Home / Вести / Изработка на нова програма за поавтентичен изглед на кафулињата на Широк сокак

Изработка на нова програма за поавтентичен изглед на кафулињата на Широк сокак

На седница на Комисијата за јавни и комунални дејности на Советот на Општина Битола, советниците ја поддржаа иницијативата на Општината за отпочнување постапка за изработка на нова програма за поставување на урбана опрема и формирање на работно тело, со цел угостителските објекти на Широк сокак да бидат поубаво уредени и со еден унифициран изглед, да се задржи автентичноста на амбиенталната улица.

Според претседателот на Комисијата за јавни и комунални дејности, Бојан Бојкоски програмата што била донесена пред повеќе од седум години, кога се дозволи заградување на просторот пред угостителските објекти, сите во Битола се согласни дека не е добро решение за Широк сокак.

-Целта на новата програма е преку инклузивен процес со вклученост на сите инволвирани страни: изработувачите на оваа програма, угостителите, стручњаците, Широк сокак да го задржи својот автентичен изглед и да не се нарушува изгледот на најамбиенталната улица. Неопходно е да се најдат нови системи за Широк сокак, бидејќи сегашното решение е несреќно за сите. И за туристите што ја посетуваат Битола и за угостителите. Целта не е ние да направиме нова програма и да ги затвориме сите угостителски објекти, туку со оваа нова програма со нови системи што се достапни на пазарот, да бидат поубаво уредени локалите и од надвор, а не како сега, и со поставување на системи да има вентилација и да има унифициран изглед како на тендите, така и на урбаната опрема што ќе се поставува во зима-рече Бојан Бојкоски.

За неопходноста од промена на Програмата, но, притоа да се запазат сите процедури, на Комисијата дискутираше и секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски.

-Целокупната транспарентност како Општина Битола сметаме дека од голема важност е Советот да биде директно вклучен во целокупната процедура. На првата наредна седница треба да се донесе Одлука за отпочнување со донесување на нова Програма за урбана опрема и тоа да го усвои Советот и јасно и гласно да се соопшти а не да биде одлука на поединци-дециден е секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски.

Од НУ Завод и музеј Битола задолжени за заштита на Широк сокак велат дека улицата е споменик на културата и дел од старото градско јадро и не постои законска можност да се дозволи заградување на објектите. Во 2017 година кога се носела Програмата за урбана опрема токму поради тој аспект, Управата за заштита на културно наследство се прогласила за ненадлежна.

-Никаде во светот не се покриени објекти кои се заштитени како културно наследство. Законски можности не постојат за тоа. Управата затоа се прогласи за ненадлежна иако надлежностите се нивни. Ние немаме ингеренции, Скопје решава за цела Македонија. И сега повторно кога ќе се работи новата програма ќе биде истата постапка. Пак ќе треба да се побара одобрение од Управата. Затворање на улицата, на јавниот простор е недозволиво. Тоа е само кај нас случај. И ако се продолжи на ваков начин и тоа биде вградено во програмата, секоја чест на тие што ќе го издадат одобрението!? И тие ќе бидат соочени со законски пречки-рече Зоран Алтипармаков од Заводот и музеј Битола.

Од Здружението за угостителство и туризам „Еснаф“ се согласни дека заградувањето на просторот пред кафулињата го нагрдува Широк сокак,но, од друга страна се пожалија дека бизнисите ќе ги затворат ако не работат со затворени тераси.

-Не е само изгледот на улицата, тука се работи и за општество, за бизниси, вработувања. Со носењето на овој несреќен Закон за пушење, дуќаните ни се и лето и зима внатре празни, џабе плаќаме кирија, гостите седат во заградениот дел за пушачи. Ние не сме скандинавска земја, туку повеќе како Турција, луѓето пушат и пијат кафе. И ние сакаме да личи поубаво, Широк сокак е имиџот на Битола, но, и пиењето кафе е историска традиција-рече Марио Трифуновски претседател на Здружението „Еснаф“.

Советникот Методија Илиевски рече дека мора да се изнајдат начини угостителските објекти да бидат легално заградени.

Како советнички групи да поднесеме барање за измени во дел од законските регулативи. Мора да ги надминеме партиските интереси и практично да најдеме соодветно решение за поставувањето на урбаната опрема во Битола-вели советникот Методија Илиевски.

Анастасија Трајковска, советник и архитект, рече дека час поскоро треба да се оформи работното тело и да се изработи новата програма за да имаат угостителите осум месеци за да се подготват пред новата зимска сезона. Таа направи споредба со градови каде кафулињата на главната улица се затворени, но, се доста посетени оние покрај реката кои не се заградуваат.

-Кај нас не зборуваме само за затворење, туку и за поголем опфат на просторот надвор каде се поставуваат маси и колку се почитуваат дадените димензии за поставување урбана опрема за минувачите да можат да се движат. Ако е заградено од сите четири страни тоа не е простор за пушење, мора да има вентилација. Час поскоро да се формира работната група, има многу примери во светот каде што токму во заштитени јадра на стари структури со културно наследство се нашле добри решенија што можат да обезбедат простор на пушење и не е херметички затворен од сите четири страни-рече Трајковска на седницата на Комисијата за јавни и комунални дејности на Советот на Општина Битола.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*