол инвестираат. Битола има скромна и амбициозна градоначалничка која со домаќинско работење умее да направи повеќе, со помалку. Нашите градоначалници имаа обврска да ги обзнанат долговите и реалната состојба во Општините, но единствено поради доследно информирање на јавноста, а не поради јавно жалење или оправдување за денешницата. Тие се избрани од граѓаните за да ги решаваат проблемите, независно колкави се и од кого се создадени , а јас сум убеден дека за многу скоро истите ќе ја оправдаат довербата од граѓаните.

Б.В: Иако сте релативно млад, Вие сте долго време во политиката. Каде се гледа Александар Кирацовски во политичката кариера во наредниот период?

А.К: Не знам, по ваш терк, што е многу, а што малку време во политиката, но јас досегашниот период во политиката го гледам како загревање. Плодовите за граѓаните, особено за битолчани, од мојот политички ангажман допрва доаѓаат. Инаку,  најдиректно во политиката сум од 2015 година, кога впрочем бев предложен од СДСМ и избран од Парламентот за дополнителен заменик-министер во министерството за информатичко општество и администрација, а сега сум пратеник во републичкото Собрание.

Она во што сум навистина долго е Социјалдемократскиот сојуз на Македонија каде членувам од своето полнолетство и сум ги поминал сите скалила од обичен член, претседател на локален клуб на млади, потпретседател на СДММ, потпретседател на СДСМ, па до Генерален секретар на СДСМ. Лично во скорешна иднина се гледам на истите овие позиции каде и себеси и на граѓаните ветувам дека ќе придонесам многу за општо и заедничко добро.

Б.В: Познато е дека имате голем број на обврски бидејќи сте прв оперативец на една голема партија и пратеник во Собранието. Како успевате да одговорите професионално на сите тие обврски?

А.К: Не сакам да ја користам старата излитена фраза „ако се сака се може” и фразата „ако добро се планира времето, се успева да се направи се”, затоа што времето на еден политичар, особено ако ја извршува и функцијата каде се слеваат сите информации и од каде се делегираат сите задачи, и искрено сакам да потврдам дека успевам да одговорам најпрофесионално на сите обврски и предизвици, но тоа секако ме чини доста. Ме чини времето предвидено за семејството, непроспиени  ноќи и откажување од многу нешта и задоволства. Сум го изучувал и практикувал менаџментот како наука и со сето знаење и искуство успевам да изградам соодветни агенди од врвните приоритети. Но она што моментно ми е предизвик е како се да течи според планот, а јас сепак да го зачувам времето со семејството и пријателите кое е незаменливо.

Б.В:Од каде Кирацовски ја црпи енергијата за предизвиците со кои секојдневно се среќава?

А.К: Искрено, човек понекогаш е тешко да си објасни од каде ја црпи силата за дадените надчовечки напори. Лично сметам дека црпам енергија од повеќе  нешта, од големината на самите предизвици, од смислата и тежината на тоа што го правиме,  од дадениот збор, од семејството и блиските, од партиската кохезија која ја негуваме.

Б.В: Покрај тоа што сте политичар Вие наоѓавте  време да пишувате колумни. Од каде љубовта кон пишувањето  на колумни?

А.К: Колумните се еден мошне соодветен начин поподробно да изразите став и свое мислење за одредена тема. Како политичар одговорно е секогаш да имате свој став за битните прашања и јавно да го изразувате истиот, да сте поинформиран за некои клучни аспекти и да имате визија за идните случувања кои ќе имаат сериозен импакт врз општеството.  Колумните се и можност граѓаните подлабоко да ве запознаат и да го разберат вашиот начин на размислување со што, на одреден начин, се стекнува заемна доверба што во политиката е многу важна.

Б.В: Кога сега би требало да напишете колумна за Битолски весник на која тема би ја напишале?

А.К: На прва, што би се рекло, би ја насловил „Предизвиците на Република Македонија и нејзините граѓани во новата 2018-та година”, а би се однесувала на потребата од целосна вклученост на сите граѓани, во еден дух за предизвиците кои ќе значат развој на нашето општество. Политичарите се најодговорни и прво повикани да водат, да се информирани и да информираат, да одржуваат ветувања, но сите ние треба да сме свесни дека и тоа се обични луѓе кои без масовна поддршка и вклученост на граѓаните, ниту една цел неможе целосно да биде постигната.

Б.В: Со каква желба влегувате во Новата 2018 година на политички и личен план?

  А.К: На граѓаните им посакувам Новата 2018 година да им биди проследена со добро здравје, семејна хармонија, бериќет и благостостојба, да ги служи добрата мисла и ведрината. Лично посакувам да ме служат енергичноста, фокусот кон целта и истрајноста, и секако повеќе квалитетно време поминато со семејството. На политички план посакувам општ граѓански стабилитет и внатрешна кохезија во државата, што е предуслов за брз развој и напредок на нашата Македонија.

 

Разговорот го водеше:  Васка М.Младеновска

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*